Воспитување

Навики на среќните семејства

Овие правила, на кои се придржуваат среќните семејства, ќе ви помогнат куќата повторно да ја претворите во дом.
Дали понекогаш имате впечаток дека вие трчате на една страна, а партнерот на друга, децата… по својот пат, па дома се среќавате само на поминување? Еве „правила“ до кои се придржуваат среќните семејства, а ќе ви помогнат куќата повторно да ја претворите во дом.

Утврдете ја вашата семејна „мисија“. Тоа ќе ве направи поблиски, а децата ќе бидат свесни за семејните вредности. И најмладите нека придонесат, формулирајќи го на свој начин тоа што го доживуваат како „мисија“ на вашето семејство.

Носете ги децата на места што се важни за вашето семејство. Тоа може да биде место во кое се родени бабата и дедото, но и кафулето во кое се запознале мама и тато. На тој начин ќе ја зацврстите врската во семејството.

Раскажувајте приказни за другите членови на фамилијата. Запознајте ги децата со семејната историја, нека знаат за веселиот вујко од страната на бабата, за строгата тетка што остана „стара мома“ од страната на дедото….
Раскажувајте им што правеле членовите на фамилијата на денот кога се родиле тие, како им соопштивте на бабата и дедото дека ќе добијат внуче… Таквите приказни придонесуваат за создавање близина, а децата растат свесни за радоста што ја предизвика нивното доаѓање на светов.

Децата да бидат блиски со бабите и дедовците. Одвојте време за посета на бабата и дедото, дури и кога сте мртви уморни, дури и кога не знаете каде ви е главата од многу работа. Таа нежност што децата ја добиваат од бабата и дедото останува за цел живот и е извор на љубов и сигурност, на сосема поинаков начин од родителската љубов.

Организирајте семејни состаноци. Еднаш неделно седнете со децата и прегледајте го сето она убаво и помалку убаво што ви се случило во претходните неколку дена и направете план за викендот што доаѓа.

Чувајте ги семејните ритуали. Тоа може да биде посета на зоолошката градина сабота претпладне, филмски петок, ручек во омилениот ресторан во првата недела од месецот или нешто сл. Но кога еднаш ќе ја почнете традицијата, нема отстапување ни поради состанок ни поради средување на куќата. Тоа нека биде ваше време.

Сите да го ценат тоа што го прави другиот. Научете ги децата дека „благодарам“ е убав збор кој не е резервиран само за другите луѓе, туку и за мама и тато, братчето или сестричето.

Дружење „еден на еден“. И покрај уживањето во заедничката игра, на децата им е потребно време „еден на еден“ со родителите, па погрижете се да им го обезбедите тоа.

Смејте се заедно. Шегувајте се, гледајте комедии, но пред сѐ, научете ги децата да се шегуваат на своја сметка. Тоа е добар начин да ја зацврстите врската во семејството.

Јадете заедно. Иако не е секогаш лесно да се изведе тоа поради обврските околу работата или училиштето, погрижете се барем неколку пати неделно да се соберете околу трпезариската маса. Тоа може да биде појадок во сабота, кога може да јадете и во пижами, или вечера во среда…

Разговарајте. Ама вистински разговарајте. И вие со партнерот, и вие двајцата со децата. Без препреки како е-пораки, СМС-пораки или вести на телевизија. Активно слушајте што кажуваат другите членови на семејството. Така ги учите децата дека нивниот глас е важен, но и дека е важно да умеат да ги слушаат другите. Тоа е една од најважните животни лекции што можете да им ги дадете.

Сакајте се. И вие со партнерот зашто е важно децата да видат и да почувствуваат дека мама и тато се сакаат, а сакајте ги и галете ги и децата. Барем додека се мали. Штом малку ќе пораснат, ќе почнат да бегаат, па ќе ви биде жал што не сте го правеле тоа почесто додека биле мали.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top