Ако доите или некогаш сте доеле, тогаш сигурно знаете колку е тоа тешко, но и магично. И колку придобивки носи и за мајката и за бебето. Познато е дека доењето ја намалува можноста за појава на кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2, ревматоиден артритис и го намалува ризикот од изненадувачка смрт на новороденчето.

Ако ова не ви е доволно, тогаш треба да знаете дека научниците откриле оти бебињата што се доени имаат во својот стомак pH која поттикнува формирање HAMLET (Human Alpha-lactalbumin Made Lethal to Tumor cells). HAMLET е откриен случајно, кога научниците ги проучувале антибактериските својства на мајчиното млеко. Тоа е, всушност, комбинација од протеини и липиди кои ги има во млекото, кои кога работат заедно, ги убиваат клетките на канцерот така што ги тераат да се повлечат од здравите клетки, да се намалат и да исчезнат, оставајќи ги здравите клетки недопрени.

Како што кажуваат истражувачите од Универзитетот „Лунд“ во Шведска, овој механизам може да има значајно заштитно влијание и да придонесе за ефектите што мајчиното млеко ги има во спречувањето на детските тумори и леукемијата (кои сочинуваат околу 30 отсто од канцерите во детството). И други научници откриле, низ 18 различни студии, дека од 14 до 19 отсто од сите леукемии во детството може да се спречат ако мајката дои 6 или повеќе месеци. И тука не е крајот. Докторите од Шведска, во соработка со научен тим од Прага, докажале дека компонентата на мајчиното млеко Alpha1H (тоа е всушност вид шеќер), а може да се најде само во мајчиното млеко, го поттикнува производството на лактоза и може да се трансформира така што помага во разбивањето на туморите на микроскопските фрагменти во телото.

Пациентите на кои им е даден лек направен врз основа на овој млечен шеќер исфрлиле цели фрагменти на тумор низ урината, за разлика од плацебо-групите. Покрај тоа, постојат лабораториски истражувања кои докажале дека овој лек може да убие повеќе од 40 различни видови канцерогени клетки кај животните кај кои е тестиран, а тоа ги вклучува и клетките на тумор во мозокот и во дебелото црево.

Резултатите ги инспирирале научниците да го продолжат истражувањето на HAMLET, како нов пристап во терапијата на различни видови тумори, а Alpha1H да го направат достапен за пациентите што боледуваат од овие тешки болести.

Заклучок? Ако одлучите да доите, секоја капка од млекото што вашето бебе ќе ја добие е вредна за огромниот труд што морате да го вложите. Бидејќи, тој процес не е лесен за секого.

Извор



912

X