Според истражување на белгиски научници, децата имаат помала шанса да се заразат со Ковид-19 на училиште отколку дома.

Научниците од Националното здравствено тело во Белгија откриле дека стапката на пренесување на коронавирусот во училниците е далеку пониска отколку во домот.

Само 0,8 отсто од младите во карантин, во рамките на системот за следење контакти, биле позитивни на вирусот. Стапката е повисока кај наставниците – околу 4,5 отсто.

Заразените лица честопати им го пренесуваат коронавирусот на околу 20 отсто од роднините во нивниот дом, тврди белгискиот државен виролог Стивен ван Гухт.

Експертите веруваат дека децата се исто толку изложени на Ковид-19 колку и возрасните. Но, истражувањата посочуваат дека тие имаат помала веројатност да ја пренесат болеста.

Истражувањето беше спроведено од Институтот „Сиенсано“. Околу 378  заразени со коронавирус биле пријавени во училишта во Белгија помеѓу март и јуни, од кои 270 биле ученици, а 108 биле вработени.

Околу 4.470 деца на возраст под 18 години биле ставени во самоизолација бидејќи биле во контакт со позитивен случај. Само 36 ученици биле позитивни, што значи дека или биле заразени на училиште или во нивниот дом.

Во меѓувреме, од 243 вработени 11 биле заразени, што е стапка од 4,5 отсто.

– Можеме да кажеме дека процентот на инфекции на училиште е многу мал – изјави белгискиот државен виролог.

Тој додаде дека стапките на пренесување дома се многу повисоки – луѓето обично го пренесуваат вирусот на 10 до 20 отсто од членовите на семејството. Ова доаѓа откако медицинската агенција на Европската Унија објави бројки што покажаа дека повторното отворање на училиштата не доведе до зголемување на бројот на заразени.

Експертите од Европскиот центар за контрола на болести во извештајот од 6 август заклучија дека пренесувањето на вирусот од дете на дете во училиштата би било ретко. Тие додаваат дека повеќето деца се заразуваат на друго место, така што училиштето не е главно место за инфекција кај децата.

– Постојат спротивставени објавени докази за влијанието на затворањето/повторното отворање на училиштата врз нивото на пренос во заедницата, иако доказите од следењето на контактите во училиштата и податоците од голем број земји на ЕУ укажуваат на тоа дека повторното отворање на училиштата не е поврзано со значително зголемување на преносот во заедницата. Тековните докази покажуваат дека училиштата не се разликуваат од кое било друго опкружување во однос на ризикот од ширење на вирусот – се вели во извештајот.

Извор



912

X