Редовниот разговор меѓу родителите и нивните бебиња би можел значително да придонесе за обликувањето на структурата на мозокот на детето, додека тој орган сѐ уште се развива, покажува новото истражување на британските научници. Студија спроведена од истражувачи од британскиот универзитет „Ист Англија“ покажала дека невроните кај многу мали деца со кои родителите редовно зборувале се поефикасни.

Имено, скенирањето открило дека областите на мозокот одговорни за обработка на говорот и јазикот, сложените функции кои зафаќаат неколку дела од церебралниот кортекс, содржат поголема концентрација на миелин. Тоа е мека бела повеќеслојна обвивка составена од липиди и протеини што ги обвива невроните и им овозможува да испраќаат пораки побрзо и поефикасно.

Не е познато дали дополнителниот миелин е одговорен за јазичните способности на две и полгодишното дете, но научниците веруваат дека тоа би можело да биде од големо значење. Се вели дека миелинот обвиткан околу неврон личи на леплива лента поставена на цевка со дупки. Тоа му помага на невронот да прима повеќе сигнали на патот од точката А до точката Б, а со тоа ја зајакнува врската со другите неврони.

Порака до родителите – зборувајте со децата, тоа им го обликува мозокот

Иако научниците треба дополнително да ги проучуваат споменатите процеси, пораката до родителите е јасна – зборувајте со вашето бебе, вашето многу мало или малку постаро дете, зборувајте“, вели Џон Спенсер, когнитивен психолог од Универзитетот „Ист Англија“. „Покрај тоа што детето ве слуша, тоа што го кажувате влијае врз неговиот мозок и на тој начин го обликува“.

Пораката е едноставна, но како дел од студијата се покажало дека повеќе зборување со детето не секогаш стимулира поголема ефикасност на невроните во неговиот мозок. Затоа, научниците одлучиле во текот на три дена, на 140 деца, да постават мини-уреди за снимање со цел да слушаат над илјадници часови аудиоснимки за тоа што го слушаат децата на секојдневна основа.

Потоа, нешто повеќе од половина од децата биле подложени на магнетна резонанса додека спиеле. Се покажало дека кај шестмесечните доенчиња користењето поголема количина на говорен јазик на дневна основа е поврзано со помала миелинизација, што е спротивен резултат од оној кај двегодишните деца.

Развојот на детскиот мозок поминува низ различни фази

Иако резултатот бил неочекуван за научниците, проф. Спенсер објаснува дека развојот на мозокот на бебето природно поминува низ неколку фази. Понекогаш нивниот мозок е зафатен со изградба на нови клетки, додека другпат е зафатен со прочистување на клетките што веќе ги изградил. Се чини дека во првите неколку години растот на овој важен орган е најзначаен, па до втората година детскиот мозок достигнува 80 проценти од волуменот на мозокот на возрасен.

„Податоците покажуваат дека зборувањето со дете на шест месеци е исто толку важно како и со постаро дете на 30 месеци. Но, тоа зборување влијае врз мозокот на детето поинаку бидејќи е во друга состојба“, пишува Спенсер во една неодамна објавена статија.

Иако за тоа во моментов може само да се шпекулира, ако шестмесечното бебе многу често е изложено на говорот на родителите, експертите велат дека е можно тоа да ја одложи миелинизацијата, но истовремено да се стимулира раст на мозокот.

Салони Кришнан, научничка специјализирана за развојна когнитивна невронаука, која не бил вклучена во студијата, изјавила дека треба да се направат повеќе истражувања за подобро да се разбере улогата на миелинот во учењето.

„Сè уште не е целосно јасно дали поголема миелинизација во овие области на мозокот е важна за идниот јазичен или когнитивен развој, или ова е стабилен модел во текот на детството“, вели таа. Сепак, многу студии покажале дека изложеноста на детето на говор и јазик е важна за идна јазична обработка, за вокабуларот, граматиката и вербалното расудување.

Само неколку часа по раѓањето, мозокот на бебето покажува знаци дека веќе ги учи јазичните звуци, а таканаречениот бебешки разговор е исто така поврзан со подобрување на јазичните вештини на долг рок. Уште повеќе, претходните студии покажале дека децата на возраст меѓу четири и шест години кои повеќе разговараат со возрасните покажуваат поголема миелинизација во областите на мозокот поврзани со јазикот.

Истражувачите истакнуваат дека треба да се направат повеќе истражувања за подобро да се разбере како таквите структурни промени во еден момент во времето влијаат врз учењето јазик.

Во секој случај, сите се согласуваат со следното: децата апсорбираат многу повеќе од она што го кажуваме, многу повеќе отколку што мислиме. Студијата е објавена во стручното списание „Журнал за невронаука“.

Извор



912

X