Игротека

Научниците тврдат дека АДХД може да се открие со набљудување на еден дел од човечкото тело

Научници од Јужна Кореја тврдат дека карактеристиките на задниот дел од окото може да се поврзат со нарушувањето на вниманието и хиперактивноста (АДХД), неврорразвојно нарушување што влијае врз концентрацијата, контролата на импулсите и нивото на активност.

Користејќи компјутерски модел базиран на вештачка интелигенција, тимот анализирал слики од мрежницата на 323 деца и адолесценти со дијагностициран АДХД и 323 деца без дијагноза.

Моделот, кој покажал точност од 96 отсто, открил дека лицата со АДХД имаат специфични разлики во окото особено во формата и шемата на крвните садови. Промените, како што се поголем број крвни садови, подебели садови и помали оптички дискови (што ја поврзуваат мрежницата со мозокот) се покажале како можни показатели за присуство на АДХД.

Овие промени во окото би можеле да одразуваат разлики во мозочната поврзаност поврзани со АДХД, имајќи предвид дека мрежницата е тесно поврзана со мозокот.

Истражувачки тим од Медицинскиот факултет при Универзитетот Јонсе во Сеул нагласува дека нивната анализа на мрежницата покажала потенцијал како неинвазивен биомаркер за рано откривање на АДХД.

– Претходните исклучително прецизни модели користеа различни променливи кои постепено придонесуваа за разликување на испитаниците. Нашиот пристап ја поедноставува анализата, фокусирајќи се исклучиво на фотографии од мрежницата. Оваа стратегија, заснована на еден извор на податоци, ја зголемува корисноста на нашите модели – велат научниците.

Новите сознанија би можеле да овозможат побрза и поточна дијагноза на ова нарушување.

Сепак, и покрај значењето на резултатите, научниците истакнуваат дека станува збор за прелиминарно истражување со ограничен број учесници и возраст (просечната возраст на испитаниците била девет години). Тимот планира да го прошири истражувањето со поголем број испитаници, од поширок возрасен опсег, вклучувајќи и лица со други развојни тешкотии, како што е аутизмот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top