Воспитување

Научете ги децата да ги препознаат луѓето што сакаат да им наштетат

Блогерката Мишел Томлинсон сподели неколку добри совети што можат да им помогнат на родителите без застрашување да ги научат своите деца од какви личности да се чуваат, а на кои можат да им веруваат.
Разговорот со својата петгодишна ќерка Ајви, Мишел го започнала со прашањата: „Што значи непознато лице?“ и „Со кои лица можеш да заминеш некаде ако те повикаат?“
Тогаш таа почнала да ги реди членовите од потесното и од поширокото семејство како примери на лица од доверба. Потоа ѝ укажала на ќеркичката дека полицајците, пожарникарите и луѓето што работат во продавниците исто така се луѓе на кои може да им се обрати во случај на некаква опасност.
Зборувала со Ајви и за лошото „чувство во стомакот“ што се јавува во присуство на одредени лица. Таа ѝ објаснила на ќеркичката дека на тој начин нашиот ум и телото знаат дека нешто не е во ред. Тоа значи дека ако во присуство на некое непознато лице се чувствуваме необично и ако таа ситуација нè загрозува, веднаш би требало да реагираме и на лицата што се во нашето опкружување да им сигнализираме дека сме во опасност.
Мишел издвоила неколку совети што можат да им помогнат на родителите на едноставен начин да ги научат своите деца како да направат разлика меѓу добрите и лошите непознати лица.

Како да се препознае лице со лоши намери?

1. Тоа е која било личност што кај нас предизвикува чувство на непријатност. За таквите лица обично велиме дека во нас предизвикуваат некакво „чудно“ непријатно чувство во стомакот.
2. Овие лица можат да бидат и убави и грди. Пријатниот надворешен изглед не гарантира дека некое лице нема лоши намери.
3. Непознато лице никогаш нема да бара услуга од дете. Научете го детето дека ако му пријде непознато лице и на пример побара заедно да го побараат кучето или нешто друго што се изгубило, дека тоа лице има лоши намери.

Како да го научите детето дека некое непознато лице има добри намери?

1. Научете го детето кои се лицата на кои може да им се обрати во случај да се изгуби или кога му треба некаква помош, а родителите не се во близина. Тие лица се: полицаец, учител или лице што работи во некоја продавница или ресторан.
2. Најдобро е секогаш да бараат помош на некое јавно место, каде што има многу луѓе.
3. Секогаш кога ќе имате можност, покажете им ги на децата лицата на кои може да им верува и на кои може да им се обрати за помош.

Како детето да препознае опасна ситуација?

1. Ако непознато лице од детето побара да направи нешто лошо или нешто што родителите му забраниле да го прави.
2. Ако непознатото лице побара од детето да чува некаква тајна.
3. Ако непознато лице од детето бара некаква помош, на пример, да го праша дали сака заедно да го бараат неговото изгубено куче.
4. Правилото: „Речи не, бегај, викај и кажувај!“ Таа советува на детето да му објасните дека е сосема во ред на непознато лице што му предизвикува непријатно чувство или го загрозува на некој начин да му каже НЕ. Исто така, добро е да го посоветувате дека во такви ситуации треба да побегне што е можно побрзо и да вика на цел глас, а потоа на родителите и на лицата од доверба да им каже што се случило.

Накратко, научете го детето:

1. Да му верува на својот инстинкт. Ако се чувствува чудно или непријатно во нечие присуство, веднаш да побегне од тоа лице и да побара помош од родителите или од лицата од доверба.
2. Да ги известува родителите каде се наоѓа во секој момент.
3. Да бега на безбедни места ако се наоѓа во опасност, главно на јавни места, каде што има многу луѓе кои можат да му помогнат.
4. Што погласно да вика „НЕ“ за да ги алармира другите луѓе да му помогнат.
5. Секогаш да биде во нечие друштво, ако е можно тоа.
6. Никогаш на непознато лице да не му открива лични информации како што се името, презимето и адресата.
7. Да разбере дека на непознато лице не смее да му ја отвори вратата од домот и да зборува преку телефон или интернет со непознати лица.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top