Иако секој родител се обидува да го заштити детето и од физички и од емотивни рани, тоа порано или подоцна ќе мора да се соочи со многубројни разочарувања. Тоа не е лошо, особено ако од секоја ситуација извлекува некоја порака и учи како да се справи со оние помалку убави страни на животот.

Детството нам, на возрасните, ни изгледа како безгрижна фаза од животот бидејќи сме заборавиле на многубројните несакани ситуации со кои сме се соочувале како деца – лоши оценки, кавги со најдобрите пријатели, неправди, исклученост од училишниот тим… Таквите ситуации се многу на број и се зголемуваат како што расте детето, па подобро би било што порано да научи да се справува со нив. Научете го детето да има реални очекувања и да не бара совршенство ниту од себе ниту од другите. Доволно е да има позитивен став, да верува во себе и да се надева дека вложениот труд ќе му се исплати. За жал, животот не функционира секогаш според системот на правда, па не е лошо да го научите дека понекогаш работите можат да тргнат во несакан правец.

Учете го да биде флексибилно. Ригидните личности тешко отстапуваат од своите верувања, ставови, замисли и навики, поради што наидуваат на поголеми тешкотии од лицата што умеат да се приспособат во моментот, а со самото тоа и со непредвидените ситуации. Затоа научете го детето да не тера инает, особено ако не е во право и ако знае дека тоа нема да му донесе ништо добро. Тоа, се разбира, не значи дека треба да се откаже од системот на вредности што сте му ги всадиле кога било мало. Покажете му дека треба да ги прифати негативните емоции како составен дел од животот, како минлива фаза од која ќе научи како во иднина да реагира во слични ситуации. Поттикнете го да го совладува стравот од разочарување, за подоцна да не го блокира.

Помогнете му и мотивирајте го детето за да не остане „заглавено“ во негативните емоции. Корисно е да се погледне наназад и да се уочат своите грешки или туѓите лоши постапки. Меѓутоа, долгорочното заглавување и враќањето на разочарувањето само ќе го задржи в место. Покажете му како поразите да ги гледа низ малку поинаква призма, а не исклучиво како нешто негативно.

Извор



912

X