Врсниците можат да направат пекол од животот на детето затоа што тоа носи очила или „погрешен“ џемпер.
Замислете го осумгодишникот со црвена коса и огромни очила. Тој има и око кое „шета“, а притоа и пелтечи. Бидејќи живее во Англија, каде што многу се задеваат со црвенокосите, децата трчаат по него и викаат: „Морков!“ Бидејќи многу деца го задеваат, тој престанува да се јавува и да учествува на часот. Малиот „чудак“ пронаоѓа свое засолниште во црковниот хор и со години седи дома и вежба гитара.
Дваесет години подоцна целиот свет ја знае неговата песна „Shape of you“. Ед Ширан ја добива титулата од Редот на Британското Кралство и 115 музички награди. Го сакаме затоа што е талентиран и скромен.
Да се биде различен, може да биде сурово. Но дури и кога не сте „кул“, на крајот можете да постигнете големи работи во животот.
Сега Ед ги охрабрува децата да ги прифатат своите различности наместо да се срамат од нив:
„Да се биде чуден е прекрасно“, рекол во својот мотивациски говор во 2017 година кога зборувал за своето искуство од детството. Тој успеал во животот токму поради својата ексцентричност.
Проблемот со тоа што сте различни
Сакаме предвидливост. Сакаме другите луѓе да бидат како нас и затоа го осудуваме секој што е различен. Додека тој некој не постигне успех. Потоа, главно го мразиме или му се восхитуваме.
Да се биде различен е тешко.
На детето, прифаќањето од страна на неговите врсници му значи сè на светот. Децата што изгледаат поинаку или се во аутистичен спектар, геј, од друга култура или со некоја попреченост немаат среќа само затоа што не се како другите.
Да се биде различен е нормално. Не можете да направите ништо во врска со тоа какви сте се родиле. Верверичката има преубав кафеав опаш, лилјакот има тенки црни крилја. Прифатете ја својата крв, својата глава и стапала. Ако го криете своето вистинско јас, ќе бидете несреќни. Секој треба да се чувствува убаво во сопствената кожа.
Да се биде различен е добро. Луѓето што не се како нас дефинираат што е прифатливо за сите луѓе. Тие нè инспирираат да имаме повеќе цели. Тие водат битки кои поголемиот дел од нас не се ни осмелуваат да ги водат бидејќи повеќе сакаат да им биде удобно. Полесно е да се биде дел од општеството.
Да се биде различен значи и да се инспирира.
Како да им помогнете на своите деца ако се „аутсајдери“
Бидете им силна поддршка во растењето. Сакајте ја нивната единственост, за и тие да си ја засакаат. Еве што советуваат експертите во врска со тоа што да им кажувате на вашите деца:
– Приказни од детството
Се сеќавате кога како дете сте се чувствувале лошо? Сега раскажете му ја таа приказна на своето дете. Тоа ќе сфати дека сите понекогаш се чувствуваат како аутсајдери. Но, тоа поминува. Да се надеваме дека тоа ќе го надминете и ќе продолжите понатаму.
– Твојата автентичност може да те направи уште покреативен
Џесика Кокс нема раце. Сепак, оваа преубава жена има дозвола да пилотира, да вози автомобил без вештачки раце и има црн појас во теквондо. Исто така, има и факултетска диплома по психологија. Сама си ги става леќите! Сè се може кога се сака.
– Тоа што си различен може да те направи похрабар
Твојата особина поради која си различен од другите е како да имаш сини очи, а сите околу тебе кафеави. Доволно си добар таков каков што си. А кога тоа ќе го сфатиш, ќе можеш да правиш работи кои другите деца не се осмелуваат да ги прават, бидејќи си ја надминал поголемата препрека.
Сконцентрирај се на целта. Предизвици секогаш ќе постојат. Ако си упорен, ќе ги надминеш. Ако не успееш, обиди се повторно. И повторно. На сите им се случува да не успеат. Кога животот е тежок, најди работи кои можеш да ги контролираш. Обиди се тоа да го промениш бидејќи можеш да промениш сè . Барај поддршка од своите најблиски и обиди се повторно.
– Ако некој навистина те сака, нема да ти биде непријатно
Затоа, биди со оние што те сакаат. Не губи време на децата што се лоши. Можеш да живееш дури и без оние што се најпопуларни на училиште.
„Ти си доволен сам на себе. Немаш што да докажуваш некому“ – Маја Ангелоу.
– Ќе станеш подобра личност
Животот често е непријатен. Но, кога си во ситуација да се чувствуваш лошо, тоа може да ти послужи да израснеш во силна личност. А лошото секогаш поминува. Нешто од сето тоа ќе научиш. Запрашај се какво знаење можеш да извлечеш од таа ситуација. Најубавиот подарок што можеш да го добиеш е да станеш попаметен. Лесно е да бидеш лош затоа што некое дете те повредило. А, ако и понатаму си добар кон другите, луѓето ќе те сакаат и ќе ти се воодушевуваат.
Изградете ја отпорноста на детето така што ќе му давате поддршка и ќе му помагате за некоја ситуација да не го преплави: секој има некаков капацитет со кој се носи во тешки ситуации, не се снаоѓаат сите ако само ги „фрлите“ во вода да пливаат.
– Ќе ја цениш автентичноста на другите луѓе
Ако си различен, ќе ја гледаш убавината во другите аутсајдери. Така можеш и да научиш повеќе од нив отколку што можат другите луѓе. И повеќе луѓе ќе те сакаат и почитуваат бидејќи имаш толку разбирање за другите.
Никој не сака да стои сам, но некогаш немаш избор. Како што вели Денис Мерит Џоунс во својот текст „Силни ветрови, силни корени“, на дрвјата им се потребни силни ветрови за да растат. За да стане повисоко, на дрвото му треба длабок корен за да го поддржува. Кога ветровите дивеат, корените на дрвото растат длабоко во земјата. Гранките се нишаат, но стеблото цврсто стои. Ветровите може да бидат добри. Може да нè научат како да се приспособиме на околностите, а да останеме цврсти. Може да нè направат посилни и флексибилни.
Автор: Марија Милојковиќ, автор на детска книга