Доколку го научите вашето дете навреме и на правилен начин, тоа може да биде позитивно искуство кое ќе ја зголеми неговата самодоверба
Голтањето медикаменти е многу важна вештина која многумина од нас ја земаат здраво за готово. Многу работи – од анксиозност до тврдоглавост – кај многу деца може да направат тешкотии при голтањето медикаменти.
Меѓутоа, не грижете се, како и секоја вештина, за да се научи, потребно е вежбање. Доколку го научите вашето дете навреме и на правилен начин, тоа може да биде позитивно искуство кое ќе ја зголеми неговата самодоверба.
Зошто таблети/капсули?
Повеќето медикаменти за деца се во течна (chewable) форма. Но одредени медикаменти се најдобри во форма на капсули или таблети. Факт е дека одредени таблети мора да се проголтаат цели и не смеат да бидат скршени, здробени или џвакани бидејќи тоа понекогаш може да биде многу опасно. Некои медикаменти се наменети да дејствуваат по неколку часа во желудникот или цревата, а не веднаш да бидат здробени.
Пред да му дадете каков било медикамент на вашето дете, прочитајте го упатството или прашајте го докторот.
Кога треба да ги научиме нашите деца?
Секое дете е уникатно. Затоа и возраста на која децата учат да проголтаат таблета варира. Прво избегнувај да го споредуваш твоето дете со другите на негова возраст или со брат, сестра. Генерално децата треба да се на возраст минимум 5 години (најчесто по 7-мата) и да се кооперативни и мотивирани да научат нешто ново.
Најдобро е да ја научите оваа вештина уште пред да му се потребни таблетки на вашето дете, така што кога ќе дојде моментот, нема да биде под притисок. Почнете со нешто мало, како половина мало лажиче сладолед или чоколадни трошки за колачиња. Ставете мала количина на јазикот на вашето дете и со помош на голтки вода храбрете го да ја проголта. По неколку успешни обиди зголемете ја големината на 0,5 сантиметри мали чоколадни парченца. Откако и тоа ќе го совлада, може да пробате со витамински таблети, што е последната фаза на учење.
Вежбајте дома кога мобилните и телевизија се исклучени, за да не им го одвлекуваат вниманието на децата. Не очекувајте дека децата ќе научат преку ноќ. Вежбајте 5 минути дневно во текот на две недели.
Како да вежбате?
Пред да почнете со вежбањето, потсетете ги вашите деца на други вештини што ги стекнале (возењето велосипед или врзувањето на чевли), потоа објаснете им зошто е тоа битно. Прво вие треба да му бидете пример на вашето дете и да му покажете како се голта таблета. Никогаш немојте да пробате да го измамите детето со тоа што ќе му подметнете таблета во храна. Така ќе направите расправија, детето ќе ја изгуби довербата во вас и ќе му се појави одвратност кон таблети.
За да ја проголта таблетата, вашето дете треба:
– Да седи исправено со главата централно поставена и во неутрална положба, ни нанапред и секако не наназад зафрлена.
– Прво ќе му дадете вода да проба да пие голтка по голтка.
– Потоа ставете ја таблетата на јазикот на вашето дете, дајте му вода и кажете му да голта.
– Понекогаш наместо вода, може да користите млеко, милкшејк или пудинг.
– Проверете дали навистина ја проголтало таблетата.
– Доколку е, пофалете го вашето дете!
– Доколку не е, смирете го и охрабрете го, направете пауза, па пробајте повторно. Секако, може да продолжите подоцна или наредниот ден.
– Доколку таблетата ви се чини голема, прашајте го вашиот доктор дали може да ја скршите.
На кои деца треба да им се обрне внимание?
– Деца што се анксиозни или многу се плашат.
– Деца што претходно имале лошо искуство со голтање таблета (гадење и повраќање).
– Деца што имаат пречки во развојот: орално-моторни тешкотии (говорни проблеми или одбивност кон типови на храна) или бихевиорални проблеми.
За овие деца може да го пролонгирате вежбањето, а добро е и да се консултирате со доктор!
912