Воспитување

Научете ги децата на бонтон: Овие правила постојано треба да им ги повторувате

Децата не се намерно непристојни, туку едноставно сѐ уште не ги знаат правилата на учтиво и културно однесување, објаснуваат психолозите. Најдолго се паметат моделите на однесување научени до седумгодишна возраст, а децата пред да тргнат на училиште треба да знаат дека не треба гласно да коментираат за нечиј изглед.

Во секојдневното брзање, родителите немаат секогаш време да се фокусираат на правилата на бонтон. Доколку често ги повторувате овие едноставни правила на начин соодветен за возраста на детето, бидете сигурни дека ќе воспитате учтиво дете. Правилата на однесување научени во раното детство детето ќе ги памети до крајот на животот, а тоа добро ќе му дојде во сите животни ситуации, дури и во зрелоста.

Магични зборови

Кога сакате некој да ви даде нешто, кажете „те молам“. Кога ќе добиете нешто, кажете „благодарам“. Ако згрешите, велите „извини“.

Не прекинувај разговор

Не прекинувај ги возрасните во разговорот, освен ако не е навистина итно и важно. Биди трпелив и почекај.

Добро, а ти?

Кога некој ќе те праша како си, кажи му како се чувствуваш и прашај го истото.

Нема дебели

Не е пристојно да се коментираат физичките карактеристики на другите луѓе како дебелината, начинот на кој одат или фризурата. Освен ако не даваш комплименти.

Не фрлај ѓубре

Не е убаво да се фрла ѓубре дома или на улица. Кога јадеш чоколадо, ѓубрето фрли го во корпата за отпадоци. Ако нема во близина, стави го в џеб и фрли го подоцна.

Извини, ми требаш

Ако веднаш ти треба некој возрасен, најљубезниот начин да го викнеш е да кажеш „Извини, ми требаш“.

Смеам да го направам тоа?

Ако не си сигурен дека треба да направиш нешто, побарај дозвола од возрасен.

Биди добар гостин

Кога одиш на гости кај другарче, поздрави ги домашните, однесувај се учтиво и на крај заблагодари се за гостопримството.

Тропни на врата

За да влезеш некаде каде што вратата е затворена, задолжително тропни.

Заблагодари се за подарокот

Не заборавај да се заблагодариш за подарокот што ќе го добиеш, дури и ако не ти се допаѓа.

Отстапи им место на постарите

Ако се возиш во јавен превоз каде што има малку слободни места, понуди го местото на постари луѓе, бремени жени и мајки и татковци со бебе в раце.

Помагај им на другите

Кога влегуваш некаде, погледни зад тебе да не влегува друг, за да ја задржиш вратата. Понуди помош дури и ако никој не го бара тоа од тебе.

Измиј ги рацете пред да седнеш да јадеш

Важно е да ги миеш рацете со сапун, особено пред јадење, по одење во веце, по посета на стоматолог, лекар или откако ќе играш надвор.

Бонтон на маса

Правилно користи го приборот за јадење. Ако не знаеш како, замоли ги родителите да те научат. Не фаќај работи преку масата – можеш да ги превртиш или нешто да истуриш. Замоли некој возрасен да ти го подаде тоа што ти треба.

Работи и научи нешто ново

Не лути се ако мајка ти те замоли да ги измиеш садовите, туку направи го тоа со насмевка. Ако видиш како некој работи, прашај дали можеш да помогнеш – со тоа ќе научиш нешто ново.

Не навредувај

Не навредувај ги луѓето. Ако некој згрешил нешто, не е учтиво да му кажеш дека е глупав или несмасен. Воздржи се од лоши зборови.

Не тепај се

Многу е лошо да удриш некого, без разлика дали е посилен или послаб од тебе, дури и ако многу те налутил. Уште полошо е да се здружите неколку другари за да истепате или исмевате некого.

Не користи пцости и прости зборови

Никогаш немој да користи пцости и прости зборови пред возрасните. Тие веќе ги слушнале овие прости зборови и не им се интересни, туку непријатни и досадни.

Извор

Поврзани написи

To top