Американскиот водител и автор Роџерс им велеше на децата да „ги бараат помагачите“ – луѓето во светот кои работат за да им помагаат на другите и шират добрина, дури и во предизвикувачки времиња. Но, не треба да бидете возрасен за да бидете помагач. И децата може да ја играта оваа улога.

Всушност, да се учи детето од мало дека треба да помага е добар начин за да се развива и да порасне во возрасно лице кое ќе сака да го направи светот подобро место за живеење.

– Помагањето на другите ги гради карактерот, самодовербата, одговорноста, несебичноста и алтруизмот – вели Хилари Кибли, педијатриски психолог од Детската болница во Далас.

Помагањето на другите ја зајакнува свеста за потребите на другиот и создава поглед на разбирање. Помагањето на другите нè учи на добро граѓанство, ни го подобрува расположението и со тоа ги редефинираме личните вештини. Па како родителите да ги научат своите деца да бидат граѓани кои ќе им помагаат на другите? Експертите ги споделуваат своите совети на оваа тема.

Помогнете им да ги користат своите силни страни

„Сите имаме уникатни лични животни искуства кои ни овозможуваат да им помагаме на другите на различни начини“, вели Рупа Мехта, основач на „Subject of Self“, бесплатна социјално-емоционална програма за деца.

– Помошта може да дојде во многу форми, од емпатија, до генерирање идеи за решавање проблем, до завршување на домашната задача. Родителите треба да им помогнат на децата да ги препознаат уникатните начини на кои може да помогнат и да искористуваат можности во согласност со нивните интереси. Ако вашето 4-годишно дете е опседнато со редење на своите камиони во совршена права линија во дневната соба и никој друг не смее да се меша во тоа, можете да го искористите неговото одлично внимание на детали и да ја побарате неговата помош за поставување поштенски марки на десниот агол од големиот куп празнични писма – вели Мехта.

Идентификувајте развојно соодветни задачи

– Генерално, важно е да се уверите дека задачите со кои детето помага се соодветни за неговата возраст – вели Кимбли. За малите деца од претшколска возраст се препорачуваат задачи како собирање на играчките, бришење на истурена течност, враќање на книгите на полиците и слично. Децата што одат на училиште може да ги ставаат валканите алишта во корпата, да ги собираат лисјата во дворот и да ги стават алиштата во машина за перење. Може да се волонтира и во некои активности во заедницата – добротворни цели, чистење на училиштето и слично, додава Кимбли.

Понудете пофалба и охрабрување

Родителите треба да го препознаваат вложениот труд на децата. „Децата обожаваат да бидат пофалени од некој што се грижи за нив“, вели едукаторот и автор на детски книги Кејси Рислов.

„Охрабрувајте ги во сите фази, ако детето ви помага со нешто, изразете благодарност. Исто така, зборувајте за неговите чувства. Кажете му на детето: – Убаво е чувството да се биде помагач, зарем не? – вели Сузан Гронер, автор.

Бидете пример за човек кој помага

„Бидете добар пример, децата секогаш гледаат. Колку повеќе децата набљудуваат помагање кон другите од ваша страна, толку е поверојатно да го имитираат тоа однесување“, вели Кимбли. Родителите имаат моќ да го направат помагањето на другите да биде норма и тоа да го очекуваат од своите деца. Можете да помагате и заедно со вашите деца во некоја локална активност. „Побарајте можности за да создадете случајни љубезни дела за другите пред вашите деца и охрабрете ги и нив да го сторат истото“, вели Грунер. Помогнете на некој на улица, задржете ја вратата за некого, кажете му нешто љубезно на непознат. Без да кревате многу прашина околу тоа, зборувајте какво било чувството да направите нешто убаво и неочекувано.

Нека биде забавно

Помагањето нека биде забавно искуство. Никој не сака листа со обврски, но често има задоволство во добро сработена обврска, па дури и во самиот процес. Пуштете музика и работете заедно со децата. Има многу начини да бидете креативни во помагањето на другите. Родителите може една задача да ја претворат во игра, па дури и да смислат песна која ќе го отсликува процесот на помагање. Прославете ја завршената работа со децата – „Одржувањето на забавата помага децата да останат заинтересирани и возбудени“, вели Рислов.

Нагласете ја поврзаноста со другите

Родителите треба да зборуваат за начините на кои помагањето влијае врз животите на другите – собирањето храна за луѓе што имаат потреба, пронаоѓање изгубена играчка и слично. Потенцирајте ги луѓето чии работи вклучуваат помагање на другите во заедницата, на пример, професиите на медицинските сестри и собирачите на ѓубре. Помагањето на луѓето може да создаде чувство на емпатија и поврзаност со другите. На возраст околу 9 години, децата може да работат со пријатели или членови на семејството во група за да му помогнат на некое семејство од заедницата. Така децата ја развиваат социјализацијата и комуникациските вештини, ја развиваат креативност и градат посилни пријателства засновани на заедничка цел, а истовремено учат и да воведат позитивна промена во нечиј живот.

Помогнете им да се чувствуваат посилни

„Сакаме децата да имаат чувство на одговорност, а за тоа да се случи, потребно е да се чувствуваат и почитувани и посилни. Сакаат да бидат третирани праведно и сакаат можности за да го искажат својот глас. Дозволете им да бидат водичи со ваша поддршка“, вели Мехта. Кога им давате задачи, не дефинирајте ги како казна или како индикација дека не сакате нешто да сторите сами. Туку дајте му до знаење на детето дека верувате во неговите способности.

Бидете трпеливи и флексибилни

Потребно е трпение за да им се даде време на децата да се обидат да завршат нешто што за нив е предизвик, а време е потребно и за да се совладаат вештини кои вклучуваат завршување на домашни обврски и волонтирање во активности. Добро е да се покаже трпение и флексибилност и во деновите кога едноставно не се чувствуваат добро за да помогнат. Тоа ги охрабрува да развијат мислење за помагањето бидејќи САКААТ, а не зашто МОРААТ.

Оставете ги да прават грешки

Правењето грешки им дава можност да се соочат со различности, да учат и да растат во поспособни возрасни. Дозволете им на децата да ризикуваат, велат експертите. Не претпоставувајте веднаш дека не можат нешто да завршат. Родителите, исто така, не треба веднаш да „дотрчуваат“ ако детето не успее нешто да заврши, туку треба да го учат детето како да го средува сопствениот неред и да веруваат дека со текот на времето ќе ги совлада вештините за спроведување на истото.

Научете ги децата да не очекуваат нешто за возврат

„Практичен совет за да му помогнете на вашето дете лично да се поврзе со улогата на помагач е да го охрабрите да се рефлектира на сопствените искуства на помагање. Како се чувствуваше кога помогна во тој случај, како се чувствуваше потоа, како мислиш дека се чувствувале оние на кои им помогна? Поставувајте ги овие прашања, па со процесирање на искуството може да им помогнете на децата да ја сфатат моќта на помагањето и да се чувствуваат подготвени за тоа и во иднина. „Научете ги децата да не очекуваат нешто за возврат. Обидете се да најдете начин да им помогнете на другите без да барате или очекувате признание или ресурси за возврат. Научете ги дека дури и да не добијат ‘благодарам’ за возврат, сепак е во ред да се помага“, вели Кимбли.

Автор: Каролин Болоња

Извор



912

X