Ако имате дете кое оди во градинка, тогаш сигурно добар дел од зимата ја поминувате закопани во планина од марамчиња и со инхалатор, а домашната аптека сте ја наполниле со сирупи против кашлица, разни пастили за грло и спреј за нос.

И така, најверојатно ќе поминете уште неколку зими бидејќи настинката е типична вирусна инфекција за децата од претшколска возраст. Сите знаеме дека во градинка има радосни моменти за дечињата, но и многу лоши моменти во вид на разни болести. Инфекциите и болестите се почести во градинка поради големиот број деца, но и децата кои не одат во градинка нема да бидат имуни. Тоа е така затоа што децата интензивно го градат својот имунитет додека да стигнат до основно училиште. И имунитетот, знаеме, се гради на болести. При секој напад на вирус или бактерија, имунитетот е посилен.

Хидратацијата на прво место

Можете да му помогнете на вашето дете да се бори против инфекцијата со хидратација! Ако редовно го хидрирате, ќе го одржите здраво мекото ткиво. За време на настинка телото користи многу течност. Кога се болни, бебињата и децата пијат неволно, особено кога носот им е полн, па затоа е исклучително важно да се внимава на доволен внес на течности.

Тоа е особено тешко за бебињата кои се доени или хранети со шише. За време на хранењето дишат низ нос, а доколку им е затнат носот, постои голема веројатност да одбијат да јадат или ќе јадат многу малку. Непријатноста за време на хранењето ќе придонесе и за тешкотии при голтање, поради промената на притисокот во ушите заради затнатиот нос. За да може вашето малечко полесно да голта и да дише, нахранете го од шише во малку подигната положба, а доеното дете во исправена положба.

Полека со храната

Ако вашето малечко јаде цврста храна или штотуку започнало со дополнително хранење, постои голема веројатност да одбие цврста храна за време на настинка. Ова може да потрае неколку дена и не е проблем сѐ додека детето добива доволно течности. Ако вашето бебе само се навикнува на каша, веројатно ќе сака дополнително да користи шише или да цица. За време на болест, педијатрите ќе ви кажат дека не е важно детето да јаде многу, туку да пие многу течности. Постарите деца нема да сакаат шише или цицање и ќе одбијат храна, па добар трик е да му понудите нешто што може да му се допадне на детето, на пример, овошје или домашен сок од комбинација на овошје.

Подигнете го креветчето

Настинката ги исцрпува децата во текот на денот, а преку ноќ станува ноќна мора! За време на спиењето, бебето лежи, па наместо низ нос, секретот истекува во грлото, што предизвикува кашлица која го буди. Затоа е добро да се подигне делот од креветчето во близина на главата на бебето. На тој начин нема да се разбуди кашлајќи и плачејќи и ќе се разбуди релативно одморено. За да го подигнете креветчето, ставете подвиткана крпа под душекот или дебела книга. Уверете се дека наклонот не е превисок за да не се лизне бебето надолу.

За време на возењето во количка, ако бебето сè уште не седи, обидете се малку да го подигнете, ако вашата количка е приспособлива на нивоа или користете перници или ќебе. Исто така, за време на настинката, добро е детето да го носите во кенгур или во шал за полесно да дише.

Хибернирајте

Напорното шмркање за време на настинка може да трае неколку дена. Вообичаено, најмногу ќе го има на почетокот на настинката, кога телото најинтензивно се бори со вирусите. Тогаш децата веројатно повеќе ќе страдаат од силно кивање, кашлање и отечени очи.

Бебињата ќе бидат вознемирени и ќе плачат повеќе од вообичаено за време на настинка, па затоа е добра идеја да им го одвлечете вниманието од настинката. Време е за хибернација! Останете дома, лечете се, но и играјте многу, пејте, читајте, главно – правете сè за да им го тргнете вниманието од настинката.

Штитете го носот

Носот на детето е веројатно полн со секрет, па ќе треба да се погрижите за тоа. Носот има многу важна задача – ги штити белите дробови на вашето малечко од разни бактерии. Токму поради тоа, носот на вашето дете ќе биде многу црвен, па дури и ќе има рани на него. Штом детето ќе се разбуди, натопете крпа или газа во топла вода и нежно избришете го носот за да го отстраните секретот кој се засушил и да не ја оштетите кожата. Откако ќе го измиете носот, исушете го и намачкајте го со благ крем. Погрижете се кремот да нема мирис, бидејќи силниот мирис може да му пречи на бебето.

Штитење на очите

Некои настинки може да предизвикаат конјунктивитис. Особено се појавува во градинка, кога рацете не се доволно добро измиени, а очите се тријат со прсти. Во случај на сомневање за конјунктивитис, контактирајте го педијатарот кој ќе ви даде упатства за хигиена и третман.

Освен конјунктивитис, почест проблем ќе бидат насолзени очи и чешање. Во овој случај исчистете ги очите со солен раствор и памучна вата или стерилна газа. Наместо солен раствор, можете да користите зовриена и оладена вода.

Бидете внимателни со лековите

Не постои лек за настинка, само за лекување на симптомите на настинката. Повеќето лекови достапни без рецепт не се наменети за деца под една година, а треба да бидете внимателни и со постарите бебиња. Ако детето има температура, консултирајте се со педијатар, кој најверојатно ќе ви препорача антипиретик според возраста и телесната тежина на детето.

И запомнете, настинките се третираат симптоматски и со текот на времето. Настинките не се опасни, но доколку не се третираат според возраста на детето, може да настанат компликации. Ако имате мало бебе што е настинато, задолжително контактирајте го докторот кој ќе ви го даде најдобриот совет.

Верувајте им на вашите инстинкти

Настинката е главно придружена со течење на носот, кивање и нервоза. Нема потреба од паника. Сепак, како и со секоја болест, треба да се биде внимателен и да им се верува на своите инстинкти.

Ако мислите дека имате причина да се грижите, секогаш консултирајте се со педијатар! Особено ако бебето:

-на возраст од три месеци има температура над 38,5 степени
-одбива течности и се сомневате дека детето е дехидрирано
-нема мокри пелени
-тешко дише
-премалено е и постојано спие
-не може да голта
-се допира за ушите или наеднаш почнува интензивно да плаче
-не покажува знаци на закрепнување по пет дена.

Извор



912

X