Кога Гамзе Арслан, наставничка од Турција, сфатила дека нејзините ученици за време на пандемијата не можат да присуствуваат на онлајн-настава, го направила тоа што можела – почнала да ги посетува во нивните домови.
– Имаме интернет на училиште, но тешко е да се предава бидејќи семејствата често немаат интернет дома – вели таа.
– Сега предавам така што одам од врата до врата носејќи табла – вели Арслан.
Таа наредниот ден се враќа со нови задачи и за да се увери дека домашната работа е завршена, но секогаш внимава на физичко дистанцирање.
Арслан работи во областа Тушба, која се наоѓа во руралната провинција Ван, на крајниот исток на земјата.
– Воодушевени сме што имаме алтернатива во оваа невозможна ситуација. Нејзините постапки се вистински пример за пожртвуваност – вели Мехмет Бакир Бедевиогл, директор за образование во областа Тушба.
Повеќето земји во светот повторно ги отворија училиштата, а Турција планира да ги отвори на 21 септември.
Опозициските партии и независните медиуми веќе подолго време ја критикуваат власта поради недостигот на интернет во одредени области на Турција, истакнувајќи дека учениците поради тоа не можат да учат во текот на пандемијата.