Со промоција на книги, креативен конкурс, награди и изненадувања за обожавателите, утре од 11 до 13 часот во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“ ќе се одржи ден посветен на Хари Потер. На настанот ќе бидат прoгласени и победниците на ликовниот и литературен конкурс „Светот на Хари Потер“, кој се одржа од 18 февруари до 20 март, а на кој учествуваа неколку стотици ученици од основните и од средните училишта од цела Македонија.

Во жирито за литературниот дел од конкурсот се: Ведран Диздаревиќ и Јана Соколовска (уредници на книгите „Хари Потер“ на македонски јазик) и Татјана Димовска-Атанасова (уредничка и администраторка на страницата на „Фејсбук“ – „Во светот на Хари Потер“).
За победниците во ликовниот дел од конкурсот одлучуваат: Здравко Гиров (илустратор), Сашко Потер Мицевски (филмаџија и голем обожавател на Хари Потер) и Александра Филипоска (графичката дизајнерка и илустраторка).

Ќе следува промоција на седумте книги од серијалот „Хари Потер“ од авторката Џ. К. Роулинг, објавени на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ од Скопје. Станува збор за книгите: „Хари Потер и Каменот на мудроста“ (што го има и во лектирна верзија), „Хари Потер и Одајата на тајните“, „Хари Потер и Затвореникот од Азкабан“, „Хари Потер и Пламениот пехар“, „Хари Потер и Редот на фениксот“, „Хари Потер и Полукрвниот принц“ и „Хари Потер и Реликвиите на смртта“. За книгите ќе зборуваат уредниците на македонските изданија: Ведран Диздаревиќ и Јана Соколовска.
Во продолжение ќе се одржи интерактивен дел за сите млади читатели и обожаватели на Хари Потер, со многу награди и изненадувања. Настанот ќе биде и од cosplay (костимиран) формат, односно секој што сака може да присуствува маскиран во некој од своите омилени ликови од серијалот „Хари Потер“.

Специјален гостин на дружбата ќе биде Сашко Потер, кој е голем вљубеник во Хари Потер и учесник во монтажата на звук на филмот „Фантастични ѕверки“. Настанот е со поддршка на кината „Синеплекс“, каде што деновиве премиерно ќе се прикажува „Фантастични ѕверки 3: Тајните на Дамблдор“ – филм инспириран од светот на Хари Потер.



912

X