Воспитување

Наследството од мојот дедо е времето што го поминавме заедно

Наследството што ми го остави мојот дедо не може да се измери во материјални работи, стари запрени часовници или црно-бели фотографии. Вистинскиот подарок што ми го остави е времето поминато заедно. Одењето од училиште кон дома, вкусот на чоколадата што ја чуваше во џебот, или часовите поминати во текот на летото покрај море… за кое имаше илјадници приказни. Безброј епски приказни кои беа некаде помеѓу вистината и фикцијата.

Бабите и дедовците ги нудат овие интензивни врски кои поврзуваат неколку генерации. Тие се задолжени за пренесување на вредностите и едуцирањето преку емоции и искуство. Тие се партнери за играње, лица на кои можеме да им се довериме и советници. Улогата на дедото е повеќекратна. Додека работата на дедото е и да подучува, неговата мисија не е сосема иста како на родителите. Дедо, баба – тие ја поминале фазата на родителство. Сега е нивно време за поинаква улога, па дури и повторно да го живеат своето детство.

Тие се дрвја на животот каде што можеме да ги засолниме новите генерации

Никогаш нема да знаеме дали нашите баби и дедовци избрале да бидат баби и дедовци. Внуците доаѓаат на свет чекајќи да бидат сакани, згрижени и поттикнати да одат во животот со самодоверба. Секое дете треба да создаде силни врски со тие околу него. Ако родителите се важни, исто така важни се и бабите и дедовците. Носиме дел од нивната крв и на некој начин го продолжуваме нивното наследство. Постојат многу други аспекти што ја негуваат оваа врска, која го надминува и вообичаениот генски код.

Бабите и дедовците може да го „сопрат“ времето

Дали сте ја препознале оваа способност на повеќето баби и дедовци? Кога ќе дојдете дома од училиште, а вашиот дедо ве зел, знаете дека попладнето ќе си играте на најрелаксиран начин. Никогаш нема да знаеме дали нашите баби и дедовци барале повторно да го живеат детството преку нас. Но, на некој начин тие веќе се „осудени“ на тоа. Ги споделуваат нашите игри, сложувалки. Сега тие добро се снаоѓаат и со технологијата. Ги споделуваат смеата и тајните со своите внуци. Креираат моменти со интензивни емоции, различни од оние што ги споделуваат со родителите. Бабите и дедовците речиси никогаш не ги опоменуваат внуците. Полиберални се и исто така знаат како да слушаат. Имаат слободно време, но и ако немаат, го создаваат за своите внуци.

Улогата на дедото и бабата

Според многу студии за семејна психологија, улогата на дедовците е различна од онаа на бабите. Бабите се полни со посветеност, грижа и внимание. Тие се грижат за исхраната и благосостојбата на внуците. Тие се приземјени и корисни. Дедовците, од друга страна, обезбедуваат мудрост од минатото и лично наследство кое се пренесува на внуците преку многубројни приказни. Приказни што децата ги слушаат со отворени очи и забрзани срца. Децата ги обожаваат нивните приказни, знаат од каде доаѓаат и го гледаат светот преку мудрите очи на дедовците. Тоа е уникатна мудрост која се пренесува од генерација на генерација и не е заборавена.

Тие се наши сојузници во време на криза

Бабите и дедовците се дрвјата на животот каде што може да го засолните целото семејство во време на хармонија, но и во тешки времиња. Тинејџерите, на пример, сакаат да најдат одреден мир во оваа врска со нивните баби и дедовци, кои може да служат и како медијатори со родителите. Бабите и дедовците често се критикувани дека премногу даваат и дека не знаат да кажат никаква критика за внуците. Тие се во возраст кога конфликтите ги оставаат зад себе и приоритет им е емоционалната вредност, како и близината со внуците и децата.

Мојот дедо не беше само раскажувач на приказни. Тој беше човек кој не можеше да ја поднесе тишината на празниот дом или вревата од соба во која се одвиваат караници. Мојот дедо беше океан на смиреност кој обезбедуваше свежина за време на семејните кризи. Никој не знаеше како го прави тоа. Но, благодарение на него, јас имав безбедно и среќно детство. Детство исполнето со лично наследство повредно од богатствата во пиратските приказни што ми ги раскажуваше кога бев дете.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top