Нова студија покажува дека изложеност на насилни содржини на децата од предучилишна возраст може да има трајни ефекти врз асоцијалното однесување, особено кај момчињата. Студијата била предводена од професорката Линда Пагани, која истакнува како насилството на екраните на кое се изложени децата во раното детство може да придонесе за агресивно однесување во средината на адолесценцијата.
Пагани и нејзиниот тим проучувале речиси 2.000 деца (963 девојчиња и 982 момчиња), родени во 1997 и 1998 година. Родителите пријавиле колку често нивните деца, на возраст од 3,5 до 4,5 години, биле изложени на насилни содржини на телевизија. Повеќе од една деценија подоцна, на 15-годишна возраст, децата сами пријавиле антисоцијално однесување.
Насилната содржина вклучува прикажување агресија со намера да предизвика штета, а децата особено ги привлекуваат брзите и стимулативни сцени со ликови како суперхерои, кои се наградени за агресијата. Истражувачите ги зеле предвид факторите на семејството и децата за да се осигурат во точноста на резултатите.

Резултатите покажале дека изложеноста на насилни содржини кај момчињата на возраст од 3,5 и 4,5 години е поврзана со зголемување на асоцијалното однесување на 15-годишна возраст, вклучувајќи агресија како што се удирање, крадење и закани. Слични ефекти не се забележани кај девојчињата, што се припишува на помалата изложеност на насилни содржини во раното детство.
-Нашата студија обезбедува убедливи докази дека раната изложеност на насилство од екранот може да има сериозни, долготрајни последици, особено за момчињата. Ова ја нагласува итната потреба од иницијативи кои ќе ги информираат родителите и заедниците за ризиците и ќе ги охрабрат да донесуваат информирани одлуки за младите и нивното изложување на медиумско насилство – истакнала Пагани.
912