Британската дадилка и автор на книгата „Биди смирен родител“, Ема Џенер, има 20 години професионално искуство кое го стекнала со работа на два континента. Ема сериозно стравува од начинот на воспитување на децата денес и издвои пет проблеми за кои смета дека се најлоши.

Се плашиме од сопствените деца

– Децата имаат премногу контрола над своите родители, а тоа го покажува обичен тест за чаши, вели Ема.

– Ако мајката истури млеко во сината чаша за детето, а тоа рече дека сака да пие од друга чаша, јас внимателно набљудувам како реагира родителот: Во повеќето случаи родителот брза да го истури млекото во друга чаша само за детето да не се налути. Голема грешка! Од што се плашиш, мајко?

Не очекуваме многу

Кога децата се однесуваат лошо, без оглед дали на јавно место или дома, родителите ги креваат рамената во стилот: „Такви се децата“.

– Верувајте ми, не мора да бидат такви – вели Ема, додавајќи дека децата се далеку поспособни отколку што мислат нивните родители, без разлика дали станува збор за манири, почитување на старите лица, домашни работи, дарежливост или самоконтрола.

– Дали мислите дека детето не е во можност да седи во ресторан за време на вечерата? Глупости. Мислите дека не може да ја исчисти масата ако не му го кажете тоа? Уште една глупост. Единствената причина што тие не се однесуваат правилно е затоа што не сте ги научиле на тоа и не очекувате од нив! Едноставно е. Подигнете ги вашите стандарди и детето ќе се приспособи на нив.

Не прифаќаме мислења и совети од другите

Во минатото возачите на автобуси, наставниците, продавачите и другите родители имаа „право“ да ги предупредат родителите дека нивното дете се однесува лошо. Тие беа очи и уши на родители кои не беа присутни и сите работеа со иста цел: воспитување пристојни момчиња и девојчиња. Тие им беа поддршка на родителите. Денес, кога некој што не е родител се осмелува да го предупреди детето, мама и тато полудуваат.

Нивното дете е совршено, па затоа често не го прифаќаат мислењето на другите

Родителите го напаѓаат наставникот наместо да го казнат детето кое било некултурно на час. И воопшто не помага тоа што денес родителите си судат едни на други наместо да се поддржуваат.

– Кога ќе видат нечие дете што е луто, сите ја осудуваат мајката која го дисциплинира, а треба да кажат: – Во право е мајката, му поставува граници на детето и тоа не е лесно – вели Ема.

„Не“ одвреме-навреме воопшто не е лошо

Добро е што децата се приоритет за нивните родители. Но, денес тоа отиде предалеку, предупредува Ема, бидејќи родителите ги занемаруваат своите потреби и нивното ментално здравје поради децата.

– Постојано гледам мајки кои повторно и повторно стануваат од кревет за да му угодат на детето. Или татковци кои оставаат сè да трчаат по пијалак за нивната жедна ќерка – вели Ема.

– Сосема е нормално таткото да рече: – Секако дека можеш да добиеш вода, но кога ќе наидеме на следната чешма – вели таа. „Не“ одвреме-навреме не е воопшто лошо, а не е лошо ни да му речете на детето само да се забавува додека приготвувате ручек или сте во тоалет.

– Се плашам дека ако не почнеме да ги поправаме грешките, нашите деца ќе прераснат во себични, нетрпеливи и груби возрасни. Тоа нема да биде нивна грешка, туку наша. Никогаш не научивме поинаку, ниту очекувавме повеќе од нив. Сакаме сè секогаш да биде на нивен дофат и кога, неизбежно, ќе престане да биде така, детето нема да биде подготвено – предупредува Ема и повикува: – Очекувајте повеќе. Ајде заедно да ги доведеме овие деца во ред и навреме да ги подготвиме да бидат самостојни и успешни во реалниот свет, а не стуткани во светот што ние го создадовме за нив.

Извор



912

X