Вечерва излегов од работа и купив намирници со семејството. Бидејќи имаме нетрадиционален брак, доаѓаме дома и јас седнувам на каучот, грицкам и гледам натпревар, додека мојот сопруг прави вечера. Мојот сопруг не е обожавател на спорт, но почнува да развива интерес за кошарката. Малку сменети улогите? Можеби. Но, поентата е дека во нашиот дом и во нашиот брак традиционалните родови улоги – мајка и татко, маж и жена – не значат речиси ништо. Мојот сопруг завршува многу од домашните обврски, готви и се грижи за синот додека јас имам работни состаноци или работам до доцна. Многу сме среќни со таквиот распоред. И изгледа дека има повеќе семејства што така функционираат. Изгледа дека мајките што работат повеќе надвор од домот, посреќни се кога ќе дојдат дома.

Мислам дека е добро за нашиот син да ја гледа нашата динамика и да знае дека во животот ќе мора да научи и да готви и да чисти

Една теорија е дека кога мајките се повеќе зафатени на работа, татковците ги завршуваат обврските во домот, одземајќи дел од домашниот товар врз мајката. Интересно е што кога татковците работат повеќе, задоволството за двојките опаѓа. Кога и двајцата родители работат, пак, задоволството за двајцата се зголемува кога ги сакаат своите работни места. Знам дека во мојот брак функционираме најдобро кога сопругот е дома за семејството за време на вообичаените часови по работа. Кога тој работи нешто до доцна во ноќта, имаме проблеми. Дел од проблемот беше тоа што тој не ја работеше работата што ја сакаше, а дел беше тоа што јас почнував да се чувствувам преоптоварена. Не беше добро за нас како двојка, а не беше добро ниту за детето.

Имаме среќа што можевме да ги смениме работите кога сопругот најде работа со регуларни дневни часови. Оттогаш, јас ги преземам повеќето обврски за доцна во ноќта и рано наутро, а тој го спрема ручекот за синот и готви здрава вечера. Мислам дека е добро за нашиот син да ја гледа нашата динамика и да знае дека во животот ќе мора да научи и да готви, и да чисти, и да се грижи не само за себе туку и за неговото семејство, заедно со сопругата, ако избере таков живот некогаш.

Нашиот син треба да види дека не е задача на жената да готви и дека понекогаш и таа може да се одмори по долг работен ден.

Се надеваме дека му покажуваме оти способноста и желбата ги дефинираат улогите во врската, а не некоја архаична дефиниција на машки и женски работи.

Тој не мора да види жена како го прекорува сопругот и го моли да стане од каучот, туку треба да види маж и жена кои заедно работат за доброто на семејството. Потребни му се вистински животни модели кои не се однесуваат стереотипно. Треба да знае дека некои жени се посреќни кога работат напорно надвор од домот, додека некои мажи се посреќни кога преземаат домашни обврски како готвење. Ме радува кога гледам двојки слични на нас и кога читам за студии кои го проучуваат ова. Убаво е да се знае дека повеќе семејства се одвојуваат од нормата и си дозволуваат секој во семејството да биде вклучен и да се чувствува исполнето.

Автор: Амбер Коупленд

Извор



912

X