Бојан Богдановски, клинички логопед - специјалист

Бојан Богдановски, клинички логопед - специјалист

slp.bojan@gmail.com
Instagram: slp.bojan

Повеќе од авторот

Нарушувањето на говорот кај лицата со интелектуална попреченост во најголемиот број случаи зависи од тежината на интелектуалниот дефицит

За интелектуалната попреченост, векови наназад, човекот зборува и истражува, за што ни сведочат голем број записи уште од времето пред нашата ера. Интелектуалната попреченост во сите цивилизации била и е предмет на внимание и ангажираност. Се промениле голем број терминологии за оваа состојба, меѓу кои и терминот ,,ментална ретардација“, што денес е целосно неприфатлив. Освен терминологијата, низ годините се појавиле и најразлични принципи и пристапи за третман. Во овој текст ќе се задржиме на третманот на говорните нарушувања кај лицата со интелектуална попреченост.

Што е тоа интелектуална попреченост?

Интелектуалната попреченост претставува состојба на сопрен и нецелосен психички развој кој особено се карактеризира со нарушување на оние способности што се јавуваат во текот на развојниот период и кои влијаат на општото ниво на интелегенцијата, како што се: когнитивните, говорните, моторните и социјалните способности (СЗО).

Нарушувањата се манифестираат на ниво на однесувањето, социјалната адаптација, говорот, психо-моториката, емоциите, чувствата, сетилата, претставите, вниманието, мислењето, памтењето, просторно-временските рамки, волјата, темпераментот.

Причини за појава на интелектуалната попреченост

Причините за појава на интелектуалната попреченост се делат на: пренатални, перинатални и постнатални.

А) Пренатални причинители за ИП

Вирусни инфекции, бактериски инфекции, спирохетни инфекции, паразитарни заболувања, изложеност на отрови, консумација на одредени лекови, ексцесивно пушење, јонизирачко зрачење, анорексија кај мајката, малнутриција кај мајката, ендокрини нарушувања, хемолитичко заболување на фетусот и новороденчето, алкохолизам кај мајката, болести кај мајката.

Б) Перинатални причинители за ИП

Асфиксија на фетусот, интракранијално крвавење, белодробна мембрана како хијалин кај новороденчето, механички притисоци на плодот, недоносеност.

В) Постнатални причинители за ИП

Инфекции (менингити, енцефалити, спирохетни инфекции, паразитни инфекции, апсцес во мозокот), изложеност на отрови, малнутриција, ендокрини нарушувања, повреди, васкуларни нарушувања, имунолошка реакција.

Видови интелектуална попреченост

  • Лесна интелектуална попреченост 50 – 69 IQ;
  • Умерена интелектуална попреченост 35 – 49 IQ;
  • Тешка интелектуална попреченост 21 – 34 IQ;
  • Длабока интелектуална попреченост под 20 IQ;
  • Друга интелектуална попреченост;
  • Неспецифична интелектуална попреченост.

Нарушувања на говорот кај лицата со интелектуална попреченост

Нарушувањето на говорот кај лицата со интелектуална попреченост во најголемиот број случаи зависи од тежината на интелектуалниот дефицит. Уште во првите години од животот кај лицата со интелектуална попреченост се забележува забавен сензомоторен развој, проследен со отстапувања во гугањето, разбирањето и продукцијата на зборови и реченици.

При оваа состојба нарушувањата на говорот се појавуваат како: дислогии и алогии.

А) Дислогии

Под дислогии се опфаќаат сите специфичности во вербалната комуникација кај лицата со интелектуална попреченост.
Во најраната возраст, кај гугањето и баблингот е намалена разновидноста на гласовите кои детето ги продуцира, интонацијата е стереотипна и недостига динамика. Детето манифестира тешкотија да се насочи кон звуците од најтесната околина што го опкружува, што е предуслов за зголемување на говорното искуство, па затоа некогаш кај овие деца усвојувањето на првиот збор е дури по втората-третата година, а кај тешката и длабоката интелектуална попреченост и многу подоцна, или пак нема ни да се појави.
Кај овие деца постои тешкотија во аудитивната и визуелната дискриминација, односно тешкотии во препознавањето на разликите и сличностите, што се рефлектира врз вербалната комуникација, односно врз способноста за разликување на деловите на реченицата и пораката што тие ја носат, како и врз усвојувањето на правилата на говорна употреба.
Како што детето расте, сè повеќе се забележува тешкотијата при говорното изразување. Особено е изразена тешкотија при раскажување некои настани и неадекватен редослед на зборовите во реченицата, што укажува на недостиг на врски меѓу говорната реализација и свеста.
Се појавуваат и нарушувања на говорната артикулација, односно неправилен изговор на одредени гласови. Најчесто се забележува сигматизмот. Се појавуваат и нарушувања на фината моторика, грубата моторика и графомоториката.

Б) Алогии

Под алогии се подразбира неспособност за зборување кај лица со интелектуален дефицит. Најчесто се забележува кај лица со тешка и длабока интелектуална попреченост.

Логопедско-рехабилитациски третман на ИП

Логопедско-рехабилитацискиот третман е строго индивидуален и за него се изработуваат план и програма кои се адаптирани во однос на тежината на состојбата и потребите на лицето со интелектуална попреченост. Третманот опфаќа:

А) Вежби за внимание со визуелни и аудитивни стимулации

Најпрво се започнува со вежби кои имаат цел да го насочат и задржат вниманието на детето кон изворот на дразбата. За таа цел се користат предмети со силни впечатливи бои, впечатливи форми и впечатливи звуци, кои би му го привлекле вниманието на детето. Предметите се поставуваат во близина на детето, на различни страни. Целта е детето да го насочи своето внимание кон предметот кој испушта звук. Ваквите вежби се започнуваат со вклученост на два предмети и се практикуваат секојдневно.

Б) Вежби за фина моторика

Под фина моторика се подразбираат малите движења на коските, зглобовите и мускулите на шаката и прстите, кои се координирани и целта им е изведување на малите, прецизни движења. Развивањето на фината моторика е важно за целокупниот развој на децата. Развојот на фината моторика е во тесна поврзаност со развојот на говорот кај децата. Тука се применуваат вежби како пинцета-фат, позиција на палец, вежби за движење на коренот на шаката, префрлање зрно по зрно грав итн.

В) Вежби за визуомоторна координација и усвојување на првите зборови

За потребите на оваа вежба се користат дупликат картички со слики од предмети и животни. На почетокот ја земаме раката на детето во својата рака и така земаме одредена картичка, ја именуваме и ја поставуваме на соодветната дупликат картичка. Започнуваме со именување на помал број картички, со поедноставни и општи зборови. Како поминува времето и како детето ќе ја развие својата визуомоторна координација и гест, така му даваме одредена картичка, ја именуваме и самостојно треба да ја постави на соодветното место. Како напредува третманот, ги редиме картичките пред детето, ги именуваме, а детето треба да ги поставува на соодветната дупликат картичка. Како ова го усвојуваме, преминуваме само на именување, односно ние ја именуваме картичката, а детето треба со гест, односно со показалецот или дланката да ни ја покаже точната картичка. Со самото именување на картичките овозможуваме говорна стимулација, со што се очекува детето да ги именува картичките, а потоа истите зборови да ги применува и во природни ситуации.

Г) Логомоторика и артикулативни вежби

Подвижноста на говорните органи игра голема улога за изговорот на гласовите да биде правилен. За таа цел, низ игра се изведуваат логомоторички вежби за раздвижување на јазикот, усните и лицевата мускулатура.
Преку запознавање на предметите и животните од околината, детето се стимулира да ги именува, да ги опише колку што може, односно да вербализира во однос на јасно утврдената ситуација, а притоа да се детектираат и коригираат артикулациските нарушувања со примена на логопедски вежби.

Д) Вежби за релаксација

Како што детето расте и стапува во контакт со социјалната средина, така можно е да се појават и конфликти со неговите родители, врсници, односно средината која го опкружува. Во тој период е изразена емоционалната нестабилност, која во голема мера се рефлектира врз говорот. За таа цел се применуваат техники за релаксација, техники за автосугестија, техники за правилно дишење итн.

Третманот на интелектуалната попреченост е мултидисциплинарен и бара голема стручност и посветеност врз детето. Потребен е тим од логопед, специјален едукатор и рехабилитатор (дефектолог), психолог, педијатар, психијатар, физиотерапевт, зависно од состојбата и потребите на детето, за да се постигнат најдобри резултати.

Затоа ги охрабрувам родителите кои имаат дете со интелектуална попреченост да побараат стручна помош. Сите заедно можеме многу повеќе за лицата со интелектуална попреченост!



912

X