Сите ученици немале пристап до потребната технологија, средства и интернет за реализација на задачите што им ги задале наставниците, а не ја добивале на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот во последното тримесечје, се вели во соопштението на народниот правобранител до Министерството за образование и наука.

Констатирано е дека тоа довело до нееднаквост и неможност сите ученици целосно да се вклучат во процесот на учење и совладување на знаењата, умеењата и вештините, поради состојбите предизвикани од пандемијата од Ковид-19.

Постапувајќи по предмети по сопствена иницијатива и следејќи ги извештаите од релевантни организации, народниот правобранител заклучил дека образовните институции не биле целосно подготвени за далечинско учење, особено во почетокот на корона-кризата.

– Најпогодени се учениците, особено оние во руралните средини, учениците од социјално загрозените семејства и учениците со попреченост. Неоспорно е дека поради новонастанатата ситуација низ светот, па и кај нас, учењето од далечина стана исклучително актуелно во првата половина од 2020 година и се примени како единствено можна безбедна опција за здравјето на сите учесници во образовниот процес. Истовремено, кризата ги истакна проблемите, потребите и предизвиците во организирање на образованието од далечина, особено во отсуство на системски решенија – пишува во соопштението.

Народниот правобранител, следејќи ја состојбата со образованието на децата, согледал дека за време на траењето на онлајн-наставата (од средината на март до крајот на учебната година) училиштата и наставниците не добиле унифициран систем, издржана платформа преку која секојдневно ќе комуницираат со учениците и ќе ја реализираат наставата.

– Со појавувањето на „Едуино“ се забележаа низа пропусти, првенствено поради тоа што повторно стануваше збор за еднонасочно предавање на материјалот преку кратки видеа подготвени од малкумина наставници-ентузијасти, при што многу теми се повторуваа, а истовремено одредени теми воопшто не беа обработени, па дури и недостигаа цели наставни предмети. Имајќи ги предвид реакциите и забелешките на родителите и учениците, произлегува дека „Едуино“ не беше системско решение, општоважечко и обврзувачко за секое училиште, односно за секој ученик – дециден е народниот правобранител.



912

X