Мајките што дојат треба да внимаваат на внесувањето одредени намирници кои можат да доведат до промена на вкусот на млекото, што на некои бебиња нема да им се допадне.

Ако вие сте тоа што го јадете, истото важи и за вашето бебе. Сигурно сакате да му ја дадете само најдобрата храна и да ја избегнувате онаа храна што може да му наштети. Но, има толку многу спротивставени информации, па не е изненадување што новите мајки веќе не знаат што можат да јадат, а што не.

Добри вести: Списокот со намирници што треба да ги избегнувате додека доите не е толку долг колку што мислите. Зошто? Бидејќи млечните жлезди кои го создаваат вашето млеко создаваат клетки кои помагаат да се регулира колку од она што го јадете и пиете ќе влезе во млекото. Тешко е да се процени која храна да се избегнува додека доите. Некои намирници што ги јадете може да ги направат бебињата нервозни, додека други може да го нарушат нивното варење. Бебињата дури може да имаат алергиска реакција на некои видови храна.

Еве неколку намирници што можат да предизвикаат несакани ефекти кај доенчињата.

Пијалаци што содржат кофеин

Пијалаците со кофеин можат да влијаат врз бебињата на сличен начин како што влијаат врз возрасните. Умерено консумирање кафе, чај и газирани пијалаци со кофеин е прифатливо додека доите. Мајчиното млеко обично содржи помалку од 1 отсто од кофеинот што го внесува мајката. Ако пиете помалку од три шолји кафе во текот на денот, не е страшно.

Но, ако забележите дека вашето бебе станува немирно или раздразливо кога консумирате прекумерни количини кофеин (обично повеќе од пет пијалаци со кофеин дневно), размислете да го намалите внесот додека вашето бебе не порасне.

Алкохолни пијалаци

Додека доите, воопшто не треба да пиете алкохол. Иако доилките можат да си дозволат една чаша шампањ или вино во посебни пригоди, нутриционистот Дарија Вранешиќ Бендер забележува дека алкохолот и доењето не одат заедно бидејќи алкохолот лесно се излачува во мајчиното млеко, а неговата концентрација е на врвот еден час по консумирањето.

– Кога мајката пие дури и мала количина алкохол, доенчето пие помалку млеко, веројатно затоа што алкохолот го менува вкусот на мајчиното млеко – објаснува таа.

Кромид

Кромидот може да ги промени мирисот и вкусот на мајчиното млеко. Ако сакате да јадете храна во која има многу кромид, јадете ја најмалку два или три часа пред доењето. Некои бебиња одбиваат да пијат мајчино млеко токму поради тој мирис и вкус.

Храна што дуе и предизвикува алергии

Кај нас на доилките традиционално им се препорачува да избегнуваат храна која предизвикува гасови, како што се кељ, зелка, карфиол, брокула, грав, леќа, костени, но истражувањата не докажаа јасно дека овие намирници предизвикуваат проблеми кај доенчињата. Сепак, нутриционистите повикуваат на претпазливост кога станува збор за нутритивни алергии.

– На мајките што дојат, а се алергични на одредена храна или имаат семејна историја на алергии им се советува да ја избегнуваат таа храна, особено млечните производи. Тие можат да предизвикаат преосетливост кај некои доенчиња, а како проблематични намирници се споменуваат и јајцата, кикиритките, јаткастите плодови, пченицата, сојата, пченката, доматите, кромидот, зелката, зачините, морските плодови и цитрусот – вели Вранешиќ Бендер.

Риба

Рибата содржи голема количина на жива и затоа треба да се избегнува додека сте бремени или доите. Доколку јадете храна во која има многу жива, таа може да се пренесе преку млекото и на тој начин да предизвика проблеми во развојот на бебето.

Ако се приготви на здрав начин (печена или варена), рибата е добра. Но, поради голем број фактори, повеќето риби и други морски плодови содржат и нездрави хемикалии, особено жива. Живата може да се акумулира во телото и брзо да достигне опасни нивоа. Високото ниво на жива главно влијае врз централниот нервен систем, предизвикувајќи невролошки проблеми.

Поради оваа причина, Американската агенција за храна и лекови, Агенцијата за заштита на животната средина и Светската здравствена организација ги предупредуваат бремените жени, доилките и децата да не консумираат риба со висока содржина на жива. Риби кои дефинитивно треба да ги избегнувате додека доите: туна, ајкула, сабјарка, скуша.

Извор



912

X