Биљана Ивановска, психолог

Биљана Ивановска, психолог

Претседател на Здружението за умствен развој на деца „Бреин Гинис“ во Куманово
Тел: 071 711 555

Повеќе од авторот

Со охрабрување децата учат да веруваат во себе и во своите способности

Рудолф Драјкурс, психолог и автор на книгата „Деца: Предизвик“, рекол: „На децата им е потребно охрабрување, како што на растенијата им треба вода! Со помош на охрабрувањето се покажува оној вид љубов кој на децата им пренесува порака дека се добри баш такви какви што се. Охрабрувањето ги учи дека она што го работат се разликува од она што се. Им дава до знаење дека нивната единственост се вреднува без осудување. Преку охрабрување децата учат дека грешките  едноставно се можност за учење и развој, а не нешто од што би се срамеле. Децата што чувствуваат охрабрување се сакаат себеси и имаат чувство на припадност“.
Постои разлика меѓу фалење и охрабрување! Лесно е да ги наградиме децата што убаво се однесуваат, но што ќе кажат децата што се безобразни и не се чувствуваат добро во својата кожа и тоа во моменти кога охрабрувањето им е најпотребно? Во такви случаи пробајте да кажете: „Навистина си се потрудил/а“, „Верувам дека можеш тоа да го направиш“, „Те сакам без оглед на сè“.
Фалењето и наградите ги учат децата да бидат зависни од надворешниот суд на другите наместо да веруваат во својата мудрост и процена. Затоа наместо „Толку многу сум горд/а на тебе“, пробајте да го охрабрите малку поинаку со „Сигурно си горд/a на себе“.
Можете да оставате пораки со охрабрување во вашиот дом. Со помош на охрабрување ќе направите една позитивна атмосфера во семејството. Со охрабрување децата учат да веруваат во себе и во своите способности.


Кога е во прашање казнувањето, во рамките на позитивна дисциплина нема место за казна. Сигурно се прашувате зошто? Стотини истражувања покажале дека казната не е најдобар начин за постигнување позитивни резултати кај децата. Наместо тоа, казната боли, ни прави да се чувствуваме лошо и го користи стравот како движечка мотивација. Кога децата мислат дека сте им лути, многу често се однесуваат уште полошо. Ако сакаме да имаме успех во дисциплината, таа мора да е рационална и да покажува љубов. Кажете му на детето дека сте лути поради одредено однесување, но не викајте му и не казнувајте го, тоа е контрапродуктивно. Нека казната се замени со информација и можност детето да учи од своите грешки.



912

X