Ако прашате кој било родител, тој ќе ви каже дека сака неговото дете да биде здраво и среќно. Факт е дека покрај здравјето, мајките и татковците сакаат нивното малечко секогаш да има насмевка на лицето, па затоа се трудат да го заштитат од сѐ што може да го растажи или вознемири.
Сепак, според детскиот психолог Тове Клајн, ова е погрешен пристап.
-Сите мислиме дека начинот на воспитување за нашите деца да бидат среќни е да ги направиме среќни. Но, вистината е дека малите знаат да бидат среќни, да најдат радост. Тоа не е чувство што го имаат постојано – вели Клајн, директорка на „Барнард“ – центар за развој на деца.
Таа додала дека родителите тешко прифаќаат оти децата имаат право на некој начин да бидат лути, тажни, несреќни.
-Кога детето е вознемирено, родителите инстинктивно бараат начин да го расположат или да му го одвлечат вниманието. Можеби ќе му понудат чоколадна торта или ќе одат во парк да си играат. Нема ништо лошо во тоа да правите убави работи за вашите деца кога тие не се среќни, но вие не влијаете врз причината поради зошто се чувствуваат така.
Детскиот психолог истакнува дека тоа особено важи во ситуации кога причината за незадоволството на детето им изгледа сосема неважна на родителите – на пример, не смее да гледа уште една епизода од цртани филмови или да јаде уште едно парче торта.
Негативните емоции секогаш ќе минуваат
Сепак, детето верува дека и во такви ситуации неговите негативни реакции се соодветни, но треба да научи да се справува со тие чувства и како да управува со нив – нешто што малите не го знаат, вели Клајн.
-Кога детето е вознемирено, можете да побарате од него да дише длабоко, а потоа да се обиде да опише како се чувствува. Или покажете разбирање за неговите чувства, дури и кога треба да останете на своето, на пример: „Би сакала да можевме тоа да го направиме, но за жал, сега не можеме“ – советува психологот Клајн.
Таа истакнува дека силата на малите доаѓа од способноста да ги почувствуваат овие интензивни емоции, како гневот, но и од способноста да се справат со него, знаејќи дека мајката и таткото се тука за него.
Кога станува збор за родителите, д-р Клајн истакнува дека најважно е да се има на ум оти сите негативни емоции на детето ќе поминат, освен ако нема некои големи, трауматични настани.
-Ако претпоставиме дека нивниот живот е добар, тогаш тие ќе бидат среќни – вели Клајн, додавајќи дека истражувањата покажуваат оти за развојот на издржливоста е важно децата да научат да управуваат со негативните емоции. Ова е од големо значење за нивниот иден успех.
912