Добрите социјални вештини им дозволуваат на децата да уживаат во подобри односи со врсниците. Но, придобивките од силните социјални вештини се повеќе од социјално прифаќање. Децата со подобри социјални вештини имаат непосредни придобивки. На пример, една студија открила дека добрите социјални вештини може да го намалат стресот кај децата што се во дневен престој. Истражувачите од „Пен Стејт“ и Универзитетот„Дјук“ откриле дека децата што се подобри во делењето, слушањето, соработката и следењето на правилата на возраст од 5 години имаат поголема веројатност да одат на колеџ. Исто така, имаат поголеми шанси да бидат вработени со полно работно време до 25-годишна возраст.

Децата, пак, на кои им недостигаат социјални и емоционални вештини имаат поголема веројатност од злоупотреба на наркотични супстанции, како и проблеми со законот. Исто така, повеќе се зависни од јавна асистенција.

Детето во претшколска возраст би требало да ги совлада наброените вештини. Еве како тоа да се оствари во практика:

1. Делење

Од делењето на играчките со другарите до просторот со браќата и сестрите, ова е вештина која детето треба да ја совлада за да се избегнат драми и плачење секојпат кога некој ќе му ја земе играчката или некој друг предмет. Обично децата на возраст од 2 години веќе ги делат своите работи со другите, но тоа е најчесто во ситуации кога, на пример, одредена играчка повеќе не ги интересира, па со самото тоа ништо не „губат“. Потоа почнува период на фокусираност на себеси, кога се јавува таканареченото „егоистично јас“, кога е потребно да се поработи на учењето на оваа вештина. Меѓутоа, тоа не се постигнува така што детето се присилува да му даде нешто свое на друго дете, особено во друштво на непознати луѓе, туку мора да види како и родителите го прават тоа и воедно да ги вклучи и „јас пораките“. На пример, на детето може да му се каже дека делењето кекси или играчки со другите усреќува, а потоа набљудувајте го детето како реагира. Секако, успехот нема да дојде од првиот обид.

2. Соработка со другите

Кога детето ќе тргне во градинка, особено е важно да се стекне со оваа вештина. Таа е неопходна за да се согласува со новите другарчиња и да биде среќно, а тоа ќе се преслика и во возрасниот период. На возраст од 3 до 4 години детето веќе може да работи со другите на заедничка цел, на пример, подготовка за некоја игра во која учествува цела група на деца или градење кула од коцки со друго дете. Некое дете ќе посака да биде водич, додека друго со задоволство ќе ги следи останатите. Како и да е, дома тоа може да се учи на секојдневни работи, како подготовка на заеднички оброк. Се разбира, тогаш на малото дете нема да му дадете да се служи со остри предмети, но може со вас да меси тесто, да стави празна чинија на масата и слично.

3. Слушање

Слушањето е првата јазична активност со која детето се среќава, многу порано пред да дојде до говор, читање и пишување. Но, за некого навистина да го слушне, односно да сфати каква порака испраќа и зошто таа му е важна, неопходно е да научи како да слуша. Таа вештина најлесно се усвојува со читање приказни. Додека на детето му ја читате омилената книга, застанете повремено и прашајте го што се случило во приказната. Поставувајте повеќе прашања, барајте што повеќе детали.

4. Следење упатства

Следењето упатства и нивното разбирање е неопходно за подоцнежен успех на училиште, како и на работното место. Што се однесува до раното детство, дали на детето му кажувате дека мора да ги среди играчките или да им се извини на другарите во градинка, важно е тоа навистина да го сфати. Но, потребно е да се избегне замката на поставување прашања. Значи, немојте да кажете: Те молам, можеш ли да ги собереш своите играчки? Така детето ќе стекне впечаток дека има опција на избор помеѓу тоа дали сака или не сака да ги собере своите играчки, а со тоа се зголемува веројатноста да не го направи тоа.

Исто така, треба да се избегнува низа од упатства. Во една реченица дајте само едно упатство. Па така, кажете му на детето, на пример, да ги собере играчките. Дури кога ќе го направи тоа, сконцентрирајте се на тоа да ја собере и расфрланата облека.

5. Почитување на личниот простор

Откако ќе се родат, децата се врзани за мајката и нејзиното тело. Сакаат секогаш да бидат покрај неа, а често одвојувањето им претставува проблем. Меѓутоа, како што поминува времето, така и детето учи дека секој од нас има свој личен простор. Во тоа може да помогне и придржувањето до домашниот ред. На пример, научете го детето да тропа на вратата од спалните и тоалетите, особено ако има браќа и сестри. Исто така, важно е во разговор или игра со другите да се држи до правилата и да биде оддалечено од нив барем 40 сантиметри. Но, бидејќи детето не може да го сфати поимот сантиметар, користете ја должината на мечето или некоја друга играчка како пример.

6. Контакт со очите

Гледањето друго лице в очи додека разговараме е еден од најважните елементи од невербалната комуникација. Сепак, многу деца се мачат со тоа. Тоа можете да го доловите со покажан пример. Кажете му на детето да ви ја раскаже омилената приказна или што се случило во градинка, а потоа гледајте насекаде освен во него. Во текот на раскажувањето на втората приказна гледајте право во него. Прашајте го како се чувствувало во првата, а како во втората ситуација.

7. Добри манири – убаво однесување

Четири магични збора мора да се најдат во речникот на секое дете од претшколска возраст, а тоа најлесно се постигнува со пример. Но, не е доволно на детето да му велите да кажува само „благодарам“, „молам“, „повели“ и „извини“, или да се поздравува при влегување во продавница, туку тоа морате да го правите и вие.

Поздравувајте ги соседите на улица, секогаш кога нешто му давате на детето кажете му „повели“ и слично. Со текот на времето детето ќе го впие тоа како сунѓер.

Ако ви изгледа дека вашето дете се бори со социјалните вештини повеќе од другите деца, зборувајте со вашиот педијатар. Можеби се потребни малку повеќе труд и зрелост, но понекогаш недостигот на социјални вештини може да биде знак и за други проблеми. Децата со проблеми во менталното здравје, опсесивно-компулсивно нарушување или аутизам, може да уназадуваат од другите во социјална смисла. Лекар може да му пристапи на вашето дете и да одреди кој третман е потребен за да се подобрат социјалните вештини.

Автор: Ејми Морин

Извор



912

X