Прочитав еден цитат кој гласеше: „Ако можам да се престорам во мајка ми, ќе го сметам својот живот за успешен“. Се согласувам. Мојата мајка е среќна, дарежлива, полна со љубов и со добро срце. Како врв на сето тоа, нејзините деца и внуци имаат највисоко мислење за неа! Ова се лекциите што ги научив од неа:

Сакај го својот партнер

Моите родители се во брак повеќе од 35 години. Се согласуваат и се смеат, се прегрнуваат, споделуваат сè, поминуваат време заедно и се почитуваат. Кога јас и сопругот се венчавме, мојот татко ми рече: „Запомни дека ако е нешто важно за еден од вас, тогаш е важно“.

Прво биди родител, а на крајот ќе бидеш нивниот најдобар пријател

Мајка ми и јас имаме одлична врска, таа навистина е мојот најдобар пријател. Можам да ѝ кажам сè. Дури и кога бев мала таа зборуваше со мене на секоја тема, ги задржуваше високите стандарди и ме научи да разликувам правилно од погрешно. Се сеќавам дека озборував едно девојче во основно училиште и кога мајка ми ме слушна како зборувам на телефон, ми рече: „Многу сум разочарана“. Го запомнив тоа чувство дека сум ја изневерила и знаев дека треба да се размисли двапати пред да се озборува. Се надевам дека моите деца ќе имаат високо мислење за мене и нема да сакаат да ме изневерат, а јас ќе ги поттикнувам да бидат најдобрата верзија од себеси.

Биди дарежлива

Мојата мајка ни дава многу – своето време, пари, она што го поседува. Навистина живее според мислата „она што е мое е и твое“, особено кога се работи за семејството. Кога нашите деца не одеа на училиште, таа ги чуваше еднаш неделно. Беше одличен пример за тоа како треба да изгледа еден волонтер – таа е медицинска сестра, па и нејзината работа значи да им се помага на луѓето.

Постапувај паметно со своите пари

Иако татко ми студирал финансии, јас сè уште ѝ се обраќам на мајка ми за совети за штедење. Ако мислите дека сум добар штедач, треба да ја видите мајка ми. Таа и татко му немаат никакви долгови, ниту хипотеки, а живеат во прекрасен дом покрај езеро. Имаат таков животен стил бидејќи штеделе додека биле млади. Секогаш се внимателни со парите, не купуваат работи што не можат да си ги дозволат и живеат скромно. Мајка ми купува на попусти и не троши пари без потреба.

Семејството е на прво место

Секогаш вечеравме заедно додека бев дете. Мојот сопруг и јас сега го применуваме тоа со нашите деца. Важно е семејството да јаде заедно и да се поврзува. И како дете го знаев тоа, бидејќи секогаш семејството беше вклучено во она што го правевме. Организиравме и семејни одмори, родендени и празнични оброци.

Поздрави го своето дете кога доаѓа дома

Мајка ми секогаш нè чекаше кога доаѓавме дома. Важно е да му се даде целото внимание на детето откако било оддалечено – за да му се даде до знаење дека ви недостигало. Мајка ми секогаш нè пречекуваше и имаше некаква ужина подготвена за нас. По доаѓањето од училиште, таа нè прашуваше како ни поминал денот и нè потсетуваше каде да ги оставиме палтото, чевлите и чантите.

Слушај ги своите деца

Се сеќавам на една епизода од „Опра“ кога Маја Анџелоу ѝ раскажа на Опра дека еднаш нејзиниот син донел фотографија што самиот ја направил и ѝ ја покажал, а таа не му обрнала многу внимание, му рекла само „убава е“. Потоа тој ја зел фотографијата, ја искинал и ја фрлил. Кога го прашала зошто го сторил тоа, тој ѝ рекол затоа што не ѝ се допаѓала. Потоа се заколнала дека ќе обрнува внимание на сè што ќе ѝ го покаже. Детето навистина го вреднувало нејзиното мислење, како што и нашите деца ги вреднуваат нашите мислења. Сè уште имам чувство дека го имам вниманието на мајка ми. Знам дека кога зборувам, таа ме слуша. Тоа е она чувство кога знаеш дека некој се грижи доволно за навистина да те слуша.

Биди најголемиот обожавател на своите деца

Мајка ми секогаш ми велеше, пред кој било настан, дека ќе бидам кралица во нејзините очи. Таа и татко ми отсекогаш беа наши најголеми обожаватели. Нè поддржуваа, нè слушаа и ни помагаа, нè охрабрија да се едуцираме, да создаваме наши семејства, да трагаме по нашите соништа. Гледам дека сега ги охрабруваат и нашите деца и се нивни најголеми обожаватели. Се надевам дека сето тоа ќе продолжи и со децата на моите деца.

Биди среќна со она што го имаш и живеј го секој момент

Оваа лекција е од баби ми, пренесена на мајка ми. Мојата баба секогаш ме прашуваше дали се забавувам. Живееше релативно едноставен живот: малечка куќа, блиску до океанот, а семејството ѝ беше центарот на животот. Беше најсреќната жена што сум ја сретнала. Се стремам да го имам нејзиниот живот, да бидам среќна со она што го имам. Да го искористам животот најдобро што можам. Да се опкружам со оние што ги сакам и ме сакаат. Да ја живеам секоја минута од животот. Како што вели мајка ми – еден ден, кога ќе бидеме стари, ќе имаме многу време за одмор, а кога тоа време ќе дојде, ќе сакаме да не се одмораме, па затоа сега да ги искористиме сите дадени моменти во животот.

Автор: Беки Менсфилд

Извор



912

X