Ако сте најмалото или средното дете во семејството, подгответе се за една непријатна вест – вашиот најстар брат или сестра веројатно е во право кога се фали дека е најпаметна, барем така вели науката.

Студија објавена во „Дневник за човечки ресурси“ покажа дека првородените деца се многу подобри во когнитивните тестови од нивните браќа и сестри, и тоа уште од најраното детство. Подобри се и кога се работи за успех во училиште и интелектуален успех, а сето тоа, според истражувањата, е резултат на родителската инвестиција.

– Кога го добиваат своето прво дете, родителите се трудат да направат сè како што треба и затоа имаат поголема свест за нивната интеракција и вложувањето во нивните првородени. Со секое следно дете родителите сѐ повеќе и повеќе се опуштаат и посветуваат помалку внимание на работи кои не се нивна примарна грижа – објаснува еден од авторите на студијата, Џи-Јеон К. Леман.

По првото дете родителите се поопуштени

Иако родителите ги сакаат сите свои деца еднакво, сепак првородените добиваат најголемо внимание кога станува збор за ментална стимулација. Покрај тоа, првото дете не треба со никого да го дели вниманието и времето на своите родители. Експертите потврдуваат дека родителите најмногу се трудат за своето прво дете бидејќи не знаат што ги чека, а има и голем притисок од околината. Кога родителите успешно ќе го подигнат своето прво дете, тие имаат други предизвици за кои треба да се грижат со другите деца.

Како да се посвети еднакво време и внимание на помалите деца?

Споменатото истражување открило дека родителите поминуваат помалку време во читање со помалите деца, како и за учење на основните концепти, како што се азбуката или броењето. И иако овој стил на воспитување не влијае врз ставот и личноста на детето, сепак има значително влијание врз неговиот успех.

Така, инвестирањето во интелектуалниот развој на првото дете има долгорочни позитивни ефекти врз неговиот развој, како што покажало истражувањето. Во повеќето случаи најстарото дете ќе има поголем коефициент на интелигенција од неговите помали браќа и сестри, а веројатноста да стане директор или политичар подоцна во животот е поголема, вели науката.

Извор



912

X