Градинката е отворена на 6 февруари 1945 година под името „Први стапки“ во Првиот скопски реон, Општина Идадија. Во неа работеле две жени домаќинки, храната ја подготвувало едно лице, имало еден чувар и две хигиеничарки, ни сподели Надица Гировска, актуелната директорка на градинката „Орце Николов“ во разговор за Деца.мк

Одењето во градинка е важен чекор за секое дете и за целото семејство. Градинката им обезбедува на децата животни вештини и можности да бидат успешни во сите развојни области, поставувајќи цврста основа за нивното образовно патување. Градинката им обезбедува искуства за децата да растат и да се развиваат преку игра и интеракција. Градинката ги проширува знаењето и конекцијата на децата со семејството, нивната околина и пошироката заедница. Темелите на оваа институција, која е фокусирана на развојот на децата, се поставени во 1945 година во Македонија со Јавната установа општинска детска градинка „Орце Николов“ – Карпош во Скопје, која важи за најстарата градинка во Македонија, со 77 години постоење. Вчера таа го прослави роденденот.

– Градинката официјално е отворена на 6.2.1945 год. под името „Први стапки“ во Првиот скопски реон, Општина Идадија. Отворањето на установата го означува почетокот на организираното предучилишно воспитание во Македонија. Во неа работеле две жени домаќинки кои покажале љубов за работа со деца, храната ја подготвувало едно лице, имало еден чувар и две хигиеничарки. На почетокот градинката згрижила 10 деца, но набрзо бројот пораснал на 40. Градинката „Први стапки“ работела од 6 часот наутро до 18 часот навечер. Децата имале појадок, ручек и ужина и спиеле 1 до 2 часа – ни споделува актуелната директорка на градинката „Орце Николов“, Надица Гировска.

Сега има капацитет за 440 деца

Во 1946 година градинката го добива името на македонскиот херој Орце Николов.

– Во наредните години градинката се развивала и во поглед на зградите што се отворале под нејзина управа и во поглед на бројот на деца што се запишувале, кој постојано се зголемувал и за кои вработените во тоа време се грижеле со многу внимание, љубов и педагошки такт. Со голема страст и љубов во изминативе децении работеле и работат стручни кадри за да можат децата од различна возраст да уживаат во тоа. Образованието и воспитанието се одвиваат во согласност со современите концепти на предучилишното образование во светот, додека различните пристапи помагаат да се создадат квалитетни односи и комуникација помеѓу нераскинливиот триаголник – воспитувачи, деца и родители – ни раскажува Гировска.

По прогласувањето на Универзалната декларација за правата на детето во 1948 година, градинката почнува да ја одбележува Детската недела со посебни активности и таа традиција продолжува до денес.

– Уште од самиот почеток се давала голема важност на стручното усовршување на воспитниот кадар заради подигнување на квалитетот на работата со деца. И денес се посветува големо внимание на стручното усовршување на воспитниот кадар со цел да бидеме во чекор со современите педагошки и технолошки трендови. Денес градинката „Орце Николов“ е современа градинка која работи во три згради, наменски изградени, лоцирани на територијата на Општина Карпош, и тоа во Карпош 2, Карпош 3 и Карпош 4. Градинката има капацитет за 440 деца, но реално наизменично ја посетуваат 530 деца распоредени во 24 групи, од кои 3 јасли, во целодневен престој. Интересот за запишување на нови деца е сѐ поголем, меѓу другото, и поради инвентивното изведување на воспитно-образовната програма – дополнува директорката Надица.

Надица Гировска

Препознатливост на градинката

За една градинка да биде најдобра, покрај просторно-материјалните и хигиенските услови, секако најважен е тимот кој работи во неа, вели таа.

– Во градинката работи квалитетен висококреативен кадар (воспитувачи, негуватели, педагог, психолог, доктор, медицинска сестра, педагог по ликовно, физичко и музичко образование) кој со својата инвентивност придонесе „Орце Николов“ да биде градинка во која се поставени високи стандарди. Тие се иноватори, внесени во суштината на професијата, со изграден педагошки такт и со високи критериуми за уредување на просторот. Кај нас постојано се повторува познатата теза: „Учителот за да воспитува, прво треба тој да биде воспитан“.

Од раните години на своето постоење и работа на градинката до денес континуирано се води грижа за стручното усовршување на вработените преку разни семинари, стручни средби и сл. Покрај редовната програма во која се вклучени различни тематски содржини, работиме и на разни интерни проекти како „Откриваме, истражуваме, твориме и учиме – работа со природни материјали“, „Мали, ама важни –инсекти“, „Минатото, сегашноста, иднината – праисториски животни и диносауруси“, „Детето и театарот“, „Сонцето и Сончевиот Систем“, „Зелена природа – среќни деца“, „Рециклирање“, „Здрава храна“ и многу други преку кои децата ги прошируваат своите знаења и ја будат својата креативност – информира Гировска.

Соработката со родителите продолжуваме да ја усовршуваме во различни форми следејќи ги современите трендови, имаме веб-страница (www.gon.mk) на која секојдневно споделуваме дневни содржини, а ги користиме и социјалните медиуми, кои станаа поактуелни за време на пандемијата. Бевме и прва градинка што воведе е-активности како помош на родителите за време на карантинот, во периодот кога градинките беа затворени. Инаку ние сме и првата градинка што отвори екозанимална во дворот, која е опремена со рециклирани реквизити изработени во соработка со родителите, дополнува директорката.

Директорката Надица Гировска 27 години e дел од приказната

За здраво детство и правилен раст и развој, се грижат преку подготвувањето на дневните оброци изготвени според листи на јадења за здрава храна. Дворовите на градинката се пространи, со голема зелена површина, каде што децата често престојуваат на отворено реализирајќи ги дневните содржини преку игри и разни активности.

– Учествуваме на разни ликовни конкурси, манифестации и сл. и имаме добиено многу награди, признанија и пофалници. Можеби сето ова, а и многу други активности нѐ прават градинка поинаква од другите, препознатлива, за што е доказ барањето место плус – изјавува Гировска.

Поради ситуацијата со пандемијата и постојните протоколи по кои работат, оваа година одбележувањето на роденденот ќе го прослават со куклената претстава „На борецот со љубов“ реализирана од страна на воспитувачите во објектот Карпош 4, а во другите објекти интерно во секоја занимална преку игри и песни за нивниот патрон.

– Чест е и задоволство да раководиш со најстарата предучилишна установа, особено кога си дел од приказната „Орце Николов“ цели 27 години. Воедно, за мене, оваа функција е голема одговорност, пред сѐ, кон децата, родителите и кон сите вработени. Мојата цел е подобрување на условите за живот на децата во градинката, воведување новини во процесот на воспитно-образовната работа, позитивна клима за работа, толеранција, градење доверба и почит, како и соработка меѓу вработените, подобра комуникација и соработка со родителите – потенцира Гировска.

Нашата цел е да го поттикнуваме детскиот развој

Кога станува збор за важноста на градинката во процесот на раст и развој на децата, таа смета дека е една од важните алки, при што помага во формирањето на нивните личности, развивање на нивните вештини, како и нивното социјализирање и градење релации.

– Раното детство е период кога децата учат како да учат, по природа тие се љубопитни, сакаат да истражуваат, покажуваат интерес кон сето она што е дел од нивното опкружување. За нас претставува предизвик и потреба да дадеме придонес и да го унапредуваме пристапот кон учењето кај децата уште од најраната возраст. Преку холистички пристап на сите аспекти на развој на децата (домени), земајќи ги предвид возраста на децата, индивидуалните потреби, можностите, способностите и интересите, како и условите за работа од страна воспитувачот се планираат активностите. Воспитувачот е креатор и истражувач и негова главна задача е врз основа на интересите на децата дневно да планира голем број содржини и активности и да им даде можност за избор – истакнува Гировска.

Нашата цел е да го збогатиме и да го поттикнуваме детскиот развој со стимулирање на социјалниот, емоционалниот, физичкиот и интелектуалниот развој, да формираме одговорни, креативни деца со самодоверба, едноставно среќни деца подготвени да чекорат низ патиштата наречени живот, завршува директорката на најстарата градинка во Македонија.

Фото: приватна архива



912

X