Постпородилната депресија е опасна состојба. Справувањето со неа е тешко за секоја мајка. Но, за среќа, психолозите откриваат многу пријатен начин за надминување на состојбата – преку пеење. Како пеењето влијае врз мајката по породувањето?
Од постпородилна депресија страда секоја петта родилка. При таа состојба психичката преоптовареност може да ја сруши и најискусната мајка. Психолозите препорачуваат да побараме професионална помош за постпородилната депресија, но даваат совет и да се направи обид преку пеење да се извлечете од оваа состојба. Имено, пеењето е посочено како најпријатниот начин за да се постигне психичка рамнотежа.
Најдобар ефект има групното пеење
Пеењето помага во справувањето со психичките трауми и депресијата, а им помага и на жените подобро да ги изразат своите емоции. Така, младата мајка не само што се исполнува со позитивни емоции туку почнува и подобро да ги разбира своите чувства. Тоа е многу важно бидејќи партнерот и блиските честопати не ја разбираат. Тогаш се јавува потреба да се направи нешто за полесно да се преброди тој период по раѓањето.
Научници од универзитетите во Словачка, Унгарија и во Полска извршиле истражувања во врска со пеењето и неговото дејство врз жените што се во постпородилна депресија. Во истражувањата учествувале околу 200 мајки, кои биле поделени во неколку групи.
Првата група посетувале групни часови по пеење. Родилките од втората група пееле по дома, а трета група работела со психолози. Имало една контролна група за проверка на резултатите од експериментот.
Во заклучоците психолозите забележуваат дека мајките што посетувале групни часови по пеење најлесно се справиле со постпородилната депресија. На второ место по ефективност се мајките што оделе на консултации со психолог.
Мајките што пееле сами по дома покажале поголема психичка стабилност во споредба со мајките што не добиле никаква помош.
Треба да се напомене дека пеењето има позитивен ефект и врз повозрасните лица што се осамени или имаат депресивни растројства.
Но, научниците сѐ уште не ги откриле причините за таквото влијание на пеењето.