Растително млеко, вода, сокче – експертите направија детален водич за пијалаци наменети за децата до петтата година.

Родителите, како што објави „Њујорк тајмс“, често се збунети кога станува збор за одлуката што треба да пие детето во зависност од возраста. Поради тоа, големите здравствени организации одлучиле да го препорачаат она што би било најдобра одлука.

Додека мајчиното млеко, адаптираното млеко и чистото кравјо млеко се препорачуваат, пијалаците со шеќери, како и растително млеко, треба да за избегнуваат.

Д-р Стефан Денијелс од одделот за педијатрија на Универзитетот во Колорадо бил лидер на панелот во кој учествувале Академијата за нутриционизам и дијатетика, Американската академија за педијатриска стоматологија, Американската академија на педијатри и Американската организација за срца.

– Ова ги покрива сите проблеми поврзани со децата до петтата година – изјави д-р Даниелс. Повод за панелот било спроведеното истражување за здрава исхрана, а бил одржан во септември оваа година.

Водичот што експертите го изработиле изгледа вака:

До 6 месеци – На бебињата им е потребно само мајчино млеко или адаптирано млеко.

Од 6 до 12 месеци – Родителите треба да му даваат на детето помала количина вода бидејќи тогаш се воведува цврста храна. Нема причина на децата да им се дава вода пред шестиот месец бидејќи нивната исхрана во тој период секако се базира на течности. Децата помали од една година треба да избегнуваат секакви сокови, дури и свежо цедени. Потоа може да се воведат свежо цедени сокови, но правилно дозирани.

Од 12 до 24 месеци – Покрај вода, децата можат да пијат и млеко. Доколку се алергични на млеко од животинско потекло или интолерантни на лактоза, незасладеното соино млеко може да биде опција.

Од 2 до 5 години – Млекото и водата се пожелни. Млекото со вкус, засладените пијалаци, бадемовото, оризовото, овесното млеко би требало да се избегнуваат.

– За децата што не се интолерантни на кравјо млеко, ниту имаат алергија, дојдовме до заклучок дека кравјото млеко е најдобрата одлука – изјави Даниелс и додаде дека кај вегански настроените родители некои растителни млека може да бидат добар избор, но да се користат со голема внимателност.

Растителните млека може да изгледаат и да имаат вкус како животинските, но нивните хранливи вредности може да варираат од производ до производ.

– Голем дел од овие растителни пијалаци се дополнително засладени, така што имаат вишок шеќери и калории, што на децата никако не им е потребно – додава тој.

Секако, сите учесници на панелот се согласиле дека пред употребата на растително млеко најдобро би било да се побара совет од нутриционист или педијатар.

Важно прашање што го истакнале експертите е дали треба да се избегнува кој било вид засладен пијалак, што покрај газираните, овошните сокови и засладената вода, ги опфаќа и чоколадното млеко, млекото наменето за деца и слично.

„Целта е да се создадат здрави навики на долгорочен план. Доколку децата се изложени на високозасладени намирници на рана возраст, постои опасност подоцна, кога ќе пораснат, да имаат поголема потреба за нив“, вели Денијелс.

 



912

X