За време на големи собири не е толку тешко да ги забавувате малите деца. Потребни се само малку магија, малку поинтересни и забавни оброци и многу игра и смеа.

– Обезбедете доволен број други деца помеѓу повиканите гости или гостите на свадба. За сите нив можете да организирате посебна програма. Аниматори, спортски игри, магионичари, кловнови… на присутните деца тоа ќе им претставува задоволство, ќе се забавуваат, а и ќе се зближат. Истовремено, на овој начин вие си овозможувате на соодветен начин да се забавувате со своите возрасни гости – порачува педагогот Јелена Холцер.

Аниматорот и магионичар Срѓан Бубановиќ од Србија веќе шест години забавува деца и на родендени и на свадби.

– Кај нас во последните години се посветува повеќе внимание на анимацијата на децата на свадбите. Доколку младенците на својата прослава имаат повеќе од десетина деца на возраст од 4 до 12 години, ангажирањето  аниматор е навистина добра идеја. Со тоа ќе им помогнат на своите пријатели, кои немаат друга опција или сакаат со своите деца да дојдат на свадба, а на децата денот ќе им остане во добро сеќавање. Мојата програма обично трае 2 часа и тоа е сосема доволно време за децата добро да се забавуваат, а можно е да се организира и дополнителна анимација по одредена пауза, освен трикови, организираме и танцување со кореографија, различни натпреварувачки игри без граници и креативни работилници – објаснува Срѓан.

Доколку листата со поканети е богата со имиња на деца, би требало да се имаат на ум 3 совети за нивна анимација и добро расположение. Тоа се:

1. Смислете детско мени

Не мора да имате посебно мени за деца, но познато е дека тие многу повеќе ќе се израдуваат на пилешко и помфрит отколку на филе во сос од печурки. Доколку сте се одлучиле за шведска маса, секогаш е добро да имате свеж зеленчук, како стапчиња од морков и свежо овошје, кое за нив може да биде специјално украсено.

2. Подарете им играчки

Еден од начините својата свадба да ја направите уште попријатна за младите гости е да им обезбедите подароци. Тоа можат да бидат спакувани бонбони, лижавчиња или чоколатчиња, но и евтини играчки, како пластични автомобили и круна за принцези.

3. Дајте им задачи

Некои деца се енергични по природа, додека други се немирни само кога им е здодевно. Децата на сите возрасти можат да добијат одредени задачи за време на свадбената церемонија и во текот на приемот, без разлика дали се работи за фрлање цветови или да дуваат балончиња.

Мислењата на мајките

– Кога и да видам мали деца на свадба, помислувам на 3 работи: 1. Сирото дете, што ќе прави овде; 2. Сироти родители, за нив денеска нема веселба; 3. На овие деца сигурно невестата им е тетка или младоженецот им е вујко, па затоа се тука. Се разбира, постојат и оние детално смислени свадбени забави на кои децата имаат занимација и анимација и тоа ми е во ред, но… не сакам да мислам за расположението на својата тригодишна ќерка, на пример, во црква, кога нејзе задолжително би ѝ се мочкало или би добила желба да прошета малку до олтарот и да ја допре венчаницата на невестата. Исто така, не ми е јасно што би правела кога би ѝ се приспало… Веројатно со сопругот би правеле „дормео-душек“ во седечки став. Мислам дека моето девојче, додека е уште мало, ќе оди на свадба само на своите тетки и вујковци, а дури и тогаш ќе мораме да имаме некоја личност од доверба со која ќе може да го помине оној дел кога треба да одмора – вели Сања Станојловиќ-Лазовиќ.

– Мислам дека децата треба да присуствуваат на свадби, но бидејќи мајките, бабите, тетките и пријателките тој ден се во таканаречен тивок штрајк, треба да се организира аниматор, по можност магионичар, кој знае да ги воодушеви дури и мајките – вели Ивана Мариќ,

– Неодамна бевме на свадба од пријатели кои баш се потрудиле и на децата да им биде забавно, па ангажирале млада, но многу креативна аниматорка. Беше убав ден, така што децата со неа го поминаа поголемиот дел од прославата во градината од ресторанот. Правеа боенки и слики од свадбената торта, кои децата потоа ги боеја, а на младенците им правеа специјални честитки – раскажува Јелена Јовиќ.

– Имам два сина, од 3 и 5 години, кои ги водевме на свадбата на наши блиски пријатели, а имаше доста парови со деца на нивна возраст. Децата беа весели, но по само 3 часа повикавме бејби-сервис на помош за да можеме и ние да се опуштиме во остатокот од вечерта – вели  Данијела Стевовиќ.



912

X