На одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести се наоѓа најмалото предвреме родено бебе, родено во 24. гестациска недела со тежина при раѓање од 480 грама. Инаку, на оваа клиника досега најмалото предвреме родено бебе, кое по добиената интензивна нега и терапија преживеало, е родено во 23. гестациска недела. Ова денес го кажа директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Викторија Јовановска, на одбележувањето на Светскиот ден на предвреме родените бебиња – 17 Ноември.

Воедно, смртноста на предвреме родените од 2016 година, кога таа изнесувала 25%, годинава е намалена на 8,9% рече министерот за здравство Венко Филипче и оцени дека тоа е резултат на вложувањата што се направени во овој дел од здравствениот систем. Тој објасни дека од вкупниот број раѓања во земјава, 25 отсто се предвреме родени бебиња и дека секоја земја преку подобрувања во здравствениот систем се труди да го зголеми процентот на бебиња што ќе преживеат.

-Предвреме родените бебиња се раѓаат главно на Клиниката за гинекологија и акушерство и во болницата во Чаир. Овој успех е резултат на добрата работа на одделите за интензивна нега на ГАК и на Клиниката за детски болести, каде што се третираат овие бебиња по раѓањето. Ова е сегмент каде што изминатите четири години постигнавме значајни резултати. Направивме стратегија уште пред четири години како во подигнување на знаењето така и во опремата, воведовме нови протоколи и патеки за лекување на овие бебиња – рече Филипче.

Д-р Јовановска нагласи дека намалената неонатална смртност е резултат на заедничката работа на сите вработени и во ГАК и во Клиниката за детски болести, а им се заблагодари и на колегите од болницата во Чаир, кои им помагале во услови на пандемија кога немало доволно место и за родилките и за предвреме родените бебиња.



912

X