„Најдобрата, но најверојатно и најтешката работа што можеш да ја направиш за својата ќерка е да ѝ покажеш како треба да се третира жената. Сакај ја својата жена како што посакуваш да биде сакана твојата ќерка“, пишува една мајка во писмото наменето за сите мажи што имаат ќерки.
Никол Мерит, мајка на три деца, упати јавно писмо до сите мажи што имаат ќерки, а нејзината објава ја сподели и популарната страница „Love What Matters“, по што се прошири по социјалните мрежи.
Еве го нејзиното писмо во целост:
„До сите мажи што имаат ќерки…
Самата помисла дека твоето малечко девојче ќе има ’момче‘ веројатно те излудува. Ме излудува и мене, а јас сум мајка. Таа малечка ангелска принцеза од три килограми ја донесовме дома пред седум години, а веројатно првпат ќе се вљуби во следните неколку години, а уште неколку години подоцна – ќе го има и своето прво момче. Таа помисла е застрашувачка.
Меѓутоа, добра вест е дека ти можеш да ѝ покажеш што заслужува таа од мажите. Врските и браковите се тешки и тоа е вистината што еден ден ќе ја осознае и твојата ќерка. Тие се предизвик за сите, вклучително и за внимателните, добронамерните и добродушните.

Најдобрата, но најверојатно и најтешката работа што можеш да ја направиш за својата ќерка е да ѝ покажеш како треба да се третира жената.
Твојата малечка ќеркичка е под влијанија и, за жал, од филмовите, телевизиските серии, списанијата, социјалните мрежи и своите пријатели ќе научи како изгледа и како звучи љубовта – или барем така ќе мисли.
Сепак, поверојатно е дека она што ќе го ’собере‘ надвор од дома ќе биде далеку од вистинската или реалната љубов.
Ти и само ти можеш да се бориш против тоа – со правилно третирање на нејзината мајка и со покажување најголема љубов.
Сè почнува од дома – со тебе и со твојата жена.
Денес и сите други денови, почитувај ја.
Држи ѝ ја раката секогаш кога ќе имаш можност и љуби ја многу.
Смеј се со неа. Гледај ја. Кога ќе зборува, слушај ја внимателно. Отворај ѝ ја вратата. Зајакнувај ја нејзината самодоверба. Цени го она што го работи, биди горд на нејзините постигнувања.
Охрабрувај ја кога ќе ѝ треба охрабрување. Сочувствувај со неа кога ќе бара поддршка. Оди во авантури со неа. Кажувај ѝ колку е убава, однадвор и однатре, често зборувај ѝ го тоа.
Твојата ќерка ја обожава својата мајка, таа е восхитена од неа. Поврзаноста меѓу мајката и ќерката е толку испреплетена, што мајките и ќерките како да живеат паралелен живот. А твоето разбирање на сето ова ќе ти помогне да сфатиш дека твојот однос со жената е поголем од вас двајцата.
Најголемиот подарок што таткото може да ѝ го даде на својата ќерка – покрај своето време и внимание – е да ја сака нејзината мајка“.

 



912

X