Детето се воведува во светот на книгите уште пред да наполни една година
Кога станува збор за децата, првата помисла на секој родител е да им се обезбеди сè што им е потребно за да бидат здрави и среќни. Ова не е новост, туку исконска вистина, од памтивек. И навистина, родителската љубов и грижа не познаваат граници, а во денешно време тоа немање граници станува и контрапродуктивно во поглед на правилното воспитување и развивање на децата како личности. Со оглед на брзиот технолошки развој и пренатрупаноста на пазарите со разни играчки, видеоигри и занимации од секаков вид, кои се еднакво интересни и за децата и за родителите, доаѓа до хиперстимулација и презаситеност кај децата.
Затоа, во овој текст сакам да посветам внимание на едно од најдобрите, ако не и најдоброто стимулативно средство за правилен детски развој, а тоа е книгата.
Детето се воведува во светот на книгите уште пред да наполни една година. Читањето книги е убава зависност која родителите постепено треба да им ја наметнат на своите деца. Преку читањето книги бебето го осознава звукот на зборовите, ритамот и мелодичноста на говорот, полесно се меморираат зборовите, се учи значењето на тие зборови, а сето тоа позитивно влијае врз развојот на говорот.
Додека им читаме на малите деца, тие ги вежбаат своите вештини за слушање, трпението, концентрацијата, а сето тоа е база за развој на академските вештини во понатамошниот период.
Содржината на книгата го стимулира детето да размислува, да поставува прашања, да слушне одговор од возрасниот, да даде свое мислење, да одговори на поставено прашање. Со еден збор, да научи да биде конструктивен соговорник во иднина и да развива култура на дијалог.
Преку читањето книги и разговарањето во врска со сликите и содржините од книгите, детето го запознава надворешниот свет, се развиваат неговата фантазија и креативност.
Самиот процес на читање книга на бебето и понатаму заедничкото читање со малите деца придонесува за позитивен социјален и емоционален развој и јакнење на поврзаноста меѓу возрасните (родители, згрижувачи, негуватели, воспитувачи) и децата.
За да има позитивно влијание врз развојот на детето, важно е да го направиме вистинскиот избор на книга. Првенствено, книгите ги избираме согласно возраста или развојното ниво на децата, а во рамките на развојното ниво, изборот на конкретна книга го прави родителот или детето.
0-3 месеци – контрасни книги
Веднаш по раѓањето визуелната функција не е целосно развиена. Бебињата гледаат сенки, облици, нешто што е големо или мало, без внатрешна интерпретација. Во овој период најдобро го уочуваат контрастот, па затоа им се покажуваат книги со илустрации во јаки и контрасни бои. Книгите за овој развоен период се без текст, а доколку евентуално има, не е потребно да му се чита. Поентата е да се стимулираат очите да прават истражувачки движења и да се создаде рутина на заедничко пријатно искуство помеѓу родителите и децата.
4-6 месеци – тактилни книги
Бебето почнува да ги пушта рачињата и активно да држи предмети. Соодветни книги за овој развоен период се тактилните книги, односно книгите што ги спојуваат визуелната, тактилната и аудитивната функција (видот, допирот и слухот). Тие се изработени од квалитетни материјали, во контрасни бои и со различни текстури. Имаат детали кои не можат да се одвојат од книгата. Материјалите треба да бидат погодни за често миење и безбедни за ставање в уста бидејќи тоа е доминантен начин на истражување на оваа возраст. Пред шестиот месец бебето не е фокусирано на страниците, туку на деталите што може да ги опипа, звуците што ги испушта книгата додека ја тресе или стиска со дланките. Околу шестиот месец може да се премине на книги со цврсти корици и неколку исто така цврсти страници. Илустрациите се едноставни и обично по една на секоја страница со мал текст под неа. Читањето на овие книги е заедничко, родителот го чита текстот и прави пауза пред да ја заврти страницата, со што кај детето се поттикнува љубопитност да види што има на следната страница. На оваа возраст бебињата не можат да вртат страници, затоа овие книги им ги читаат возрасните, а извор за самостимулација остануваат тактилните книги од материјал. Целта на заедничкото читање е зацврстување на емотивната врска помеѓу родителите и децата.
6-12 месеци – книги со рима
Ова се книги што имаат цврсти корици и страници, јасни и естетски убаво изведени илустрации и под секоја има мал текст во вид на стихови кои се римуваат. Поентата на римата и ритамот во текстот е да се навикне увото на бебето на мелодијата и дикцијата во мајчиниот јазик, на тој начин полесно се паметат зборовите и се богати пасивниот речник на бебето, односно разбирањето на говорот. Ритамот и римата ги стимулираат слухот и говорот, а тие се база на вештините за читање и пишување кои тоа ќе ги стекне во натамошниот период (Песнарка за бебиња и мали деца).
Содржината на книгата го стимулира детето да размислува, да поставува прашања, да слушне одговор од возрасниот, да даде свое мислење, да одговори на поставено прашање. Со еден збор, да научи да биде конструктивен соговорник во иднина и да развива култура на дијалог
Детски интерактивни книги, за возраст од 1 до 3 години
Карактеристика на интерактивните книги е што покрај сликите и текстот кои ги содржат, дополнително го стимулираат детето да направи одредено движење со цел да ја открие приказната што е проткаена. На пример, треба да поткрене ќебенце да види кој се крие под него, или да ги отвори прозорците да го види сонцето надвор и сл. Овие книги се направени од тврд картон и на нив имаат различни наменски додатоци кои не можат лесно да се отстранат. При изработката се зема предвид дека на оваа возраст децата сè уште не ја дозираат силата на рацете при манипулации, па материјалот од кој се прават треба да е поцврст, но и безбеден, зашто до крајот на втората година децата сè уште испитуваат со ставање в уста. Исто така, се зема предвид и времетраењето на вниманието на децата, па во согласност со тоа илустрациите треба да бидат јасни, со убави јаки бои, текстот краток, во вид на прашања и одговори или стихови со рима. На овој начин се задржува детското внимание и истовремено се богати фондот на зборови, детето се учи да поставува прашања, да дава одговори, да комуницира. Посебно задоволство на оваа возраст е што децата почнуваат самостојно да им ги „читаат“ книгите на возрасните, што е показател на нивната способност да ги меморираат зборовите, како и на креативноста и фантазијата самите да си ги протолкуваат илустрациите и да разговараат во врска со нив. Темите се од секојдневното опкружување на детето (спротивности од типот големо-мало, парови животни – мајки и деца, овошје и зеленчук, облека, пазар, продавница, превозни средства итн.), како и теми кои не му се средински блиски, но му ја развиваат љубопитноста и истражувачкиот дух (ономатопеја, книги за сонцето, месечината и ѕвездите, животните од различни краеви на светот, книги во кои се опишуваат формите и големините итн.).
Родителската љубов и грижа не познаваат граници, а во денешно време тоа немање граници станува и контрапродуктивно во поглед на правилното воспитување и развивање на децата како личности
Може да избереме меки книги за бои, форми, спротивности, младенчиња, овошје, зеленчук, членови на семејство, за тага, грижа, лутина, среќа, допир, слух, вкус, мирис, слух, за животни. Интересен избор е „Мојата прва книга со зборови“ од Билјана Црвенковска.
Детски книги за предучилишна возраст (4-6 години)
Децата на оваа возраст веќе имаат поголем опсег на интереси и вниманието им е подолготрајно, па изборот на книгите што можат да им се понудат е поголем. Тие сакаат различни типови книги:
1. Приказни од секојдневниот живот, приказни со среќен крај, приказни со јунаци со кои децата се идентификуваат, бајки, приказни по слики (без текст), приказни со илустрации кои содржат повеќе информации од самиот текст, народни приказни (на пример, за одмор и за на патување, за на училиште, басни, бајки. Добар избор се „Девојче и мече“ од Ване Костуранов, „Викенд на село“ од Билјана Црвенковска.
2. Книги со учество – детето треба да плесне со рацете или да заземе одредена поза, да направи некое движење во согласност со текстот од книгата.
3. Книги за формирање поими – поим за деновите во неделата, годишните времиња, поим за број, време….(„ Четири годишни времиња“ од м-р Ели Маказлиева; „Светот на Биби од А до Ш“, „Јане и Јана со броевите до 10“ од Оливера Котева…).
4. Детски енциклопедии.
5. Книги со активности од типот залепи, обој, доцртај, пронајди го натрапникот, лавиринти. („Ајде да учиме заедно“, „Детските волшебни рачиња“, „Биби, Боби и куќичката од чоколадо“ од Билјана С. Црвенковска… ).
6. Детска поезија („Шарено Марено“ од Ванчо Полазаревски и Наташа Костовска, „Слика што блика“ од Киро Донев…).
Како посебна група книги ќе ги издвојам книгите за добра ноќ кои со својата содржина имаат цел да го смират и опуштат детето и да го пополнат конструктивно оној период на легнување во кревет кој децата се обидуваат да го одложат. Овие книги ги има за секоја возраст, а децата секогаш имаат своја омилена, без оглед на возраста.
(Приказни за добра ноќ од целиот свет, раскажани од Киро Донев).
При изборот на книга за вашето дете земете ја предвид неговата календарска и развојна возраст. Во принцип, на книгите е наведена возраста за која се наменети. Исто така, земете го предвид и интересот на вашето дете затоа што читањето треба да му причинува задоволство и да го прави среќно, а не да го чувствува како обврска и притисок.
912