За луѓето што сакаат да се преселат, рангирањето на земјите во светот како најпогодни за живот може да биде корисно. Но, ако децата се вклучени, треба да се земат предвид повеќе фактори отколку, да речеме, просечниот приход или економската стабилност. Можеби сакате да дознаете повеќе за здравјето или среќата на децата во одредена земја, квалитетот на образованието, политиките за семејно отсуство – дури и кои земји имаат најзелени површини или игралишта.

Токму на овие типови фактори се фокусира УНИЦЕФ во своите извештаи за благосостојбата на децата. Важно е да се напомене дека нивните рангирања се однесуваат само на најбогатите земји во светот – и дека не сите податоци се еднакво интересни за иселеничките семејства. Но, нивните откритија помагаат да се направи слика за тоа како е да се воспитуваат деца во земјите низ светот.

Врз основа на некои од тие истражувања, Би-би-си се обиде да одговори на главното прашање на секое емигрантско семејство: кои се најдобрите земји за одгледување деца или во кои земји е најдобро да се биде дете?

Јапонија

Во анализата на детската благосостојба на УНИЦЕФ за 2020 година, Јапонија е рангирана на прво место по физичко здравје, што се однесува на смртноста и дебелината на децата. И во последниот извештај на УНИЦЕФ од 2022 година, кој конкретно се занимаваше со средини во кои растат децата, се рангира на второто место во категоријата „свет околу детето“, категорија која вклучува аспекти како урбаните зелени површини и безбедноста во сообраќајот. Исто така, Јапонија има најниска стапка на дебелина кај децата, ниска стапка на смртност и екстремно ниско ниво на загадување на воздухот или водата што ги погодува децата.

Освен тоа, таа е една од најбезбедните земји за семејствата, и тоа не само во однос на сообраќајните несреќи. Целокупната стапка на убиства во Јапонија е најниска од која било земја на УНИЦЕФ: 0,2 на 100.000, во САД (5,3), Канада (1,8) или Австралија (0,8).

Покрај врвните резултати за здравјето и безбедноста, Јапонија има и еден од најдобрите образовни системи во светот, рангирана на 12. место од 76 земји и региони, според податоците на ОЕЦД на кои се потпира УНИЦЕФ. Освен тоа, оваа земја обезбедува дарежливи права на платено родителско отсуство, при што на секој вработен родител му се нудат околу 12 месеци, а земјата работи на охрабрување на татковците да го искористат ова право на родителско отсуство.

Естонија

Иако Естонија не е на врвот на рангирањето на УНИЦЕФ во целина, таа добива високи резултати во голем број важни аспекти. Децата се изложени на помало загадување на воздухот, помалку звучно загадување и многу помалку пестициди отколку во речиси секоја друга богата земја. Естонија има повеќе урбани зелени површини од многу други земји, вклучително и САД, Канада, Австралија и Обединетото Кралство, а децата уживаат во рекреативните објекти во соседството, како што се игралиштата. Естонија, исто така, има втора најниска стапка на бебиња со мала тежина, што генерално се смета за добар показател за квалитетот на пренаталната нега.

Една од најголемите предности, сепак, може да биде естонскиот образовен систем – децата имаат подобри математички и природни вештини, како и писменост, од која било земја надвор од Азија. Нагласени се и дигиталните вештини.

– Уште во градинките воведени се предмети како роботика, паметни таблети и слично, сите се користат како дел од учење базирано на игра – вели Ан-Мај Месак, проект-менаџер во Естонскиот одбор за образование и млади, кој ги истражува системите за рано образование во земјата.

Естонија нуди 100 дена породилно отсуство, како и 30 дена родителско отсуство проследено со 475 дена платено родителско отсуство кое може да се подели или да се користи со скратено работно време до третата година од животот на детето. До 60 од тие денови и двајцата родители може да останат дома заедно, така што и на двајцата родители ќе им биде платено. Секој родител добива и 10 работни дена платено родителско отсуство за секое дете додека детето не наполни 14 години (Ова отсуство е достапно и за постојаните и за привремените жители на Естонија, вклучувајќи ги и странците).

Шпанија

Шпанија е највисоко оценета во рангирањето на УНИЦЕФ за животната средина околу децата, со особено ниско ниво на морбидитет кај децата поради загадувањето на воздухот или водата. И покрај тоа што имаат послаба севкупна понуда во однос на социјалните, образовните и здравствените услуги, според УНИЦЕФ, децата во Шпанија имаат извонредно висока благосостојба – таа е рангирана на четвртото место во менталната благосостојба на децата и на четвртото место по основните академски и социјални вештини.

Ова не ја изненадува Лори Заино, која пред 15 години од Чикаго се преселила во Мадрид. Сега е мајка на мало дете и вели дека еден од најосвежителните аспекти на живеењето во Шпанија е тоа што децата се вклучени во сè.

– Овде е навистина социјално прифатливо да го носите вашето дете насекаде – во ресторани, барови. Сосема е нормално да се види семејство со мало дете како шета на полноќ. Потребно е многу напор да ги држите вашите деца тивки и смирени за да не ги вознемируваат другите луѓе. Но, никој не се грижи за тоа во Шпанија. Сите се некако среќни и гласни и едноставно уживаат во времето поминато заедно – вели таа.

Мајките и татковците добиваат по 16 недели породилно отсуство, платено 100 отсто од нивната плата (право на породилно имаат и хонорарците), по што мајката може да земе до три години неплатено отсуство или да го намали нејзиното работно време.

Финска

Финска е една од земјите со најдобри резултати во светот во однос на писменоста и математичките вештини на децата, а родителите особено високо го оценуваат односот на училишниот персонал кон нивните деца. Стапката на смртност на децата на возраст од 5 до 14 години е една од најниските во светот. Исто така, оваа земја нуди дарежливо родителско отсуство, вклучувајќи 8 недели платено породилно отсуство, дополнителни 14 месеци платено родителско отсуство кое се дели помеѓу родителите и дополнително отсуство за грижа за децата што може да се примени додека детето не наполни 3 години.

Холандија

На врвот на листата на УНИЦЕФ за благосостојба на децата е Холандија, која е особено добра во однос на менталното здравје на децата (на 1. место) и вештините (на 3. место). 9 од 10 петнаесетгодишници велат дека се задоволни со животот, што е највисок процент од која било земја што ја анкетирала УНИЦЕФ, а 8 од 10 велат дека лесно склопуваат пријателства.

Холандија навистина нуди голема поддршка за родителите. Вклучува најмалку 16 недели задолжително, целосно платено породилно отсуство и до 6 недели платено родителско отсуство, плус неплатено родителско отсуство што може да се користи додека детето не наполни 8 години и е достапно за сите што легално живеат и работат во Холандија.

Извор



912

X