Понекогаш е тешко да ги мотивираме нашите тинејџери да се хранат здраво, но посегнувањето по преработена храна на таа возраст може да ги насочи кон многу лизгав терен. Ново истражување посочува дека слатките, колачите и десертите се најпопуларна храна за тинејџерите.

Студијата, претставена на научните предавања за хипертензија на Американското здружение за срце во Сан Диего, ја водела Марија Балхара, млада студентка од Флорида, која вели: „Преработената храна е дизајнирана да биде исклучително вкусна и создава зависност. Тоа е, исто така, евтина и практична за јадење храна, што отежнува да ѝ се одолее. Повеќето луѓе јадат премногу од таквата храна без да го сфатат тоа“.

Балхара спровела студија за тоа колку често 315 тинејџери консумирале 12 вида преработена храна (вклучувајќи чипс, чоколадо и бел леб) во период од осум недели, заедно со нивната проценета потрошувачка на истата храна во 2019 година (пред пандемијата). Таа открила дека слатките, готовите колачи и замрзнатите десерти се правците кои ги водат младите кон консумирање други видови преработена храна. „Добрата вест е дека дури и малите промени, како што е намалувањето на потрошувачката на овие намирници, може да ја намалат вкупната потрошувачка на нездрава храна и да имаат големо влијание врз вашето целокупно здравје“, вели Балхара.

Кејт Шиланд, регистрирана нутриционистка, вели: „Луѓето имаат тенденција да мислат дека грицкањето помеѓу оброците е лошо. Не е, добро е. Тинејџерите мора редовно да јадат за да го одржат на стабилно ниво присуството на шеќер во крвта и да ги одржат концентрацијата и расположението. Освен што учат и спортуваат, тие и растат, а тоа бара редовен прилив на енергија“.

Хелена Гибсон-Мур, нутриционист во Британската нутриционистичка фондација, се согласува: „Ако тинејџерите се гладни помеѓу оброците, тогаш здравите закуски можат да бидат дел од здравата, балансирана исхрана и да им помогнат да добијат есенцијални хранливи материи како што се протеини, влакна и витамини и минерали кои им се потребни за добро здравје“.

Јаткасти плодови и семиња

Гибсон-Мур препорачува малку несолени мешани јаткасти плодови или семки, бидејќи тие обезбедуваат вредни количини на протеини, влакна и здрави масти.

Свежо сирење

Свежото сирење можеби не звучи како најпривлечна закуска на светот, но можете да го вклучите во безброј комбинации, како на пример со кромид и авокадо, како што предлага Шиланд.

Хумус

Во комбинација со интегрален леб, хумусот е одличен и вкусен оброк за тинејџерите.

Оризови крекери

Релативно евтино нешто што треба да им го понудите на вашите деца се крекерите од ориз, а најдобро одговараат со путер од кикиритки.

Јогурт

Гибсон-Мур го нарекува јогуртот добар извор на калциум, кој е потребен за одржување на коските и забите. Таа продолага: „Додајте семки и овошје за дополнително зголемување на хранливите материи“.

Сендвичи

Иако можеби сакате да консумираат помалку преработен бел леб, тоа не значи дека сендвичите не можат да бидат дел од менито на вашиот тинејџер. Можете да користите леб од цело зрно, а филот може да биде пилешко, хумус и салата.

Извор



912

X