Овие играчки се класика меѓу играчките и многу генерации си играле со нив.

Децата денес имаат на располагање автомобили на далечинско управување, куќа за барбики која изгледа како вила на познатите, роботи составени од 1.000 парчиња што чинат колку една просечна плата… Многу родители понекогаш се чувствуваат лошо бидејќи не можат да си дозволат да им купат на децата од супер скапите играчки, но можеби ова ќе ви помогне да се чувствувате подобро.
Ова е листата со најдобрите пет играчки на сите времиња, во кои уживаат децата со генерации наназад, и сигурно можете да си ги дозволите за вашите деца.

Стап

Сигурно и вашите прабаби и прадедовци си играле со оваа „играчка“, а и вашите деца сигурно ја откриле. Одлично е тоа што стапот може да се користи во толку многу различни игри и за многу различни намени, во зависност од тоа колку детето е имагинативно.
Стапот може да им помогне на децата нешто да дофатат, тоа може да им биде средство за цртање по земја или да им послужи како меч со кој ќе се натпреваруваат со другите деца.
Се разбира, треба да бидете во близина и да ги набљудувате вашите деца за некој да не удри некого по око или слично…

Кутија

Да, картонската кутија може да биде сјајна играчка. Можете да ги најдете во различни облици и големини. На пример, ако имате повеќе кутии со различна големина, децата може да учат да ги наместат малите кутии во поголемите – знаете дека денес има толку многу играчки што работат на истиот принцип, само се прилично поскапи. Исто така, картонската кутија, во зависност од големината и обликот, може да се претвори во мебел, а децата можат дури и да се скријат во поголемите кутии… Од кутијата може да се направи брод, а оваа „играчка“ во суштина може да биде сè што сакате, со помош на детската имагинација.
Ако во моментот немате кутија при рака, и кошницата за алишта може да ви послужи како играчка во некои ситуации.

Јаже

Оваа играчка не е за мали деца бидејќи не сакате детето да си го стави јажето околу врат или да направи нешто што може да го доведе во опасност. Но, кога детето е доволно големо за да знае што не треба да прави, јажето може да му послужи како забава.
Можете да ги учите децата со јажето да поврзуваат работи или да закачуваат играчки со негова помош. Можете да направите, на пример, воз од лименки поврзани со јаже… На децата ќе им биде интересно едноставно да ги влечат работите што се закачени на јажето.

Картонска цевка (ролна)

Се мисли на најобичните картонски цевки, како оние на кои е намотана тоалетната хартија, или поголемите на кои се намотани украсните хартии, бришачите за во кујна, а може да послужат како многу интересна играчка.
Дајте им ги на децата овие картонски цевки и гледајте како ќе уживаат – од нив ќе прават двогледи или може да ги користат како телескоп.

Нечистотија

„Играчка“ од која многу родители се ежат, но ако размислите за своето детство, ќе сфатите дека и вие сте сакале да си играте во нечистотија, на земјата, во калта, во песокот… Сега може не ви се допаѓа кога сте возрасни, но нечистотијата е најдолго на списокот со играчки и веројатно таму и ќе остане.
И добро е што е така бидејќи нечистотијата всушност е добра за децата. Истражувањата покажале дека децата што си играат во нечистотија имаат подобар имунолошки систем. Јасно дека ова за родителите значи повеќе перење и пеглање, но ако е добро за здравјето на детето, значи вреди.
И што ќе прават децата во таа нечистотија? Ќе копаат, ќе прават дупки. Може во играта ќе вклучат и стап, па ќе направат патека за автомобили или нешто слично.
Можеби не ви се допаѓа, но е добра, евтина и една од омилените детски играчки!

Која беше вашата омилена „играчка“?



912

X