Воспитување

Најдобра пријателка или перфекционист – откријте каков тип мајка сте

Секоја мајка треба да ги одгледува своите деца како што смета дека е најдобро, а воспитувањето треба да го приспособи на секое дете.
Нема правилен и погрешен пристап, а американскиот психолог Стивен Полтер дефинира пет типа на мајки, објаснувајќи ги нивните предности и недостатоци:

Перфекционистички тип

Овој тип мајки сакаат сè да имаат под контрола, а летвичката ја поставуваат високо и за себе и за своите деца. Не ги интересираат туѓите ставови, но особено им е важно каков впечаток оставаат кај другите луѓе. Децата на ваквите мајки често се склони кон претерана самокритичност и тешко ги покажуваат своите емоции. Добрата страна на ваквиот вид мајчинство е што кога децата ќе пораснат, тие се посветени и одговорни за сè што работат.

Најдобри пријателки

Поради избегнувањето одговорност и немањето правила, кон децата се однесуваат како кон рамни на себе. Мотивот многу често им е страв од тоа дека ако ја прифатат улогата на класична мајка, нивниот „безгрижен“ живот ќе заврши. Децата се во „партнерски“ однос со мајката, па поради тоа, подоцна во врските можат да се чувствуваат несакани и потценети.

Непредвидливи мајки

Овој стил на мајчинство го карактеризираат честите лутења и мачнини, така што нивните воспитни методи зависат од моменталното расположение. Во сè гледаат потенцијален проблем и често своите стравови им ги пренесуваат на децата, кои рано учат да препознаваат различни типови луѓе за да можат да се справат со туѓите непредвидливи чувства, но можат да бидат и склони кон депресија и изливи на гнев.

Јас на прво место

Овие мајки не ги сфаќаат и не ги уважуваат децата како засебни индивидуи, многу се несигурни и ориентирани само кон себе. Децата често сметаат дека нивната улога е да направат сè за нивната мајка да се чувствува добро, па и подоцна во животот се лојални и постојано подготвени за давање поддршка. Сепак, често се сомневаат во својата способност за одлучување и веруваат дека размислувањето на мајката е поправилно и поважно од нивното.

Комплетни мајки

Овој вид мајчинство е идеален бидејќи е емоционално урамнотежен. Таквите мајки им помагаат на децата да ја развиваат својата независност, не се стремат кон совршенство, а децата подоцна во животот се охрабрени да ризикуваат, да ги доживуваат проблемите како предизвици и без страв да остваруваат емоционални врски.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top