Денешните родители ги чуваат своите деца под стаклено ѕвоно и тоа во никој случај не е добро. Нормално е родителите да сакаат да ги заштитат своите деца од работи што можат да им наштетат, особено од бактерии што предизвикуваат болести. Сепак, децата мора да имаат контакт со бактерии затоа што само така имунолошкиот систем ќе може да ги препознае и потоа да ги уништи.

Примери што може да се видат во зима во Шведска, Данска и во Исланд за многу родители кај нас се непоимливи. Колички со бебиња наредени пред тротоарот пред кафулињата и рестораните, додека врне снег и дува ветер, а родителите внатре си пијат кафе или чај. И кога се дома, попладневните дремки на детето се одвиваат надвор на балкон или на тераса, со цел детето да не го пропушти дневното „челичење“ на остриот северен воздух. Зад оваа практика стои популарното верување дека престојот на свеж воздух ги прави децата поотпорни на вируси и настинки, а дека престојот во затворен простор не е здрав и ја зголемува можноста за инфекција.

Ова се најчестите грешки што ги прават родителите кога сакаат да ги заштитат децата, а всушност со нив им штетат.

1. Прегревање на децата

Кога добро ќе ги затоплат децата, родителите се среќни.

– Првата грешкa што ја прават родителите е прегревање на бебињата бидејќи мислат дека се склони кон настинки. Тоа е сосема погрешно и е токму спротивното: бебињата се чувствителни на прегревање. Тие не треба дополнително да се покриваат, да им се ставаат чорапи и капи, особено не ако се дома, а просторијата во која престојуваат не треба да биде потопла од 22 степени. Во спротивно, може да дојде до оштетување на терморегулаторниот систем, па затоа ова дете подоцна ќе биде склоно кон настинки – истакнува д-р Дејан Јонев, педијатар од Србија.

2. Претерување во одржувањето на хигиената на просторот

Прекумерното одржување на хигиената може да доведе до нарушување на имунитетот на бебето и да придонесе за развој на алергии, астма и егзема. Се разбира,  одржувањето на хигиената е многу важно, но тоа не значи дека едно лице треба да живее во целосно стерилна средина. Современите хигиенски производи придонесоа за искоренување на многу болести, но ако употребата на средства за чистење е прекумерна, околината во која живее детето станува причина за развој на имунолошки нарушувања.

– Од искуство знам дека многу родители прават грешки кога станува збор за хигиената. И токму тука се појавува проблемот, бидејќи како децата ќе стекнат имунитет ако сè околу нив е стерилно? Ова вклучува ситуации кога нешто паѓа на подот или кога не сакаат да ги испраќаат своите деца во градинка за да не бидат постојано болни. Родителите никогаш не можат да разберат дека имунитетот се стекнува на тој начин, бидејќи ако не наидат на инфекции во градинка, ќе наидат на училиште – посочува д-р Јонев.

Секогаш кога детето ќе дојде во контакт со бактерија или вирус, неговиот имунолошки систем почнува да произведува антитела што следниот пат ќе го препознаат „натрапникот“ и ќе се справат со него. Сепак, за да се случи ова, бактериите мора да навлезат во телото на бебето, што едноставно не е можно во премногу чиста и стерилизирана средина.

3. Не ги оставаат децата да играат во калта

Иако за голем број родители ова изгледа страшно, тоа е активност што децата ја обожаваат и така стануваат поотпорни. Лекарите велат дека ги разбираат родителите кои се плашат да го остават своето дете да се извалка и да стапи во контакт со разни микроорганизми, но дека тоа сепак е дел од растењето, па затоа им се препорачува на родителите да му дозволат на детето да се валка и со тоа да го зајакне имунитетот. Родителите треба да им дозволат на децата да ги допираат калта, дрвјата, растенијата, инсектите. Да им се овозможи да прават пита од кал и вода, а ако стават кал в уста, воопшто да не паничат, затоа што еднаш кога ќе го почувствуваат горчливиот вкус, децата нема да се обидуваат да пробаат пак.


4. Не ги оставаат да се дружат со животните

Бебињата и децата треба да играат со кучиња, а родителите не треба постојано да ги држат настрана од животните. Ако кучето редовно се носи на ветеринар, нема потреба за грижа дури и ако кучето го лижне детето. Истражувањата покажуваат дека на овој начин се намалува ризикот од астма и алергии кај децата, а децата на тој начин учат да ги сакаат животните. Немојте веднаш да им ги миете рацете.

5. Постојано даваат антибиотици

Родителите треба да избегнуваат антибиотици кога е можно, бидејќи тие ги убиваат и лошите, но и добрите, неопходни бактерии. Прекумерната употреба на антибиотици може да доведе до астма, алергии, дебелина, дијабетес и други болести. Исто така, може да предизвика лошите бактерии да станат отпорни на антибиотиците и негативно да влијаат врз имунолошкиот систем на детето.

Извор



912

X