Се повеќе жени се соочуваат со стерилитет, иако често се случува дури и гинеколозите да не можат да ја пронајдат главната причина за неплодност, што го отежнува лекувањето. Ова се најчестите фактори што можат да бидат главната пречка за бременост:

Нарушен процес на овулација – Овој тип нарушување често се јавува и е поврзан со односот помеѓу хормоните LH и FSH. Многу мало отстапување на овие два хормони од референтните вредности може да доведе до намалена плодност или отсуство на овулација.

Нарушениот процес на овулација може да биде предизвикан од неколку фактори: прекумерно гладување или вежбање, тумори или некои повреди на главата.

Зголемено ниво на хормонот пролактин – Хормонот пролактин е хормон кој влијае врз производството на млеко. Зголеменото ниво на овој хормон може да доведе до нарушување на процесот на овулација. Еден од првите симптоми на ова нарушување може да биде појавата на млеко во градите.

Непроодност на јајцеводите – Имајќи предвид дека при спонтано оплодување половите клетки се спојуваат токму во јајцеводот, пресудна е нивната функција. Оваа форма на стерилитет е многу честа, бидејќи има многу фактори кои можат да доведат до оштетување или опструкција на јајцеводите. Инфекции, воспаленија кои можат да останат незабележани, бактерии (уреаплазма, кламидија) кои се сексуално преносливи влијаат врз оштетувањето и непроодноста. Оштетувањето на јајцеводите може да доведе до вонматерична бременост, а блокадата го спречува оплодувањето на јајце-клетката, па затоа не може да дојде до бременост.

Синдром на полицистични јајчници (PCOS) – Синдромот на полицистични јајчници е нарушување во кое на јајчниците се формираат многубројни цисти со дијаметар од 5 до 20 mm, а големината на јајчниците во овој случај е двојно зголемена. Ова нарушување влијае на намалената можност за зачнување. Симптоми кои укажуваат на овој синдром може да бидат: зголемена влакнетост, опаѓање на косата, отсуство на менструално крвавење или во намалена количина, акни, дебелина.

Ендометриоза – Ова нарушување во медицината е опишано како посебен процес во кој ткивото на матката се наоѓа надвор од самата матка и најчесто ги зафаќа јајцеводите и јајчниците, а понекогаш и ректумот и бубрезите. Ткивото на матката кое се наоѓа на такви места може да влијае на намалената функција на производството на јајце-клетки и намалената проодност на јајцеводите. Ова нарушување влијае врз хормоналната рамнотежа и ткивото реагира со крвавење во согласност со менструалниот циклус. Жените што имаат ендометриоза често чувствуваат болка во долниот дел на стомакот.

Фиброиди на матката и полипи – Израстоците во матката, исто така, може да влијаат врз успехот на зачнувањето. Постапката што се користи при нивното откривање и отстранување се нарекува хистероскопија, а доколку е потребно лекарот ќе препише друг вид терапија.

Што ако знаците на неплодност се невидливи и скриени?

Има случаи кога стерилитетот има поретки причини. Затоа е потешко да ги препознаете бидејќи неплодноста се јавува како резултат на проблеми со имунитетот или нејзините причини се необјаснети.

Во првиот случај, женскиот имунитет произведува антитела кои им отежнуваат на сперматозоидите да стигнат до јајце-клетката и да ја оплодат. Се случува и имунолошкиот систем на жената да ги отфрли плацентата и фетусот. Ова е инаку прилично ретко нарушување кое може да се открие со помош на специјални тестови, а причините за неуспешната бременост се поврзани со автоимуни или наследни фактори. Иако факторите што предизвикуваат стерилитет се многубројни, понекогаш е невозможно да се утврди некоја позната причина. Експертите потоа зборуваат за необјаснети причини за неплодност.

Затоа е важно да знаете дека на проблемите со стерилитетот влијае начинот на живот, како и одредени навики како што се: пушење, алкохол и прекумерна употреба на кофеин, употреба на наркотици, долготрајна употреба на лекови против отоци и воспаленија, неухранетост или дебелина.

Автор: Сандра Крстановиќ

Извор



912

X