Веројатно претходно сте го пречекувале сопругот пред врата со насмевка и бакнеж, а сега кога ќе стигне од работа, често ви се случува уште пред да влезе да започнете кавга. Причината може да биде банална – затоа што доцни три минути, а вие треба да подготвите вечера, да се истуширате или едноставно не можете да дочекате да стигне за да ве одмени.
Не грижете се, тоа е многу честа ситуација низ која минуваат новопечените родители.

Првите неколку месеци откако ќе дојде бебето навистина не се лесни. Да се има бебе, значи животот да ви се смени од корен, а несогласувањата меѓу родителите околу некои работи нема да траат вечно. Кога ќе прочитате за кои работи најмногу се караат родителите меѓу себе, ќе ви биде полесно зашто ќе знаете дека не сте единствени.

Кавга 1: Чие спиење е поважно?

„Мажот ми сака да спие и не станува пред 8:30 во викенд, освен ако не треба да направи нешто што навистина го сака“, се жали една мајка.
Што да направите? Договорете се дека одморот и спиењето се приоритет за двајцата.
Некој мора да стане рано наутро заради бебето. Родителот кој бил буден во текот на ноќта смета дека има право да поспие подолго наутро. Родителот кој оди на работа цела недела смета дека заслужува барем во викенд да спие подолго. И кој е во право? Вистината е дека и двајцата имаат право на екстра минути одмор одвреме-навреме за да бидат среќни и задоволни. Така што, договорете се и бидете великодушни еден кон друг – за спиењето и одморот да бидат приоритет и за двајцата.
Некои двојки прават план однапред за цела недела за тоа кој кога да спие, па и двајцата да бидат одморени. Меѓутоа, таквите долгорочни планови лесно можат да се нарушат од непланирани обврски на едниот, па затоа фокусирајте се на следните 24 часа и размислете како можете најдобро да се организирате за и двајцата да бидете наспани.

Кавга 2: Се натпреварувате

„Постојано се натпреваруваме и броиме кој што направил, особено кога сме уморни, што речиси е секогаш“.
Што да направите? Спуштете го оружјето и извадете го беџот на маченик од себе.

Запомнете, и двајцата играте за истиот тим. Наместо да правите списоци со работи што сте ги направиле, размислувајте за иднината. Направете голем список со работи што треба да се направат и едноставно поделете си ги обврските. Многу е важно и двајцата да се согласувате со распоредот на активностите.

Кавга 3: Како го користите времето за семејството?

„Мојата сопруга се жали дека често се јавувам на телефон и одговарам на е-пораки во периодот што би требало да му го посветам на семејството“.
Што да направите? Одвојте посебно време за работните обврски од дома.

Многу често се случува да не можеме да се исклучиме од работните обврски и активности кога сме дома со семејството. Но мора да запомнете една работа – вашите деца кратко време ќе бидат малечки, па затоа не пропуштајте го тој прекрасен период заради работата. Кога сте со нив, бидете присутни и физички и духовно.
Одлично би било ако имате можност да одвоите посебна просторија за работни активности дома. Исто така, определете точно време кога ќе им се посветите. Од друга страна, кога не сте во таа просторија, тргнете ги настрана мобилниот, таблетот, лаптопот и сè друго што би можело да го попречи вашето време за семејството. Не дозволувајте еден ден да жалите за времето што не сте го поминале квалитетно со семејството.

Кавга 4: Чиј начин е вистинскиот?

„Често се караме бидејќи сметаме дека другиот родител не постапува правилно во врска со воспитувањето и однесувањето кон детето. Зошто му дозволи да изеде две банани? Зошто премногу му викаш на детето? Зошто го остави да дремне, нема да спие цела ноќ…“
Што да направите? Попуштете, иако тоа не изгледа лесно.

Родителот кој најчесто го поминува времето со детето има чувство дека е задолжен буквално за сè и дека најдобро знае како треба да се прават работите. Но кога ќе се најдете во ситуација постојано да му кажувате на партнерот што, како и кога треба да направи, ќе сфатите дека ни вие не го правите тоа на вистинскиот начин. Застанете и размислете, можеби не сте секогаш во право, а можеби треба и на партнерот да му дозволите да направи така како што смета дека е најдобро.

Кавга 5: Труд за кој не добивате благодарност

„Многу работам за да му обезбедам пристоен живот на семејството, но секогаш имам впечаток дека тоа не е доволно“, си ги кажува маките еден вработен татко.
Што да направите? Секогаш кажете го тоа што го мислите.

Лесно е да се онерасположите и да почнете да мислите дека она што го правите, без оглед колку сте се труделе, никогаш не е доволно. Таквиот став доведува до долгорочно натрупување на незадоволство и навистина може да има лоши последици. Обидете се за почеток отворено да разговарате за тоа и да почнете да се фокусирате на малите работи. На пример, малите комплименти на дневно ниво можат многу да му значат на родителот што лошо се чувствува. „Прекрасно го облече бебето денес“ или „Ти благодарам што ги спростре алиштата денес“ можат да ви го разубават денот и на двајцата.

Кавга6 : Недостиг на секс

„Мојот сопруг пречесто инсистира на секс, како кога немавме деца. Меѓутоа, по напорниот ден со бебето, доењето, готвењето и сите други обврски, мене ми треба само перница и ништо друго“.
Што да направите? Испланирајте романтични моменти

Во оваа ситуација и двајцата сте во право и имате право на свои ставови. Но, обидете се да ја согледате ситуацијата од аголот на партнерот. Како би се чувствувале вие ако апсолутно не разговарате меѓусебно една недела? Е веројатно така се чувствува партнерот толку долго без секс. Размислете што би помогнало за и двајцата да се чувствувате поубаво? Можеби малку почести разговори кои ќе ги водите насамо откако ќе заспие бебето, можеби помалку дневни обврски ќе ја подобрат ситуацијата.
Некои двојки смислиле одличен трик – го промениле времето во денот кога ќе водат љубов. Секако, кој има сила да го прави тоа по напорниот ден? Разбудете се малку порано и ќе имате време свежи и одморени да си се посветите еден на друг. Од друга страна, не е лоша идејата и да „закажете“ секс.

 



912

X