Кумановката Бисера Ќурчинска заврши основно образование годинава во училиштето „Кочо Рацин“ во Куманово

Полуматурантката Бисера Ќурчинска од Куманово го напишала најубавиот есеј на тема „Замислувајќи го Европеецот на иднината“, накој што Советот на Европа го распиша пред неколку месеци. Беа поканети сите основни училишта во земјава да учествуваат, а поводот за есејот е одбележување на 70 години од основањето на Советот на Европа.

Менторка на Ќурчинска беше нејзината наставничка по македонски јазик во основното училиште „Кочо Рацин“ од Кумановo.
– Пропозициите беа есејот да има 1.000 зборови. Видно бевме изненадени кога од МОН нѐ контактираа за да нѐ известат дека есејот на Бисера е избран за најдобар национален есеј. Истиот беше преведен на англиски јазик и испратен во Стразбур, а потоа од истиот е направен и извадок – мисла, пасус кој ги содржи начелата на Европa – објаснува Весна Тодоровска.

Бисера со својата професорка по македонски јазик, Весна Тодоровска

За Бисера ова не е прва награда за пишување. Втори места освоила на државниот натпревар по македонски јазик и литература во изминатата учебна година Бисера и на државниот натпревар во пишување есеј во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература.
– Круна на нејзините награди е токму оваа за најдобар национален есеј. Искрено, се надевам дека во октомври кога и ќе биде завршната манифестација во Стразбур, Бисера на најдобар можен начин ќе се промовира и себе и својата држава – додава наставничката.

Деца.мк го објавува целиот есеј на Бисера.

„Замислувајќи го Европеецот на иднината“

Кога ќе помислам на таа величествена богата Европа, се чувствувам како да ставам шарени очила со стакла од мозаик, како да влегувам во автомобил кој ме води во нов, поразличен и далечен свет. Посакуваната Европа е спој од многу различни народи, раси, бои и, пред сè, вредности. Многу луѓе од сите краишта на светот се доселувале на овој континент и секој со себе спакувани во својот куфер носел свои вредности, своја култура и традиција, а потоа ги споделувал со другите. Но, за да функционираат работите, да се почитуваат и да се прифатат сите тие вредности, како нешто ново и интересно од страна на сите Европјани, треба да има некаков ред, љубов, култура, односно европскиот идентитет.
Европа е големо семејство, а во него мора да постојат правила и вредности за да има ред и почитување. Од тоа зависи дали семејство ќе биде сложно, а секој нејзин член треба да има клуч искован од култура и вредности што ги отвора сите врати. Без него, членовите на заедницата нема да знаат што треба да прават, како да се однесуваат, кого да го слушаат и почитуваат. Семејството кое ги почитува поставените вредности е функционално семејство. Од таму тргнува сè, од таму се определува и насоката на движење, па и крајната дестинација.

Бисера Ќурчинска

Постојат повеќе видови семејства: традиционални – во кои строго се почитуваат правилата, а членовите кои не се „главни“, како заробени во кафез, немаат право на збор, ниту на свое мислење. Демократски – во кои се почитува мислењето на сите членови, од најстарите до најмладите и постојат заеднички утврдени правила. Најнепосакуваните семејства во кои „владее“ анархија, без вредности и правила, без почеток и крај во кои секој прави што сака и никој не почитува никого.
Македонија е држава која сака да биде дел од големото европско семејство и затоа е во процес на прилагодување и прифаќање на европските правила, со стремеж да стане демократско. Сите држави во Европа се една голема заедница од сите возрасти и со различна убавина.
Англија е најстарата госпоѓа, кралица со богато минато, во својот раскошен фустан од свила и мала блескава круна. Холандија, млада госпоѓица со шешир направен од лалиња вплеткани во нејзината коса. Шпанија, впечатлив, интересен господин во свечен матадорски костум во јарки бои, украсен со блескави дијаманти. Готвачот на семејството, со својата голема капа, засукани мустаќи, творец на највкусните пици и сладоледи – Италија. До неа – Австрија со внимателно исчешлана коса, во црно-бел костум и мала црна машничка, стар културен господин со филхармонијата во свои раце. Франција е постарата сестра, облечена по најнова мода и сјајна коса која има мирис на најубавите парфеми. Постариот брат – Германија, во скромно одело и вратоврска, очила за сонце, слушалки во ушите и лап-топ во рака. А меѓу нив некаде – Македонија, најмлада, сè уште учејќи ги правилата и условите кои треба да ги исполни за да созрее, да стане возрасна и дел од нив.

Македонија е тинејџерка, збунета и вознемирена, а со богата култура, традиција, историја, храна, убавина и големо „генерациско стебло“ чии длабоки корења се разгрануваат на сите страни. Нема ништо лошо во тоа, но вечниот проблем на тинејџеритe е што никој не ги сфаќа сериозно. И ние имаме одлични идеи и размислувања, но ретко кога се земаат предвид. А кога не се обрнува внимание на таквите идеи, размислувања и желби, се чувствуваме понижени.
И јас сум млада бунтовничка. Чекорам по патеката на животот, кон вратата на зрелоста. Потребен ми е само мојот клуч, јас да го исковам и направам онаков каков што сакам, тој ќе биде моето огледало за да ја отворам големата европска врата. И нема да го направам од бакар, сребро или злато, туку во него ќе вткајам хуманост, изградена свест за заштита на природата, почитување, свет без предрасуди.
А кога конечно ќе ја поминеме таа врата, кога ќе зачекориме на прагот на зрелоста, се менуваме, се прилагодуваме за да бидеме прифатени. Меѓутоа, не треба да заборавиме кои сме и дека, сепак, сме единствени по нешто. Да успееме да ги задржиме традиционалните вредности, да не ги заборавиме нашите корени. Треба да се гордееме со самите себе, а истовремено и да се надоградуваме.
Животот е кула од коцки и постојано се додаваат нови, во различни бои и нова вредност. Секоја си го наоѓа своето место и има своја уникатност. Па така, редејќи се една по една, се гради замок, царство, а на тронот на тоа царство, седиме ние. Најважната од сите коцки е меѓусебното почитување. Со неа градиме мостови помеѓу нашите дворци и создаваме моќно царство. Ако успееме да ја сфатиме оваа вредност и да ја примениме во секојдневниот живот, тогаш сме подготвени да стапнеме на килимот наречен Европа. Тој килим многумина го газат, но на различен начин, а тој треба истовремено да биде удобен за сечии нозе.
Чекорејќи по него, чекориме кон иднината каде владее мирот, каде се дарува љубов, каде слогата нè зближува и секој ја има слободата да лета низ облаците со своите крилја. Таму секој е прифатен таков каков што е, секој искажува почит и помош таму каде е потребно. Колку и да се чини далечна, невозможна, ние ја имаме моќта, иднината да ја претвориме во сегашност. Потребно е да ги почитуваме своите и вредностите на другите. Тоа зависи од нас, како заедница, семејство, луѓе, како Европјани. Треба да создадеме општество, дом за сите, место каде нема граници и ограничувања. Тоа е дом на човечките скапоцености кои ги поседуваме.

Европа е дом на сите нас. Дом на секој човек со хумани вредности, развиена свест еднаквост во различноста. Можностa е пред нас, само треба да се поткренеме на прсти и да ја дофатиме од таа висока полица која се чини недостижна. А, всушност, потребно е само отворен ум, без однапред поставени бериери, ум кој ќе те поткрене и сè е возможно. Упорноста и работата ќе помогне да си го направиме нашиот клуч, нашето царство од коцки и да ги пронајдеме нашите вредности. Зошто да не се обидеме, зошто да го замислуваме, кога можеме да бидеме „Европјани на иднината“. Европа е веќе длабоко во мене и јас сум Европа.



912

X