Се препорачува времето поминато пред екран да се сведе на минимум. И тоа: децата од две до петгодишна возраст да не поминуваат повеќе од еден час пред екран дневно, додека за поголемите деца правилото е – не повеќе од два часа дневно, вели Скепароска-Петковска

Децата честопати се одушевени од одреден лик-јутјубер. Тој е „еден од нас“, го сметаат за другар или другарка и живеат во таканаречена виртуелна илузија. Истовремено имаат тешкотии да се поврзат со другарчиња од своето секојдневие. Родителите обично ги забележуваат првите знаци на зависност, вели Надица Скепароска-Петковска, магистер од областа на клиничката психологија од скопското советувалиште „Мозаик“. Како оваа појава влијае врз децата, особено врз најмалите. Како се одразува врз понатамошниот развој? Со Скепароска-Петковска разговараме за повеќе аспекти на влијанието на јутјуберите врз децата.

Надица Скепароска-Петковска, магистер од областа на клиничката психологија

Како гледањето видеа и играњето видеоигри влијаат врз развојот на едно шестгодишно дете?

– Ако прашате неколку деца на шестгодишна возраст дали имаат свое омилено телевизиско шоу што се емитува во епизоди, ќе ви кажат – не. Имаат омилени видеа затоа што поголемиот дел од времето го поминуваат на каналот „Јутјуб“. Зошто е дискутабилно токму гледањето на јутјуберите? Има повеќе одговори на ова прашање. Прво, појавата на зависност од гледање видеа или од играње игри. Шестгодишно дете обично нема претстава за времето поминато на таблет или на телефон. Може со часови да гледа различни видеа и обично никогаш не е доволно. Покрај појавата на зависност, постои уште една опасност – содржината на видеата што се појавуваат. Трето, желбата за имитација на ликовите што се појавуваат во видеата може да ги доведе децата во ризични ситуации. Во приватна практика работам со деца што пројавуваат стравови од нереални ликови и кажуваат одредени имиња што се повторуваат. По експлорација (истражување), утврдив дека тие ликови ги виделе токму на каналот „Јутјуб“. Често ги споменуваат Killer Clown, Bloody Mary, Five Nights at Freddy`s… Децата секогаш кажуваат дека тоа се вистински ликови. Кога ќе ги прашам зошто, одговараат: „Затоа што ги видов на видео“. За помалите деца е реално сè што ќе видат на видео или на телевизија. Се случило поголемите деца и тинејџери да се сретнат со видеа со експлицитни сексуални сцени и потоа се збунети во врска со сексуалноста и чувствуваат срам и вина.

Кога родителот треба да се замисли дека неговото дете станува зависник од „Јутјуб“?

– Родителите обично ги забележуваат првите знаци на зависност. Тоа се: гледање во мониторот со часови, одбивање секаква друга активност, отсуство на спонтана игра, кавги, па дури и тантруми кога родителот кажува дека детето треба да го исклучи уредот. Кај нас има родители што ги носат своите деца примарно на терапија поради симптоми на анксиозност, а потоа се испоставува дека треба да работиме на зависност од „Јутјуб“ или од видеоигри.

На овој начин многу производители си ги рекламираат своите производи. Како родителот да реагира во една ваква ситуација?

– Консумеризмот зема голем замав. На децата им се презентираат реклами на два начина. Има видеа во кои на експлицитен начин се рекламира одреден производ. Децата ги гледаат тие видеа без особено внимание. Во други видеа на имплицитен начин се презентираат одредени играчки или производи преку ракување со нив и токму тој начин е поопасен. Во многу видеа е прикажано како одредено дете си игра со одредена играчка. Гледањето видеа во кои се отвораат киндер-јајца или се игра со одредена кукла создава кај детето антиципаторна желба за поседување на истата играчка што ја видело. Родителот тука има тешка задача – да ги ислуша барањата на детето и да му каже дали може да се купи таа играчка. Родителот треба да постави јасни правила и граници околу купувањето играчки.

Живееме во време кога технологијата се користи во секој сегмент од животот. Има ли начин да се ограничи пристапот до таа технологија?

– Живееме во време кога пристапот до модерната технологија е лесно достапен за сите, вклучувајќи ги и децата. Ние секојдневно ги користиме паметните телефони, таблети и компјутери, децата нè гледаат и сакаат да нè имитираат. Кога првпат ќе се сретнат со видеата и игрите, децата сакаат уште. Целосна изолација е можна кога и ние, родителите, не би ја користеле модерната технологија. Меѓутоа, децата имаат другарчиња што имаат телефони и таблети, па така доаѓаат до слободен пристап. Денес е тешко децата да ги изолираме во „балон од сапуница“. Затоа родителот има задача да поставува правила и да воведува ред. Родителот го определува времето поминато пред компјутер, таблет, телефон и го потсетува детето на правилата. Покрај тоа, родителот секогаш има опции како, на пример, родителска контрола. Се препорачува времето поминато пред екран да се сведе на минимум, и тоа: децата од две до петгодишна возраст да не поминуваат повеќе од еден час пред екран дневно, додека за поголемите деца правилото е – не повеќе од два часа дневно.

На која возраст детето е подготвено да се справи со сите предизвици и ризици од развивање можна зависност од овие трендовски појави?

– За појавата на зависност не постои критична возраст.

Како тие придонесуваат за појавата на агресија, со оглед на тоа што многу игри имаат насилна содржина?

– Направени се многубројни истражувања за врската меѓу појавата на агресија и играњето видеоигри. Резултатите од истражувањата не се едногласни дека постои поврзаност. Авторите соопштуваат дека станува збор за комплексна појава која се анализира од повеќе гледни точки. Имитација. Проблем настанува кога децата сакаат да ги имитираат јутјуберите или дел од содржините на игрите што ги играат. Притоа може да се доведат до опасност или да повредат некого.

Интересен е феноменот што многу наши дечиња зборуваат англиски додека снимаат видеа, имитирајќи ги своите идоли од „Јутјуб“. Како го објаснувате овој феномен?

– Децата најдобро учат преку имитација, така што донекаде е нормална појавата на говор на англиски јазик уште кај двегодишни деца. Тоа покажува дека тие деца поголем дел од своето време го поминале пред екран гледајќи цртани, видеа или игри каде што се зборува на англиски јазик. Децата што снимаат видеа зборуваат на јазикот на кој се зборувало во видеата што претходно ги гледале.

Сè поголем е процентот на деца и младинци што живеат на социјалните мрежи и на интернет. Какви психолошки последици остава врз децата и младинците прекумерното користење на дигиталната технологија?

– Прекумерното користење на дигиталната технологија во најрана возраст придонесува за појава на задоцнет развој на говорот кај децата. Тоа е многу честа појава кај нас бидејќи многу е мала продукцијата на цртани и видеа на македонски јазик. Кај помалите деца се појавуваат низа стравови, срам и вина од одредени содржини видени на интернет. Кај поголемите деца прекумерното користење на дигиталната технологија се одразува врз степенот на социјализација. Имаме генерации што времето за дружење го поминуваат мрежно поврзани играјќи игра на компјутер наместо да играат надвор. Честопати се случува децата да бидат воодушевени од одреден лик-јутјубер, кој е „еден од нас“, па го сметаат за другар/ка и живеат во таканаречена виртуелна илузија, а истовремено имаат тешкотии да се поврзат со другарчиња од своето секојдневие.

Прочитајте: Искуство на мајка од Скопје: Не знаев дека постојат луѓе што по цел ден се снимаат, башка и пари прават од тоа



912

X