Дел од гинеколозите ги советуваа бремените жени да се вакцинираат, а дел да не се вакцинираат. Единствена разлика во начинот на примање на вакцината кај бремените е што меѓу првата и втората доза треба да се направи пауза од осум недели, вели д-р Јовановска

Бремените жени да не се плашат и да се вакцинираат против коронавирусот, препорачуваат гинеколозите и педијатрите. Тие велат дека вакцините се безбедни и бремените жени да не се доведуваат во опасност да се разболат од ковид-19, кој може да направи тешки компликации.
Д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, вели дека од околу четири илјади породувања годишно што ги имаат на Клиниката, многу малку бремени жени се вакцинирани.

– Од досега дадените вакцини во светски рамки, студија од околу 200.000 бремени жени покажа дека вакцините се безбедни, тие се безбедно породени и немаат никаков проблем. Имаше едно тврдење дека вакцините влијаеле врз плодноста, но не е точно. Напротив, кога бременоста е планирана или кога се подготвуваат за ин витро, и двајцата треба да бидат вакцинирани. Оние што веќе останале бремени, препорачуваме да ја примат вакцината по 14. гестациска недела до третиот триместар, за да заврши органогенезата – вели д-р Јовановска.

Таа објаснува дека подобро е жените да се вакцинирани пред бременоста, но доколку се случи да се вакцинираат, а да не знаеле дека се бремени, нема препорака да се прекинува бременоста.

Имаше такви прашања, што да прават, дали да ја прекинат бременоста бидејќи се вакцинирале, а не знаеле дека се бремени. Во светски рамки нема препорака да се прекинува бременоста, туку бременоста треба поинтензивно да се следи. На ниедна вакцина нема препорака да се направи тест за бременост за да прими вакцината – вели д-р Јовановска.

Д-р Викторија Јовановска

Таа објаснува дека во последно време имаат бремени жени кои се вакцинирале и чии бремености ги водат на Клиниката.

– Многу помалку се пациентки што сме ги убедиле да се вакцинираат оти во трет триместар имаат повеќе проблеми ако заболат од ковид-19, тогаш доаѓа до предвремено породување, лоша клиничка слика, хиперкоагулабилноста со текот на бременоста се зголемува, а и ковидот ја потенцира. Најголемите проблеми се во третиот триместар и ние препорачуваме додека да стаса до третиот триместар, трудницата да се вакцинира. Единствена разлика во начинот на примање на вакцината кај бремените е што меѓу првата и втората доза треба да се направи пауза од осум недели – вели д-р Јовановска.

Таа објаснува дека ова се светски препораки, кај нив нема вакво искуство и тоа го црпат од светските искуства и студии.

– Дел од гинеколозите ги советуваа бремените жени да се вакцинираат, а дел да не се вакцинираат. Ние ги извадивме податоците од Американската асоцијација на гинеколози и акушери и од Кралскиот колеџ. Оваа студија е репрезентативна и од тие податоци и упатства направивме наши упатства на стручен колегиум на ГАК пред два-три месеци. Овие упатства ги пративме до Здружението на гинеколози и до Лекарската комора за да бидеме унифицирани во нашите ставови – вели д-р Јовановска.

Ајла Шабани, асистент докторанд во родилна сала на ГАК, вели дека за време на пандемијата имале повеќе тешки случаи на бремени жени заболени од ковид-19. Таа објаснува дека болеста прави најмногу проблеми во третиот триместар од бременоста и дека се случува поради влошената здравствена состојба на трудницата, предвреме да ја породат, иако нема гинеколошко-акушерска индикација за предвремено породување. Пациентките со ковид-19 ги прегледуваат и лекуваат на одделот за изолација.

Зависно во кој триместар се пациентките, тие што се во прв и втор се со лесна клиничка слика, ги прегледуваме, им правиме ултразвучен преглед и сѐ што треба, па ги препраќаме на Инфективна клиника да ги прегледа инфектолог. Со потешка клиничка слика доаѓаат во трет триместар и тие најчесто ги хоспитализираме кај нас. Имаме мултидисциплинарен пристап, од акушер, анестезиолог, инфектолог и заеднички одлучуваме што понатаму. Зависно од клиничката слика, се бара инфектолог, ако дојде до влошување на состојбата, заедно одлучуваме што со бременоста понатаму и како да се постапи – вели Шабани.

Ајла Шабани

Таа објаснува дека имаат посебен пристап кон секоја бремена жена со ковид-19 и дека за време на пандемијата е зголемен бројот и на предвремени породувања.

– Потребен е посебен третман и посебен пристап кај нив. Секоја одлука е многу важна. Над 500 ковид-позитивни пациентки од почетокот на пандемијата се породени кај нас. Се случува да нема акушерска индикација, но беа породувани поради влошување на состојбата кај мајката од ковид-19. Ниедно од овие предвреме родени бебиња не беше ковид-позитивно. Тие бебиња што се породени од мајки што имаат прележано ковид-19 или се вакцинирани имаат пасивен имунитет – вели Шабани, која додава дека имаат и починати родилки што биле заболени од ковид-19.

На бремените жени таа им препорачува да се вакцинираат бидејќи вакцината спречува тешка клиничка слика и смртност.

– Постојано им кажувам дека ризикот од болеста е поголем отколку ризикот од вакцината. Им кажувам колку е тешка клиничката слика за време на бременоста и се обидувам да им влијаам врз одлуката – вели Шабани и додава дека се трудат на секоја жена со ковид-19 што се породила кај нив да ѝ го олеснат периодот кога е одвоена од бебето додека трае лекувањето, со тоа што постојано ѝ даваат соодветна информација или советување од психолог.

Таа вели дека бремените жени што не се чувствуваат добро и ќе им се појават симптоми, веднаш да побараат лекарска помош бидејќи имале случаи кога жените дошле на Клиниката во тешка состојба.

– Имаше пациентки што дојдоа во многу тешка состојба, чекале дома неколку недели, лекувани со терапија и едната заврши во лоша состојба. Има лекарства кои се дозволени во бременост, има терапија за нив, подобро навреме отколку кога ќе биде доцна. Имавме еден таков тежок случај кога млада мајка почина, а бебето преживеа. Ако дојде до тешка пневмонија, многу е тешко лекувањето. Од самата бременост има промена во градниот кош и капацитетот е помал, исто така, има имуносупресија во бременост, самиот организам многу тешко се брани. И коагулационите промени ги има во бременоста, а со ковидот уште повеќе се влошува. Ова го зборувам општо, не само за бремени жени, бидејќи помагам и во ковид-центарот – вели Шабани.

На мајките што биле болни од ковид-19 или се вакцинирани им се препорачува да го дојат бебето бидејќи нема контраиндикација, туку напротив, му се пренесува пасивен имунитет.

– Последното дежурство имавме пациентка на која сатурацијата ѝ падна под 70 и моравме итно да ја породиме со царски рез. Пред неколку дена е извадена од респиратор и сега е многу подобро, а за мене како лекар тоа е многу убаво чувство – вели Шабани.

Фото: приватна архива



912

X