На онлајн-анкетата 61,9 отсто од родителите одговориле дека не би ги пуштиле децата во градинка откако ќе се отворат, а 38,1 отсто би ги пуштиле

Повеќето родители не би ги пратиле децата во градинките ако се отворат за време на пандемијата и додека има заболени од коронавирусот. Сметаат дека не е безбедно кога владее Ковид-19 нивните деца да се во контакт со повеќе деца во градинка затоа што не секогаш заболените имаат симптоми, па лесно би се заразиле во градинка. Многу родители велат дека нема кој да им ги чува децата ако мора да одат на работа, а дел сметаат дека градинката е неопходна за нив и затоа би ги пуштиле.

Оние што се категорични дека децата не би ги пуштиле во градинка би ги чувале сами или со помош на баба и дедо. А би ги пратиле во градинка од септември, или кога тотално ќе заврши пандемијата и ќе нема воопшто заболени.

Најголем дел од родителите велат дека летото би го поминале дома, на село или на планина.

Ова се најчестите одговори на анкетата на Деца.мк за тоа дали родителите би ги пуштиле децата во градинка доколку се отворат, на која добивме одговор од 1.357 испитаници.

На прашањето „Дали би ги пуштиле вашите деца во градинка кога ќе ги отворат?“, со опциите „да“ и „не“ одговориле 1.338 анкетирани. Од нив 61,9 отсто одговориле дека не би ги пуштиле децата во градинка откако ќе се отворат, а 38,1 отсто би ги пуштиле.

„Многу деца, малку вработени“, „Кој не страдал, не знае“…

И покрај тестирањата на вработените во градинките и внимателно донесениот протокол за работа и строгите мерки, многу родители или немаат верба во системот или не веруваат дека децата може да останат незаразени. Сметаат дека е невозможно да се спроведе донесениот протокол. На прашањето „Зошто (не) би ги пуштиле децата во градинка“ голем дел од родителите велат дека на оваа возраст е невозможно да се држи дистанца, која е една од главните мерки за заштита.

– Бројката на заболени расте. Лудост е да се пуштат сега децата во градинка. Треба да сме луди да ги пуштиме во градинка – вели еден родител.

– Со оглед на моменталната состојба на новозаболени, во градинките нема услови за работа по протоколите. Вработените ги тестирааа премногу рано, така што не значи дека ако биле негативни на тестот, нема некој од вработените да биде позитивен кога ќе почнат со работа. Не верувам во тестови правени на воспитувачките пред еден месец – одговора испитаник.

Дел од одговорите на анкетираните се: „Едвај закрепна од бронхитис, сега уште корона ни фали. Кој не страдал, не знае“. „Не би го пуштила детето в градинка затоа што се преголеми групите, а малку воспитувачи. Не можат да се спроведат мерките“. „Тестирањето на вработените во градинките е чудно и не е за верување. Сега е најголемиот пик на вирусот, а децата се најранлива категорија. Детето од градинка ги носи сите сезонски вируси, овој вирус ќе биде кобен за бабите и дедовците“. „Затоа што има хронично заболување астма, а за децата со хронично заболување нема донесено мерки што ќе се прави откако ќе ги отворат градинките“.

„Изолирањето е полошо“, „Нема кој да го чува“…

Има родители што сметаат дека во време на пандемија трпи социјализацијата на децата, а секако и рутината и образованието, кое е клучно за детскиот развој. Велат дека на децата им е потребно дружење, оти не се издржува веќе ниту дома ниту во самоизолација, и велат дека што побргу треба да им се обезбеди дружба на децата и да се отворат градинките.

– Седењето дома е поголем проблем за децата. СЗО предвидува траење на пандемијата со години, дали тоа значи дека трајно ќе ги уништиме генерациите деца без образование – вели еден родител.

– Бидејќи градинката е неопходна за психо-физичкиот раст и развој на секое дете, градинката е место за социјализација и доколку децата не ја посетуваат, можно е да има големи последици врз нивната психа – пишал друг испитаник.

– Зашто дома му е досадно и си ги бара другарчињата. Полошо е ова изолирање на децата, без ред – вели друг родител.

– Затоа што нема кој да ја чува. Затоа што веќе 3 месеци работам од дома и го чувам детето истовремено, што одреден период е океј, но на долг рок е неизводливо. Затоа што сметам дека ѝ фали социјализацијата со децата од градинка, бидејќи колку и да пробувам да ја дружам со деца додека сме дома, не е исто како тоа што го добива во градинка од тој аспект – е уште еден одговор на родител кој смета дека веднаш треба да се отворат градинките.

Неколку родители одговориле дека децата спаѓаат во најмалку ризична група и како секаде во светот, неопходно е да посетуваат градинка.

Делумно е безбедно во градинките

На прашањето „Дали сметате дека е безбедно да одат во градинка?“ голем број од испитаниците одговориле дека воопшто не е безбедно, дури и дека е опасно.

– Не е безбедно бидејќи теоретскиот дел на протоколот не е возможно да се спроведе во практика – вели еден родител.

-Релативно е безбедно, во споредба со игралиштата и парковите што ги посетуваме секојдневно во некоја мера и побезбедно – пишува друг родител.

– Делумно безбедно. Сепак, одиме на лулашки и шетаме бидејќи не се седи дома по цел ден – е уште еден одговор на родител.

Голем број родители сметаат дека е најдобро децата да тргнат во градинка од септември, или кога ќе се намали бројот на заболените, некои – кога воопшто ќе нема заболени. Но, има и родители што велат дека е најдобро веднаш да тргнат децата во градинка, и дека таа е најприродно место за дружба на децата.

– Градинките требаше да бидат првите субјекти што ќе бидат отворени при олабавување на мерките затоа што многу луѓе зависат од нив и без тоа не можат да се вратат на работа. Мерките за ослободување во голема мера не се почитуваат и дел од луѓето (жени) ги загубија работните места или, пак, децата ги чуваат баби и дедовци (кои се ризична категорија) што се коси со логиката дека градинките не се отвораат затоа што децата се најголеми преносители и со тоа се штитат критичните групи. Во земји како Холандија и Германија градинките беа отворени затоа што децата се најмалку ризична категорија и не разбирам зошто во нашата земја отварањето на градинките е поризично за целокупната ситуација од отворање на ресторани или погони за производство со стотици луѓе – одговорил еден родител.

Со дедо и баба, дадилка…

Кога се отвора прашањето кој би ги чувал ако не се отворат градинките, најчест одговор е самите родители или нивните баби и дедовци. Некои велат дека би дале отказ од работа, има и такви што веќе добиле отказ, а некои велат дека ќе ангажираат дадилка.
Но не сите родители што мораат да работат се во можност да ги чуваат децата деновиве, мака мачат со барање алтернативни решенија, немаат кому да ги остават и едвај чекаат да се отворат градинките и децата да можат да тргнат, а тие да можат одговорат на професионалните ангажмани.

Лето низ Македонија, по планини и села

На прашањето како планирате да го организирате летниот распуст со децата, родителите ни пишаа дека ќе се обидат да го поминат времето со повеќе прошетки во природа, на планина, на село, по дома, во двор, со базен, низ игра, забава, на викендица…

– Уживање, релаксација и игра во домашни услови. Низ Македонија, по планини, езера, реки, каде што нема метеж – се дел од одговорите на испитаниците кои најчесто се повторуваа во анкетата.

Дел од нив велат дека не знаат што би правеле летово и дека е невозможно да се планира.



912

X