Треба ли децата да научат како да го добијат она што го сакаат преку добри аргументи кои ќе ги изговорат на разбирлив, духовит и шармантен начин? Секако, ако сакате да стигнат некаде во животот, пишува д-р Маркам на својот блог „Аха родителство“.
Но, како да им се помогне на децата да го надминат тој премин? Цимолењето е вообичаено за малите деца и децата од претшколска возраст. Експертите обично ги советуваат родителите да бараат од децата да им се обраќаат со „нормален“ глас бидејќи не можат да поднесат цимолење. Но, тоа е само симптом на подлабок проблем. Ако сакате да се ослободите од цимолењето, морате да се ослободите од она што е во подлогата. „Има 6 испробани тајни што ќе ви помогнат ако ве полудува цимолењето на детето. Која тајна ќе ја користите, зависи од тоа зошто цимоли детето“, советува д-р Маркам.
1. Цимоли бидејќи нема можност да се справи со она што се бара од него
„Кога луѓето се препрлавени со емоции, стануваат кенкави. Да се уште малечки, би се фрлале на под и би плачеле, но на 3 или 4 години наместо тоа, може да кенкаат и да цимолат. Ако не сте им ги задоволиле основните потреби како храна, одмор, игри и поврзување со вас, сметајте на плачот. Можеби нема да цимоли како обично, но ако инсистирате да го издржи шопингот во продавница или трговски, а детето е гладно и изморено, сигурно ќе цимоли и ќе кенка“, вели психологот. Зошто да се создава негативна ситуација која ве мачи и вас и детето и придонесува за стекнување навика за кенкање и цимолење?
2. Цимоли бидејќи му треба поголема поврзаност
„Овозможете му на детето што повеќе позитивно внимание. Дејствувајте превентивно давајќи му внимание пред да го побара. Секој што мора да го праша партнерот „Дали ме сакаш?“, знае дека вниманието што го добил по прашањето никогаш не може всушност да ја пополни потребата“, појаснува д-р Марам. Тајната е во иницијативата на своето дете да му се даде она што не го барало и тоа доволно често за да чувствува потпора и поврзаност. Особено е важно да се понуди потпора во ситуација кога детето бара емотивна поврзаност, пред сè да тргне на лошо. „Не, не давате награда за лошо однесување ако на детето му се укажува внимание додека цимоли. Ако плаче поради глад, дали би мислеле дека го наградувате тоа однесување ако го нахраните детето?“, истакнува психологот, додавајќи дека наша должност е на детето да му дадеме сè што му треба, а поврзаноста е основната човечка потреба и без неа децата не можат добро да функционираат.
3. Цимоли и кенка бидејќи се чувствува немоќно
Лоренс Коен, автор на книгата „Игриво родителство“, вели дека децата цимолат кога се чувствуваат беспомошни. „Ако ги прекоруваме поради цимолењето или одбиваме да ги послушаме, го зголемуваме нивното чувство на беспомошност. Ако, пак, попуштиме само за да престанат да плачат, го наградуваме нивното чувство на беспомошност. Но, ако со смирен глас ги повикаме да аборуваат нормално, го зголемуваме нивното чувство на самопочит и компетенција. И на тој начин создаваме мост кон блискоста – наведува Коен. Д-р Маркам се надоврзува дека родителот не е тука за да манипулира со детето, туку за да се поврзе со него. „Почнете така што ќе му дадете до знаење дека слушате што сака и го разбирате неговото гледиште. Навистина сакаш да одиме во парк и тоа ми го велиш, а не очекуваш дека ќе застанам кај секоја продавница и сега си разочаран, зарем не? Понекогаш е доволно само да чувствуваат дека ги слушате и тоа ќе го спречи плачењето“, вели таа.
Но, ако кенкањето продолжи и покрај тоа, таа советува родителите разиграно да прашаат: „Не звучиш како ти. Каде ти исчезна оној твој силен глас? Изразете уверување дека детето може да користи силен глас и понудете му помош да го побара. Претворете го тоа во игра“. На пример: „Каде исчезна твојот силен глас? Беше тука пред минутка. Го обожавам твојот силен глас. Ќе ти помогнам да го побараш. Помогни ми во барањето. Дали под столот? Не… Зад вратата? Не…Еј, го пронајде! Тоа е твојот силен глас! Јупии, го сакам овој глас. Сега повторно кажи ми што ти треба, но со силниот глас“.
Понудете му на детето алтернативни алатки за пристојно да замоли за нешто и притоа да преговара околу тоа. Цимолењето е функција на немоќта, а вашата помош за детето да го совлада тој проблем користејќи разумни мерки ќе му помогне и во иднина. Со други зборови, не сакате да го научите детето дека сè во животот ќе добие со плачење и изливи на бес. Детето треба да научи дека она што го сака може да го добие со совладување на емоциите, согледување на работите од туѓа перспектива и овозможување на ситуации кои на сите им носат победа – смета д-р Маркам. Ако немате време за одење во парк, не одете, но бидете емпатични кон желбата на детето и водете го низ кризата, но ако вашата забелешка е врзана за неговото плачење повеќе отколку за барањето и ако успее да се прибере за да може на разумен начин да каже што сака, тогаш ќе успеете да создадете ситуација во која и двајцата ќе победите.
4. Цимолење поради плачење
Детето има многу емоции поради работите што го оптоваруваат, како фактот дека во петок, на пример, го оставате кај дадилката, друго момче му ја зело играчката, пристигнува ново бебе во семејството и слично… Нема крај на изворите на стрес за малите деца. Тие се решаваат од стресот со едноставно плачење, но како што растат, развиваат самоконтрола и наместо да плачат, тие цимолат. „Бидете благи во одговорот на неговото кенкање до доаѓањето дома, па поминете одредено време со него. А потоа земете го во скутот, погледнете го в очи и кажете му: Забележувам дека си кекнав и тажен, злато. Ти треба само да се галиш и да плачеш? Сите понекогаш треба само да плачат. Тука сум да те прегрнам“, советува д-р Маркам.
5. Цимолење поради успех
Не наградувајте го цимолењето, па не попуштајте и не купувајте му подарок. Но, нема ниту причина да се биде нељубезен кон детето поради кенкањето. Со одговарањето на неговите потреби за емпатија му помагате да се чувствува помалку разочарано. И нема ништо лошо во тоа да побарате нешто што ќе го усреќи, како големо црвено јаболко или одење во парк. Тоа го учи да бара и да предлага ситуации во кои и двете страни се победнички. Ако, како контраст, чувствува дека го добива она што го сака само ако цимоли, ќе стане експерт за тоа – предупредува д-р Маркам.
6. Цимоли бидејќи ќе направите сè за да го спречите
Зошто родителите толку го мразат цимолењето? Бидејќи тоа е позрела верзија на плачењето. Децата на тој начин покажуваат дека сакаат внимание, а луѓето се програмирани така што реагираат на цимолењето исто како и на плачот на малите деца. Затоа чувствувате тегоба кога ќе чуете кенкање и ќе направите сè за да го спречите. „Но, тогаш треба да дишите длабоко бидејќи тоа не е итна ситуација. Ќе се чувствувате подобро и ќе бидете подобар родител. Не дозволувајте да се создаде кавга. Немојте да се чувствувате како нешто да морате да направите за да решите проблем, освен дека го сакате своето дете. Насмевнете му се и прегрнете го. Во повеќето случаи, цимолењето веднаш престанува“, заклучува д-р Маркам.