Многу жени доживуваат промени на кожата во бременоста, а тоа се случува како резултат на физичките, хормоналните и имунолошките промени кои природно се случуваат во тој период. Додека е важно да се препознаат и да се сфати зошто се случуваат, исто така е важно да се знае кога треба да се побара мислење од експерт.

Бенки

Бенките може да се менуваат во бременоста, но во најголем дел се бенигни. Всушност, 10 проценти од бремените жени пријавуваат промена во големината и бојата на постојните бенки. Овие промени примарно се физички феномен поради растегнувањето на кожата, кое природно се случува како дел од бременоста. Регионите како абдоменот и градите имаат тенденција да се шират побрзо, па бенките што се на тие места може да станат поголеми. Сличен феномен може да се забележи и со менувањето на бојата. Како што бенките се шират, нивниот пигмент станува повеќе дистрибуиран на поголема површина и затоа може да изгледаат посветли од порано. Иако повеќето жени стануваат загрижени за промената на бенките, тие физиолошки промени често знаат да се лажен аларм.

Па, како да знаете кога да бидете загрижени?

Кога се работи за знак за потенцијален рак на кожа? Ништо не може да го замени прегледот на лекар, но има неколку правила кои може да ги следите:

Асиметрија – Ако бенката е пресечена на половина, а едната страна не изгледа како другата, тогаш се смета за асиметрична.
Граница/рамка – Границите на бенигна бенка обично се мазни и остри. Оние што се нерамни или бледнеат во кожата, се сметаат за нерегуларни.
Боја – Бенигните бенки обично имаат помалку од 3 бои. Повеќе бои или екстремни бои, обично црни, бараат поголемо внимание од лекар.
Дијаметар – Бенките со дијаметри поголеми од 6 милиметри имаат поголема шанса да бидат атипични.
Еволуција – Бенките кои брзо се менуваат се потенцијално позагрижувачки.

Прашајте го својот лекар или дерматолог за преглед ако забележите промени на постојните бенки или ако ви се појават нови бенки. Вашиот лекар може да понуди клинички алатки, како дерматоскопија, за понатамошно испитување, или биопсија ако е потребно.

Стрии

Една од најчестите кожни промени во бременоста се стриите. Се случуваат поради забрзано зголемување на сврзните ткивни влакна, а најчесто се појавуваат на абдоменот, градите и на колковите. Кога се појавуваат, обично се црвени и прилично видливи, а потоа црвенилото се намалува и добиваат боја слична на самата кожа. Нема совршен третман за целосно исчезнување на стриите, но специфични ласери може да го намалат црвенилото и да ја измазнат малку текстурата на кожата.

Кафени дамки

Многу бремени жени забележуваат вертикална кафена линија која се појавува на нивниот абдомен. Таа состојба се нарекува „линеа нигра“, како резултат на хормонални промени за време на бременоста и не е причина за загриженост. Слично физиолошко кожно затемнување може да се забележи и на други места, како кај гениталиите и внатрешноста на бутовите. Овие промени се бенигни и ако не се проследени со симптоми како чешање и пукање на кожата, тогаш се сметаат за природен дел од бременоста, а може да се третираат со козметички процедури и производи. Ако забележите промена на бојата, побарајте совет од лекар. Егземата може да биде добро контролирана со промена на навиките за капење, користењето на кремовите и слично.

Акни

Акните може да се појават во зголемена мера во бременоста, а може да се различни и најчесто застапени на лицето. Не се нешто различни од акните што се појавуваат во адолесценцијата, но може да бидат навистина „напорни“, додека пак лекувањето може да биде потешко затоа што лековите за акни често се обележани како небезбедни за користење во бременост. Избегнувајте третман на акните додека детално не разговарате со својот лекар, кој ќе ви каже кој начин е најбезбеден за вас.

Кожните промени во бременоста се многу чести и најчесто не се загрижувачки. Многу од овие промени градациски напредуваат во бременоста, но не вознемирувајте се бидејќи повеќето од нив спонтано ќе се подобрат по породувањето. Се разбира, никогаш не е лоша идеја да се консултирате со својот лекар или дерматолог за оваа тема, бидејќи се работи за важен период од вашиот живот и паметно е да бидете информирани за безбедните и ефективни начини за справување со промените.

Автор: д-р Дени Гуо, дерматолог

Извор



912

X