Децата често не знаат да ја изразат својата љубов преку зборови кон своите родители или постари браќа и сестри. Обидете се да забележите како детето ја изразува својата љубов кон вас за да можете да му кажете на детето дека го сакате на вашиот специјален начин. Во денешното модерно општество да се одгледа среќно, самоуверено, емоционално здраво дете е многу тешко. Изгледа децата зборуваат на сосема поинаков начин од своите родители, но сепак јазикот кој обединува е јазикот на љубовта.

Секој од нас има јазик на љубовта кој го преферира, а тоа ни помага да пронајдеме смисла во светот. Одвојте време за да ги забележите начините на кои вашето дете ја изразува љубовта кон вас, другите деца, како и членовите на семејството. Дали ви даваат мали подароци, дали бараат од вас да ги слушате, дали ве прегрнуваат или бараат зборови на поддршка од вас? Начинот на кој детето ја изразува љубовта кон вас е и начинот на кој тоа сака да прими љубов од вас.

Петте јазици на љубовта

1. Физички допир – Прегратките и бакнежите се најчестиот начин за изразување ваква љубов, но исто така тука спаѓа и фрлањето на детето во воздух или вртењето, читањето приказни или седнувањето во вашиот скут, па дури и справувањето со тинејџерската коса. Физичкиот допир е еден од најсилниот гласови на љубовта кој извикува „те сакам“.

2. Зборови за одобрување – Пофални зборови, внимание, охрабрување и водење се начините на кои кажуваме: „Се грижам за тебе“. Зборовите може да ја негуваат душата на вашето дете и да му дадат длабоко чувство на сигурност. Па, ако ова е примарниот јазик на вашето дете, тогаш внимателно избирајте ги зборовите со кои му се обраќате и имајте нежен тон на гласот. Ценете, не критикувајте и барајте начини за позитивно да ги охрабрувате вашите деца.

3. Квалитетно време – Се работи за доделување соодветно внимание на вашето дете. Сите сме слушнале за овој израз, но знаеме и дека често не го даваме најдоброто од себе. Десет минути поминати во разговор со детето и неправењето ништо друго во тој период е квалитетно време. Петнаесет минути составување сложувалки заедно со вашето дете е квалитетно време. Играње компјутерски игри заедно е квалитетно време. Да се биде присутен во моментот и да не го проверувате телефонот или да подготвувате вечера во тој период е поминување квалитетно време. Целта е да бидете заедно.

4. Давање и примање подароци – Ова е природна човечка активност. Начин на кој се кажува „ти благодарам“. Немојте постојано да му давате подароци на детето, а да не поминувате време со него, или да му давате награда зашто ја исчистило својата соба – односно не користете го подарокот како манипулација. Со тоа испраќате измешани сигнали кои го збунуваат детето. Сепак, специјален подарок изненадување или нешто невообичаено кое покажува дека сте внимателни е знак за љубов и грижа, особено кај детето чиј примарен љубовен јазик е ваквиот тип на внимание.

5. Дела како услуги – Родителството по својата природа е ориентирано кон служењето. Крајната цел во завршувањето одредени работи во служба на вашите деца, на пример, местење на нивниот кревет или перење на нивната облека, е да им се помогне да пораснат во зрели возрасни лица кои ќе знаат да го прават тоа и со текот на времето ќе станат независни. Родителите треба да бидат тактични и да не претераат со ваквите однесувања. Сепак, помошта во поправката на велосипедот, земањето на детето од диско и слично, покажуваат дека го сакате детето и се грижите за него.

Безусловна љубов

Децата треба да знаат дека се сакани такви какви што се – ова е познато како безусловна љубов. Тоа им помага да се развиваат, да бидат полни со самодоверба и да пораснат во одговорни, стабилни и среќни возрасни лица, ослободени од вина, страв и несигурност. Секое дете има место од каде што ја црпи емоционалната сила за да се справи со секојдневните предизвици додека расте. Па, логично е да го знаеме и да го разбереме јазикот со кој детето ја изразува својата љубов кон нас, со цел тоа да ја црпи емоционалната сила и да го достигне својот вистински потенцијал.

Извор



912

X