Колку и да го сакате своето дете и времето што го поминувате со него, понекогаш, само понекогаш – потребен ви е и одмор. Можеби не е во прашање ниту одмор, туку други обврски што се насобрале и едноставно немате време за игра, колку и да сакате. Но и вам понекогаш ви треба некоја идеја како да го заинтересирате детето за самостојна игра, па еве седум од нив.

1. Облекување

Облекувањето не е добро само за забава, туку и за развојот на детето. Облекувањето во различни маици, чевли, шапки, нема само да ги забавува некое време, туку и ќе ги научи децата да се разбираат самите себе, но и другите. Изберете облека која веќе не ја носите, ставете ја во една посебна кутија и кога ќе ви затреба, извадете ја. Кажете му на вашето дете да ја вклучи фантазијата и да се облече како што сака. Барем 20 минути ќе бидете мирни, а можеби и повеќе!

2. Музика

Музиката е забавна и за слушање и за движење, а помага и во развивањето на меморијата и на јазикот. Поттикнува движење и ги подучува децата на концептите за ритам кои ќе останат со нив во текот на целиот живот. Затоа, дајте му на детето инструмент, поттикнете го да игра и предложете му да пеете заедно додека вие завршувате други обврски.

3. Сложувалки и мемориски игри

Ако сакате вашето дете да вежба трпение, фокус и меморија – ова се игрите за него. Во зависност од возраста на детето, можете да се обидете да му дадете едноставна загатка или некоја шарена картичка што ќе ја составува. Ако е малку постаро, тогаш мемориските игри се одличен начин неговиот мал мозок да биде зафатен. Можете дури и да му дадете испрани шарени чорапи и да го поттикнете да ги спари.

4. Цртање и боење

Креативни, практични активности го држат умот на децата зафатен и ги поттикнуваат да бидат креативни. Одберете еден дел од куќата или станот во кој секогаш ќе имате пенкала, боици, фломастери и хартии или боенки со кои детето може да си игра. Освен тоа што времето побрзо ќе помине, а детето ќе се забавува, исто така ќе учи и за боите и за формите и ќе ги развива своите способности.

5. Лего-коцки

Овие коцки и дрвените коцки помагаат децата да усвојат просторна свест, координација на рацете и на очите и размислување за физиката. Овој вид игра е клучна за развојот на секое мало дете, одлична е за самостојно забавување на детето и давање време и простор за родителите.

6. Колекции

Ова е одличен избор кога на родителите им е потребно време. Помогнете му на своето дете во собирање салфетки, автомобили во различни бои, цветови или школки и нека ги држи во посебна кутија. Кога ќе дојде време, предложете му да ја провери својата колекција и да си поигра со неа.

7. Време пред екран

Понекогаш, само понекогаш, кога има некој цртан, оваа активност може да ви се најде. Ограниченото време пред екраните и гледањето квалитетни содржини не се толку лоши за децата, но секако треба да се биде внимателен. Се разбира, науката смета дека гледањето интересна и поучна содржина со детето е многу подобра, но понекогаш тоа едноставно не е можно!

Автор: Бланка Брезиншчак



912

X