Една вечер кога мојот син имаше 12 години, кажа со весел тон: „Мамо, поминав повеќе време од животот со Мејбл отколку со тебе и тато“. Мејбл е нашата дадилка, па ако се земат часовите на поминато време заедно, технички тој е во право. Ова се работи што вработен родител никогаш не сака да ги слушне. Веќе доволно се мачиме себеси со таа математика. Во текот на работните денови можеби поминуваме само 2 часа со децата (во зависност од нивната возраст) и лесно е да добиете чувство на вина и тага поради тоа. Кога Серена Вилијамс ја доби својата ќерка, се пожали на „Твитер“ дека го пропуштила моментот кога нејзината ќерка почнала да оди затоа што тренирала за „Вимблдон“. Кој родител не може да се поврзе со ова? Ќе има уште многу важни моменти на кои ќе присуствувате, но кога ќе пропуштите еден, ви се крши срцето.

– Клучните моменти се прекрасни, но тие се само мала фракција од сето она што на животот му дава значење. Најважно е да ги сакате, да се грижите и да ги поддржувате вашите деца – вели Соња Љубомирски, професор по психологија на Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд.

Студија спроведена од Школата за бизнис на Харвард покажала дека и децата на вработени мајки растат во среќни возрасни лица како и оние чии мајки се дома. Сепак, постојат начини на кои може да пристапите за да поминете квалитетно време заедно со дечињата.

Фокусирајте се на сегашниот момент

Истражувањата покажуваат дека тајната на задоволството е едноставно да се одвои време за да се ужива во малите задоволства во денот – слаткиот начин на кој вашето дете погрешно кажува некој збор и слично. Бидете благодарни што можете да ги гледате децата како спијат – не фокусирајте се на нередот, туку на сегашниот момент бидејќи размислувањето за каењето или други негативни емоции ќе ве направат само поанксиозни и повознемирени – вели д-р Љубомирски.

– Тешко е да се премине од грижи на работа на грижите за децата и нивните барања и да очекувате од себеси да бидете 100 проценти присутни – вели Кејт Роуп, автор на „Силна како мајка: Како да останете здрави, среќни и (во поголем дел) разумни од бременоста до родителството“. Некои родители наоѓаат смиреност и опуштање во слушање аудиопоткаст или аудиокнига во автомобилот додека одат дома, па имаат триминутна медитација која им помага во транзицијата од работната атмосфера во домашната.

Целта треба да биде константно поврзување

– Не треба којзнае колку за да се поврзете со детето. 10 добри минути може да ја променат целата измината недела – вели Роуп. Тие 10 добри минути треба да бидат исполнети со разговор, па можете, на пример, да направите квиз каде што детето ќе одговара на прашања за природата и науката.

Најдете мали начини за да го намалите чувството на притисок

Мојата баба емигрант од Ирска, која работеше во продавница, ја местеше масата за вечера пред да замине на работа наутро. Мојата пријателка Су се буди еден час порано од децата за да пушти машина за перење и да плати сметки, со цел потоа кога ќе дојде дома, да им се посвети на децата. „За среќа, јас сум утринска личност. Имам чувство на контрола на тој начин“, вели таа. Дејзи Даулинг, основач на „Воркперент“, фирма за тренинзи кои се фокусираат на вработени родители, тврди дека овој трик помага да не се губи време на обврски кога сте зафатени со децата. Направете листа на приоритети и држете се до нив.

Оставете го телефонот

– Уредите навистина го попречуваат патот – нè искушуваат да одговориме веднаш кога всушност треба да бидеме присутни со нашите деца – вели Лори Сантос, професор по психологија на „Јејл“. Модерниот работен свет очекува од нас да бидеме 24/7 достапни, а социјалните медиуми креираат различен вид обврски: Како сите пријатели што сме ги знаеле и со кои сме зборувале некогаш да споделуваат лични, возбудливи или вознемирувачки вести. Но, да се обидувате да бидете тука за сите, во секое време, е рецепт за емоционално прегорување.

– Уредите може да го активираат несоцијалниот дел од мозокот кој се фокусира повеќе на стимулација отколку на поврзување со другите – објаснува Даниел Џ. Сигел, клинички професор по психијатрија на Школата за медицина на УКЛА. Многу нешта зависат од возраста на децата и вашата професија, но сè повеќе семејства имплементираат практики на отфрлање на уредите во текот на вечерните часови или, на пример, откажување од социјалните медиуми во викендите.

Моќта на допирот

– Кога се остварува допир, се активира социјалниот дел од мозокот  – чувството дека сте дел од нешто поголемо од себеси – вели д-р Сигел. Докажано е дека контактот кожа на кожа им помага на прерано родените деца да добијат на тежина побрзо, а исто така е докажано дека ги намалува болката и анксиозноста кај децата на сите возрасти. Неодамнешна студија покажала дека допирањето на раката на вашите сакани не само што го намалува стресот, туку и го синхронизира чукањето на срцето со мозочните бранови. Па прегрнувајте ги своите деца кога и да можете и поврзувајте се со нив и на психолошко ниво.

Како родител што работи, не можете да бидете постојано присутни. Магијата во сакањето дете толку многу е што можете да пронајдете клучни моменти и во најмалите нешта.

Ритуал што нè поврзува

– Петок вечер е утврдена како семејна ноќ за такоси и без користење уреди. Нема поминување време пред екран, освен ако сите заедно не гледаме нешто или играме – Мелиса Ганинг, дигитален уредник, Калифорнија.

– Секоја вечер јас и мојот сопруг пееме песна со нашето 5-годишно дете и 2,5-годишните близнаци. Правиме гестови со рацете и се смееме и навистина е забавно – Џесика Пиви, ветеринар, Вирџинија.

– Трчам со моето 7-годишно дете наутро во викендите и тоа е одлично. Таа постојано ми поставуава прашања – д-р Соња Љубомирски.

Автор: Лиса Ломбарди

Извор



912

X