Изгледа како да постои неограничена количина на информации за одгледувањето деца и она што им е потребно. Тоа богатство на информации, интернетско и во книгите, експоненцијално се прошири во последните неколку години. Иронијата е дека тие совети што ги има во изобилство не мора нужно да бидат од голема помош. Може дури и да одмогнат, комплицирајќи ги работите, кога не се знае што точно да се чита и кои упатства да се следат. Како ќе знаете што навистина му треба на вашето дете кога советите од еден извор се контрадикторни на советите од друг извор? Има добри вести – комбинацијата од децении истражувања и понови студии за развој на мозокот доведува до 5 чекори кои можете да ги користите за вашето дете да се развива:

Повеќе од сè на светот, на вашето дете му треба љубов и грижа

Цврстиот однос со родителите од самиот почеток значи повеќе за детскиот развој од што било друго. Секојпат кога реагираш на детските потреби со љубов, детето учи дека некој е секогаш тука и дека секогаш ќе се грижи за него. На тој начин децата учат да им веруваат на другите и дека не се сами. Преку тие топли интеракции, вашето дете развива чувство за себе како личност која заслужува да биде сакана и згрижена и која има свој пример – вие! Нели тоа е она што сите го сакаме: дете кое е полно со самодоверба околу тоа кое е и покажува љубезност кон другите? Темелот на тоа лежи токму во односот полн со љубов со родителите.

Разговор со бебето е секојдневно учење

Кога пеете песни или приспивни песнички, вашето дете го слуша јазикот опкружен со пријатноста на вашиот глас. Кога разговарате со детето за тоа што правите, на пример: „Време е да те облечам, прво ќе ја земеме твојата зелена маица“, или „Тој багер оди толку брзо кога ќе го турнеш“ – детето учи нови зборови, учи за моќта на јазикот и како да комуницира. А кога му читате на детето, воспоставувате љубов кон читањето и го запознавате со писменоста. Исто така, именувањето на чувствата, како: „Беше толку лут“, му помага на детето да учи за емоциите. Разговор, пеење, читање – сето тоа се темели за иднина.

Држете се до рутините

Рутините се темел на стабилноста за вашето дете. Тие им помагаат на децата да го научат ритамот на денот и да се создаде чувство на внатрешна стабилност и мир. Рутините им помагаат на нашите деца да станат самостојни бидејќи знаат што да очекуваат и што следно ќе се случи. Освен тоа, децата од претшколска возраст обожаваат рутини, па затоа ако секојдневно ги имате, на пример, рутина пред спиење – ќе чувствуваат сигурност. Рутините се важни за која било активност што секојдневно ја правите – оброци, облекување, капење, одење во кревет, станување рано. Малите деца немаат чувство за време, а рутините им помагаат да создадет чувство на контрола и да се учат за поголема подготвеност во текот на денот. Тука треба да се спомене дека празниците се одлично време за нови ритуали или традиции во семејството. Како и рутините, традициите донесуваат одредена пријатност и на единствен начин го обликуваат семејството.

Сонот е задолжителен

Одмореното дете е среќно дете. Кога децата имаат доволно сон, подобро се справуваат со емоциите, учењето и интеракцијата со другите. Помалку е веројатно дека ќе станат премногу возбудени или премногу вознемирени и нивното однесување е севкупно посоодветно. Поставувањето добра рутина за спиење е клуч во помагањето на детето да го добие сонот што му е толку потребен.

Грижа за себе

Пред да почнете да размислувате за работите што му се потребни на вашето дете, морате да размислувате и да се грижите и за себе. Кога сте одморени, јадете поздрави и балансирани оброци и наоѓате време за себе, но и време за со партнерот – тогаш можете да му го дадете на вашето дете она што му е потребно. Покрај тоа, грижата за себе значи подобар однос со детето и поголема среќа за вас.

Мајчинството е голем предизвик, а многу е поедноставно ако како такво го претставите и се фокусирате на работите што се навистина важни.

Автор: д-р Това Клејн

Извор



912

X